СООПШТЕНИЕ

од Независниот академски синдикат (НАкС)

 

На 16.01.2019, Независниот академски синдикат (НАкС) оствари средба со Министерот за образование и наука, Арбер Адеми и неговите соработници. Уште во септември 2018, НАкС ја поздрави одлуката на Владата за отпочнување на процесот за покачување на платите во секторот образование, кој е клучен за развојот на општеството. Сепак, во изминатиов период, покачувањата се однесуваа само на основното и средното образование.

Претставниците на НАкС  ги изложија анализите и аргументите за потребата  од конечно покачување на платите во овој сектор. Конкретно, беа претставени анализи за буџетскиот раст од 34%  во пoследните 10 години во Република Македонија, наспроти порастот на просечната плата во РМ од над 13%, и занемарливиот раст на платите на вработените во високото образование и науката. Беше направена и анализа на платите во јавната администрација и неконзистентноста на платите во јавниот сектор, анализи на неоправданоста за малите плати во оние институции кои немаат сопствени средства, а беше и укажано дека постојат огромни и неоправдани разлики во примањата помеѓу професорите и истражувачите вработени на различни јавни високообразовни и научни установи, како и во единиците на една иста установа. Беа презентирани и компаративни податоци за примањата на професорите и наставно-научниот кадар во соседните држави наспрема просечните плати во тие земји.

На министерот Адеми претставниците на НАкС му изложија:

– барање висината на платите да се пресметува согласно минималната плата во Република Македонија помножена со соодветен коефициент за секое звање, а коефициентот за звањето редовен професор да изнесува најмалку 5;

–  барање за интервентно покачување на платите во висина од 20%, за што на министерот му беше понудена проекција на буџетското зафаќање;

–  алтернативен, скалест модел на пресметка на буџетските издвојувања за платите на вработените во високото образование и науката. Доколку ваквиот модел се спроведе во вид на системска промена, НАкС цени дека на подолг рок би се анулирала  неправедната нееднаквост на платите, без прекумерни буџетски импликации;

– несогласување со предвиденото покачување на платите во високото образование и науката од страна на Владата. НАкС смета дека предвидените 5%, и тоа од септември 2019, ни оддалеку нема да го ублажи растечкото незадоволство на вработените ниту, пак, ќе го реши проблемот со неатрактивноста за младите кадри, како и одливот на постоечките квалитетни кадри од овој исклучително значаен сектор за развој на општеството во целина.

НАкС, како и секогаш досега, изрази подготвеност да понуди соработка и стручна помош  при изнаоѓањето модуси за решавање на прашањето за покачување на платите во високото образование.

 

 

16.01.2019, Скопје

 

Претседателка на НАкС

Маја Стевановиќ