Правилник за правна помош

Врз основа на членот 84 од Статутот на Независниот академски синдикат (НАкС) во РМ Советот на Независниот академски синдикат на својата седница одржана на 22.06.2016 година, донесе

 

 

ПРАВИЛНИК

за бесплатна правна помош за членовите на Независниот академски синдикат (НАкС) во РМ

 

Член 1

Овој Правилник го регулира овозможувањето на правна помош за членови на Независниот академски синдикат (НАкС) во областа на работните спорови, при што трошоците за обезбедување соодветна правната помош ги презема Синдикатот.

 

Член 2

Право на правна помош имаат сите членови на Независниот академски синдикат кај кои повредата на правата од работен однос настапила додека се членови на Независниот академски синдикат најмалку 3 месеци и кои во дадениот временски рок редовно уплатувале синдикална членарина на НАкС. Правната заштита и помош на товар на НАкС ја пружа адвокат ангажиран од страна на Синдикатот.

 

Член 3

Правна помош во областа на работните спорови ги опфаќа следниве случаи:

  • незаконски престанок на договорот за вработување
  • неисплатени плати и придонеси

 

Член 4

Членовите на Синдикатот на кои им е потребна бесплатна правна помош врз основа на овој Правилник, должни се да склучат спогодба со НАкС со која подетално ќе се уредат правата и обврските во постапката на пружање на правна помош. Спогодбата ќе служи како доказ дека трошоците за конкретниот спор ќе ги сноси НАкС.

Оваа спогодба ја потпишува од една страна членот на НАкС што се обратил до Синдикатот за бесплатна правна помош и претседателот на НАкС, при што спогодбата се заверува со печат. Без соодветно потпишана и заверена спогодба, Синдикатот нема да ги признае трошоците за бесплатна правна помош. Еден примерок од Спогодбата задолжително се приложува кај адвокатот.

 

Член 5

НАкС обезбедува бесплатна правна помош на начин што ангажира адвокат, кој на сметка на Синдикатот врши бесплатно советување, составување писмени претставки и застапување на членовите на НАкС пред суд или управни органи, додека пак од друга страна членовите се должни сами да ги подмируваат судските такси за тужба и одлука и евентуално таксите за редовни и вонредни правни лекови и изведување на докази (вештачење, увид и слично).

 

Член 6

Членот на НАкС е должен навремено да го извести Извршниот одбор на Синдикатот за настанатиот спор и навремено да ја достави сета потребна документација на адвокат што е ангажиран од страна на НАкС. Доколку членот задоцни со доставувањето на документите и го пробие законски предвидениот рок за превземање на процесното дејствие или пак документите ги достави 24 часа пред истекот на истиот, Извршниот одбор на НАкС ќе го одбие неговото барање за бесплатна правна помош.

Членот е должен да ја достави целокупната документација со која располага и да ја прибави онаа која му е потребна на адвокатот и тоа во рок кој му е изрично кажан, во спротивно негативните последици од недоставувањето на потребните докази на време, паѓаат на негов товар и се исклучиво по негова вина. Членот е должен да постапува по совети и напатствија на адвокатот и има право на бесплатни консултации за спорот секогаш кога има потреба од тоа.

 

Член 7

Адвокатот треба поединечно во секое барање, конкретно да ја утврди основаноста за покренување постапка и објективно да ги процени можностите за позитивен исход и за тоа да го извести Извршниот одбор преку претседателот на НАкС.

 

Член 8

НАкС нема да ги поднесува трошоците сторени кај правно неиздржани спорови или пак кај спорови кои не произлегуваат од трудовото право.

 

Член 9

Членот е должен по завршување на спорот или по евентуална спогодба, кога исходот на постапката е во негова полза, да ги уплати на Синдикатот сите досудени судски трошоци (освен судските такси) во согласност со спогодбата за правна помош.

 

Член 10

Настанатите спорови треба претходно да се настојува да се решат на мирен начин (во разговор со работодавецот, дописи и слично), освен кога од природата на спорот произлегува потребата од итна судска заштита.

Член 11

Овој правилник го донесува Советот на НАкС.

 

Член 12

Измени и дополнувања на овој Правилник се вршат на начин и постапка како и за неговото донесување.

 

Член 13

Правилникот стапува во сила со денот на неговото донесување.

 

 

                                                                                                                                                                           Претседател на Советот
                                                                                                                                                                                                на Независниот академски синдикат

                                                                                                                                                                Маја Стевановиќ