СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТ

 

 

Денес, 28.01.2020 година, претставници на НАкС остварија средба со Министерот за образование и наука Арбер Адеми и Заменик претседателката на Владата на РСМ Мила Царовска.

Ја поздравуваме заинтересираноста на Владата да се вклучи во надминување на проблемите поврзани со исплаќањето на ветеното покачување од 10 %, како и со незаконското формирање жолти синдикати од страна на работодавачите – ректорите на УКИМ и на УКЛО.

Во врска со ваквите синдикати, преставниците на Владата нѐ уверуваа дека ниту иницирале ниту стојат зад незаконската постапка за нивното формирање.

Што се однесува до покачувањето на платата на вработените во високото образование од 10 %, претставниците на НАкС изнесоа аргументи дека исплаќањето на ветеното покачување не е условено со колективен договор и посочија правни механизми за реализирање на истото.

Од друга страна, сите учесници се согласија дека потпишувањето целовит колективен договор на ниво на гранка е единствен начин конзистентно и сеопфатно да се уредат сите прашања поврзани со регулацијата на платите  и останатите права што произлегуваат од работен однос, како и на условите за работа на вработените на јавните универзитети.

НАкС потсети дека уште на 8.11.2019 има поднесено нацрт Колективен договор и дека е во фаза на преговори со СОНК за склучување спогодба за здружување со цел потпишување колективен договор на ниво на гранка. Доколку постои политичка волја, уверени сме дека е можно во најкратен можен рок да се склучи Колективниот договор. По цели 30 години, и првпат од независноста на Македонија, академската заедница заслужува достоинствен третман и потпишување сеопфатен колективен договор, наместо понижувачки договор со еден единствен член за еднократно покачување на платите.

Добивме ветување од  Заменик претседателката на Владата на РСМ Мила Царовска и од Министерот за образование и наука Арбер Адеми дека до крајот на денот ќе бидат разгледани нашите аргументи и предлози. Очекуваме од Владата позитивен одговор на истите и конструктивен пристап.