НАкС – ЗА АВТОНОМИЈАТА И ОДГОВОРНОСТА

Почитувани,

Во изминативе два месеци, Независниот академски синдикат(НАкС) континуирано ја информираше академската заедница на УКИМ, јавноста и институциите за бројните неправилности во постапката за избор на ректор на УКИМ. Нашиот став беше и остана дека ваквите неправилности во постапката за избор на ректор ја загрозуваат демократијата на универзитетот, која е темел на неговата автономија. По низата перипетии во постапката за избор на ректор, денеска тројца од кандидатите за ректор1 се повлекоа од изборите на 26.06. затоа што „… на УКИМ му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура. Професорите и студентите се спречени директно да се запознааат со програмите на кандидатите, да им постават прашања, а кандидатите да дебатираат меѓусебно за сите теми. На нашите колеги им е оневозможено да одлучат врз основа на
информирана определба.“ НАкС ја поздравува оваа одлука на кандидатите за ректор. Ние од НАкС длабоко веруваме дека „Автономијата на високообразовните установи ја вклучува и
одговорноста на членовите на академската заедница кон општествената заедница во којашто дејствуваат„2. Наша одговорност е да се бориме ова општество да биде слободно и демократско. Веруваме дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарата високобразовна установа во оваа држава, и неговата академска заедница треба да покажат дека во својата дејност ги уважуваат „хуманистичките и демократските вредности“3. Нашата заложба изминатите два месеци беше токму тоа. Затоа, ги повикуваме нашите колеги, професорите и студентите, да не учествуваат на утрешните избори и да одбијат да бидат дел од незаконскиот и недемократски начин за избор на ректор. Со тоа, академското јадро на УКИМ ќе покаже вистинска грижа и подготвеност да се бори против злоупотребата на функциите и процедурите, особено кога тоа доаѓа од сопствената средина. Свесни за можните притисоци и закани со последици, особено врз помладиот универитетски кадар и студентите, ги потсетуваме оние кои сепак ќе се решат да се појават на утрешните избори дека секогаш можат своето несогласување со ваквиот процес, подеднакво јасно и недвосмислено да го изразат и на гласачкото ливче.

Искрено ваш,
НАкС

1 проф. д-р Драги Димитриевски; проф. д-р Петар Атанасов; проф. д-р Вујица Живковиќ
2 Член 7, став 3, Закон за високото образование
3 Член 3, став 2, точка 4, Закон за високото образование