СООПШТЕНИЕ

Независниот академски синдикат ја поздравува институционалната реакција на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), во врска со неправилностите во работењето на Ректорот на УКИМ и Интеруниверзитетската конференција. За истиот случај реагиравме со соопштение до јавноста и со барање за заштита на законитоста до Министерот за образование и наука, на кое се’ уште не сме добиле одговор. Пред речиси четири месеци ги образложивме истите наводи и ги поднесовме истите барања како и ДКСК за работењето на Интеруниверзитетската конференција. Со оглед на фактот дека академската заедница треба да биде пример во општеството, а во својот демант ректорот не ги адресираше воопшто овие прашања, апелираме за што поскоро расчистување на случајот и неутрализирање на штетните последици. Ваквото дејствување на Интеруниверзитетската конференција покрај тоа што го руши угледот на фелата, придонесе и за неможност да се формираат телата предвидени за обезбедување на квалитет во високото образование согласно новиот Закон за високо образование, а мандатот на стариот Одбор за акредитација и евалуација е веќе истечен, заради што сите постапки во врска со нови акредитации и реакредитации на високообразовните установи се спроведуваат во правен вакуум. Бараме од Министерот за образование и наука, г-н Арбер Адеми, итно преиспитување и ништовност на сите акти на Интеруниверзитетската конференција кои го поткопуваат интегритетот и легитимитетот во вршењето високообразовна дејност.

Vivat Academia!

Со почит, Независен академски синдикат (НАкС)

 

Линкови до наведените текстови:
https://novatv.mk/antikoruptsiska-bara-da-se-povede-krivichna-postapka-za-rektorot-na-ukim-jankulovski/
https://naks.org.mk/?p=1005