СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

 

 

Сметајќи дека академската, како и пошироката јавност треба да биде објективно и целосно информирана во врска со делувањето на постојните синдикати во високото образование, за актуелното покачување на платите на вработените на јавните универзитети, како и за иницијативата на ректорите за формирање нови синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и „Св. Климент Охридски“ – Битола, особено по последното известување за јавност од Ректорот на УКИМ, проф. д-р Јанкуловски, Независниот академски синдикат (НАкС) потсетува и ги појаснува следниве настани и факти:

 

НАкС произлезе како автентична иницијатива на активни членови на Професорскиот пленум со цел борбата за квалитетно високо образование и за правичен и достоинствен третман на академската заедница да добие неопходна институционална форма. Принципите на делување, насоките за програмско работење, статутот на НАкС и сите други акти се градени низ длабоки дискусии на бројни заеднички состаноци и, конечно, официјално и транспарентно усвоени на првиот Конгрес одржан на 29.10.2016 во Скопје (достапно на www.naks.org). Членови на НАкС беа вклучени во подготовката на новиот Закон за високо образование.

 

Изминативе години доскорешната претседателка на НАкС, проф. Маја Стевановиќ во повеќе наврати ги има известувано и Ректорот на УКИМ и членовите на Сенатот на УКИМ за активностите и за заложбите на НАкС, а на Ректорот Јанкуловски му има понудено да му бидат ставени на располагање резултатите од истражувањата на НАкС за подигнување на квалитетот на високото образование и за подобрување на социо-економскиот статус на вработените на УКИМ. За жал, до овој момент, тој на ниеден начин ја нема прифатено понудената соработка од страна на НАкС ниту, пак, НАкС има добиено каква и да било поддршка од УКИМ.

 

Напротив, Ректорите на УКИМ и на УКЛО на 21.01.2020 со дописи испратени до вработените преку деканатите на единиците иницираа формирање нов синдикат, игнорирајќи го постоењето на НАкС, но и на СОНК – синдикат што исто така делува во високото образование. Образложението за ваквиот чин е дека мора да се потпише колективен договор на ниво на работодавач, и тоа единствено со нов репрезентативен синдикат, со еден единствен  член на договорот – еднократно покачување на платите од 10% како единствен начин вработените да го добијат ветеното покачување на платите. Така, вработените на УКИМ и УКЛО добија организиран повик за зачленување и пристапница само за новиот синдикат во основање. Ниту еден вработен на УКИМ, досега,  нема јавно преземено одговорност за иницијативата за основање ваков синдикат. Единствениот гласноговорник на новиот синдикат во основање е, сѐ уште, Ректорот на УКИМ.

 

На денот на повикот, на 21.01.2020, НАкС ја алармираше академската заедница, пошироката јавност и надлежните министерства и органи на Владата на РСМ дека со овој чин се прекршува Законот за работни односи, кој јасно забранува работодавачот да се меша во основањето и работењето на синдикатите (чл. 195) и дека вработените се доведени во заблуда затоа што постојат други законски механизми за спроведување на владиното ветување за коешто се избори СОНК, а потпишувањето колективен договор не е и не смее да биде услов за покачување на платите.

 

Во следните денови НАкС испрати дописи до повеќе надлежни институции со барање за дејствување и доби јавна поддршка од другите синдикати. На 28.01.2020 НАкС оствари средба со  Министерот Адеми и Заменикот претседател на Владата Царовска на која што детално ги образложи своите аргументи за штетноста од потпишување колективен договор со само еден член, понуди решенија за надминување на ситуацијата, потсети дека има доставено во МОН сеопфатен нацрт колективен договор за областа високо образование и наука уште на 08.11.2019 и искажа подготвеност да соработува со СОНК со цел да се потпише гранков колективен договор кој во целост ќе ги регулира правата на вработените. Претставниците на Владата се оградија од тврдењето на Ректорот Јанкуловски дека тие го сугерирале основањето на новите синдикати и се обврзаа да нѐ известат за нивната одлука дали исплатата на покачувањето ќе се реализира со постоечките правни модалитети или, пак, со потпишување грански колективен договор.

