СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТ

 

Независниот академски синдикат (НАкС) уште еднаш сака да  изрази незадоволство од престојното најавено зголемување на платите во високото образование од само 5 %. Веќе подолг период на разни начини НАкС се обидува да им укаже на ресорното министерство и Владата за наталожените проблеми во високото образование и науката, вклучително и ниските плати, како и на неправедниот модел за нивна пресметка кој генерира неоправдани и неприфатливи разлики во висината на платите на вработените во различните јавни високообразовни и научни установи и единици во нивен состав.

Сакаме уште еднаш да напоменеме дека платите во високото образование, за разлика од другите сегменти на образованието, не се зголемени повеќе од десет години. Само по основ на зголемена инфлација и зголемени животни трошоци во овој период платите реално се намалени за повеќе од 50 %. Недозволиво е буџетското издвојување за плата на највисокото звање – редовен професор, да биде 1,3 просечни плати и да изнесува 34.438,оо денари, платата на младите соработници (кои по правило се најдобрите дипломирани студенти) да изнесува само 80 % од просечната плата, а дел од вработените да не го примаат ниту законски загарантираниот надоместок за минат труд. Ваква несразмерност не постои во ниту една соседна држава, а да не зборуваме за земјите од Европската Унија.

Оваа состојба, помеѓу другото, доведе до енормен одлив на млад кадар од универзитетите и огромно назадоволство на наставниот и научниот кадар во нашата држава. Во последните десетина години сме сведоци на континуирано и забрзано пропаѓање на науката и високото образование, како и на образованието во целост, со што долгорочно се руши еден од главните столбови на државата. Жално е ако, свесно или несвесно, одговорните фактори тоа не го согледуваат. Доволно е да се погледнат примерите на успешните држави, споредливи по големина, каде има големи вложувања во високото образование, науката и здравството, што е потврдено како вистински рецепт за успех. Не е проблемот во немањето средства, туку се работи за поставување на приоритети за нивна распределба.

Затоа, НАкС бара системски поинаков пристап, кој подразбира прогресивно зголемување на платите во високото образование и науката. Во прва етапа, интервентно зголемување на платите во виското образование и науката според методологијата за прогресивно покачување на платите, а до максимален износ од 30% за вработените во оние институции кои воопшто немаат или немаат доволно сопствени средства. Ваквото прогресивно покачување треба да резултира со постепено постигнување ниво на плати соодветни на дејноста на сите вработени во високото образование и науката, како и со нивелирање на неоправданите и неправедни разлики во платите, т.е. со поголема воедначеност на основните нето плати за исти звања и работни позиции на вработените на различните јавни универзитети, единици во нивен состав и научни установи. Според нашите пресметки, таквото зголемување на платите може да се постигне без прекумерно оптоварување на буџетот на МОН.

Исто така, бараме, во прва етапа, под итно да се отвори конкурс за примање млади соработници на јавните универзитети и научни установи, како и мерки за финансирање и подобрување во научноистражувачката дејност која практично згаснува. Универзитетите се претворија во колеџи, во кои освен настава, практично нема истражувачка дејност, а научните институти преставуваат згради, во кои вработените истражувачи немаат основни средства за реализација на својата дејност. Не случајно нашите универзитети имаат драстичен пад на рангот на Шангајската листа на универзитети и, ако не се преземат итни мерки, надолниот тренд само ќе продолжи.

Ако не се прифатат предложените мерки, НАкС навремено укажува дека не само што ќе продолжат проблемите со кои во моментов се соочуваат високообразовните и научните установ, туку тие ќе се мултиплицираат и продлабочат до ниво на потполно блокирање на образовниот и научно-истражувачкиот процес.

 

 

 

Со почит,                                                                                                                                                                                                                                                                                                              Скопје, 26.08.2019

Независен академски синдикат

 

Претседателка на НАкС

Маја Стевановиќ