Крајно време е за наука!

Втор конгрес на НАкС

 

Независниот академски синдикат (НАкС) на 31 октомври 2020 година ќе го одржи својот втор конгрес, заокружувајќи период од четири години од работењето на синдикатот. Во услови на пандемија, конгресот ќе се одржи онлајн. Во овие четири години се боревме да ги подобриме условите во високото образование и науката, иницирајќи дискусија за проблемите и застапувајќи долгорочни решенија.

Во фокусот на нашата измината работа беа:

– учество во изработка на новиот ЗВО, заснован на идеите зачнати од Професорскиот пленум;

– изработка на анализа на универзитетската автономија, каде преку споредба со други држави, покажавме дека кај нас најголем проблем претставува слабата кадровска и финансиска автономија на универзитетите;

– изработка на анализи за финансирањето на универзитетите, научните институти и платите на академскиот кадар во државата. Податоците укажуваат дека исклучително ниското издвојување од 0.35% од БДП за истражување и развој ја рангира Северна Македонија на дното во Европа. Истовремено, отсуството на јасни критериуми врз кои се утврдува висината на платите на академскиот кадар претставува горлив проблем кој се провлекува со години;

– изработка на нацрт-Колективен договор и директно застапување на правата и интересите на академската заедница пред институциите.

Очигледно е дека бројни предизвици стојат пред вработените во високообразовните и научните институтции за остварување на нивните права. За жал, пандемијата само ги потенцираше ефектите од долгогодишното кратење на буџетот во секторот, особено ниското ниво на дигитализација на универзитетите, при што очигледна беше неподготвеноста за спроведување настава на далечина.

Оттука, покрај справувањето со вонредните околности предизвикани од пандемијата, прв чекор за подобрување на состојбата на вработените, но и подобрување на квалитетот на образованието и научните дејности претставува потпишувањето на нов Колективен договор. Колективниот договор кој НАкС го предлага овозможува основа за вистинско вреднување на трудот на сите вработени во високото образование и науката. Покрај тоа, НАкС во наредниот период ќе се залага да биде дел од создавањето на новиот Закон за научно-истражувачката дејност, при што сме подготвени да понудиме квалитетни решенија и политики базирани на анализи.

Затоа, ги повикуваме колегите, професорите, научните и наставните работници и административниот кадар да се вклучат во синдикалното организирање и заедно да се застапуваме за подобри работнички права, поквалитетно образование и поразвиена наука!

Со почит,
НАкС

Повеќе информации за пристапување во НАкС можете да најдете во нашите Синдикални организации чии контакт-информации се достапни на линкот или ако во вашата институција нема Синдикална организација на НАкС пишете ни на nezavisen.akademski.sindikat.