 

Намерно или од незнаење, во своите јавни настапи, Ректорот Јанкуловски продолжи да ги дезинформира вработените на УКИМ и пошироката јавност, дека потпишувањето колективен договор е единствениот начин вработените да го добијат ветеното покачување на платите, како и да го поддржува јавно и отворено новиот синдикат. Кулминација претставува неговото последно соопштение од 31.01.2020 во коешто тој, во име на Владата, известува дека Владата одлучила да пристапи кон измена на закон со цел да се реализира покачувањето на платите од 10 % и дека тоа било всушност првобитниот став на ректорите. Со последното тој, всушност, ги демантира своите претходни тврдења дека не постои друг начин да се релизира ветувањето за покачување на платите – клучниот аргумент за основање нов синдикат. А, што се однесува до новите синдикални организации тврди дека било договорено тие да продолжат со своите активности.

 

НАкС до денес нема добиено официјално известување од МОН за начинот на кој ќе се реализира покачувањето на платите од 10%. Но, доколку е навистина донесена одлука покачувањето да се реализира преку законски измени, тоа го сметаме за добар почеток на соработката со Владата и со МОН и цениме дека сме постигнале една цел.

 

Сепак, укажуваме дека колективниот договор е највисокото можно ниво на заштита на работниците и нивните права и дека притоа логичниот редослед е најпрвин да се потпише колективен договор на ниво на гранка, во случајов „образование“ или оддел “високо образование и наука“, па потоа да се потпишуваат колективни договори на ниво на работодавач, односно универзитет и дека НАкС ќе продолжи да работи во таа насока како релевантен фактор за колективно преговарање.

 

Што се однесува до продолжувањето на активностите на новите синдикати, апсурдно е Ректорот на УКИМ, проф. д-р Јанкуловски да се повикува на слободата на синдикалното здружување, и притоа, отворено да застане зад еден префериран синдикат, а јавно и отворено да дискредитира друг, заборавајќи притоа дека поголем дел од членовите на НАкС се вработени на УКИМ.

 

Универзитетите се работодавачи, а ректорите се нивни овластени лица и затоа крајно време е да престанат сите манипулации околу колективното договарање, а генералните секретари да ги информираат вработените објективно и целосно за законската регулатива. Доколку дојде до склучување колективен договор на ниво на работодавач, договорни страни се синдикатите (според Законот за работни односи, доколку нема репрезентатитвен синдикат, партнер во договарањето можат да бидат и постоечките синдикати или преставници на вработените доколку тие не сакаат синдикално да се организираат) и работодавачот со овластување од основачот – Собранието. Оттаму, вработените и Ректорот Јанкуловски не можат да бидат на иста страна во тој процес, а уште помалку ректорот да преговара со самиот себеси, односно со синдикат кој тој самиот го формирал.

 

Имајќи го предвид целокупното негово досегашно однесување, Ректорот на УКИМ, најмалку од сѐ може да биде предводник на вработените пред Основачот,  затоа што јасно покажа дека му биле достапни сите релевантни информации и факти, па сепак не ги споделил со вработените, подготвен да ги втурне во потпишување штетен колективен договор или поскоро само за да основа свој синдикат.

 

НАкС ќе продолжи со своите активности за да ја реализира својата крајна цел, колективен договор, со кој на вработените ќе им бидат гарантирани плати согласно утврдени коефициенти во распон од 5 : 1 во однос на минималната плата, вклучително и за ненаставниот кадар кој треба да биде плаќан согласно степенот на сложеност на работното место, а МОН ќе преземе обврска од основиот буџет да ги покрива трошоците за минат труд, надоместоци на плата и сѐ што е неопходно за да се обезбедат соодветни услови за работа. И нема да останеме само на ова, затоа што подобрувањето на социо-економскиот статус на вработените е само една коцка во сложувалката – квалитетно високо образование.