ДПИ да постапува за прекршувањето на Законот за ВО од страна на ректорот Јанкуловски

 

Државната комисија за спречување на корупцијата, денеска во соопштение до јавноста истакнува дека побарала од Државниот просветен инспекторат да постапува во однос на неколку прекршувања на Законот за високо образование и Статутот на УКИМ од страна на ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски.

Веќе ја известивме јавноста за прекршувањата на Законот за ВО и Статутот на УКИМ кои ректорот Јанкуловски ги направи уште пред отпочнувањето на постапка за избор на нов ректор на УКИМ. Оттука, јавно го повикуваме Државниот просветен инспекторат да го истражи работењето на ректорот и поведе постапка за узурпирањето на позицијата претседател на Сенатот, која според новиот Закон за високо образование и Статутот на УКИМ, не е споива со функцијата ректор која во моментов ја извршува. Дополнително, постои очигледен судир на интереси на ректорот Јанкуловски, со оглед на тоа што во моментов претседава со Сенатот и истовремено е кандидат за ректор. За оваа груба злоупотреба на функцијата ректор веќе е испратена пријава до Државниот просветен инспекторат во март оваа година, но до овој момент, инспекторатот не постапил.

Потсетуваме дека ова не е прва институционална реакција на противзаконските активности на ректорот на УКИМ. Во јануари оваа година, Државниот инспекторат за труд утврди дека активностите на ректорите на УКИМ и УКЛО се во спротивност со Законот за работни односи, кога ректорите се обидоа да формираат синдикати на универзитетите со писмен допис до вработените. Во овој случај, трудовиот инспекторат констатираше дека ректорите го нарушиле правото на слободно здружување преку злоупотреба на службената комуникација со вработените и давање насоки за основање и дејствување на синдикатите.