Врз основа на членовите 84 и 85 од Статутот на Независниот академски синдикат (НАкС) во Република Македонија Советот на својата седница одржана на ден 22.06.2016 година, донесе

ПРАВИЛНИК

за Солидарниот фонд на Независниот академски синдикат (НАкС) во Република Македонија

I.  ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Правилник се уредува начинот на издвојувањето и изворите на средствата на корисници на Солидарниот фонд (во натамошниот текст: Фонд) основите за користење на паричните средства на Фондот, постапката за остварување на правата и друго.

II.  ИЗВОРИ НА СРЕДСТВА

Член 2

Фондот се формира од следните извори:

  • од синдикалната членарина на вработените на НАкС;
  • дополнителни прилози, подароци и донации на правни и физички лица, и од други извори.

Член 3

1) Средствата врз основа на член 2 од овој Правилник се уплатуваат на посебната жиро сметка на Солидарниот фонд на Синдикатот на НАкС 000000000000000, даночен број 0000000000000, депонент Еуростандард Банка АД Скопје).

2) Уплатата на средствата синдикалните организации го извршуваат со редовната месечна уплатата на синдикалната членарина на жиро сметката на НАкС: 370001100161709 – Еуростандард Банка АД Скопје со Единствен даночен број 4057016532165, по што Синдикатот средствата наменети за Солидарниот фонд ги префрлува на жиро сметката на Солидарниот фонд на НАкС.

Член 4

Средствата од Фондот кои нема да се искористат во тековната година, се пренесуваат во Фондот во наредната година.

Член 5

Корисници на средствата на Фондот се сите членови на Синдикатот на НАкС кои уплатуваат средства во Фондот, како и членови на нивните потесни семејства, при што за членови на потесно семејство се сметаат: брачен другар и децата до 26 годишна возраст, за дацата над 18 години се доставува потврда дека се студенти или невработени, а живеат во заедничко семејство со родителот кој е член на НАкС.

III.  ОСНОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВАТА ОД ФОНДОТ

Член 6

1) Правото на користење средства се стекнува после шест месеци членување, односно уплата на членарина и тоа по следните основи:

  • право на парична помош за подолготрајно боледување;
  • право на паричен надоместок за трајна неспособност за работа;
  • право на парична помош за смрт на работник;
  • право на парична помош за смрт на член на потесното семејство на работникот;
  • право на парична помош за потешки последици од елементарни непогоди;
  • право на парична помош за заминување во пензија;
  • право на парична помош во случај на штрајк;
  • право на парична помош во случај на отказ поради синдикални активности.

2) Правото за користење на неповратни средства од Фондот по горе наведените основи може да се оствари само ед наш во годината (еднократно) по било кој основ, освен во случаи кога се работи за парична помош за смрт на член на Синдикатот или член на неговото потесно семејство.

3) Паричната помош по сите основи е неповратна.

Право на парична помош за подолготрајно боледување

Член 7

1) Во случај кога повеќе од 31 календарски ден членот на Фондот ќе биде спречен да работи поради болест, несреќа на работа или професионално заболување, парична помош се доделува во зависност од должината на боледувањето и тоа;

  • од 31 до 60 денови во висина од 15%
  • од 61 до 120 денови во висина од 25%
  • над 121 ден во висина од 35%.

2) Оновица за пресметка е просечната исплатена нето-плата по работник во Република Македонија во предходните три месеци од денот на одржувањето на состанокот на комисијата за распределба на средствата како парична помош.

3) Исплатата се врши еднократно по заклучување на боледувањето, а се докажува со листа за боледување и друга медицинска документација.

Право на паричен надоместок за трајна неспособност за работа

Член 8

1) Ако работникот поради несреќа на работа или професионално заболување остане трајно неспособен за работа, има право на парична помош од 50% од просечна исплатена нето-плата по работник во Република Македонија во предходните три месеци.

2) Исплатата се врши еднократно, а се докажува со соодветна документација за трајна неспособност за работа во тек од 6 месеци по добивање на Решение од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Право на парична помош за смрт на работник

Член 9

1) Семејството на починат работник има право на парична помош и тоа:

  • за смрт на работник при несреќа при работа и тоа една просечна исплатена нето-плата по работник во Република Македонија во предходните три месеци
  • за смрт на работник од болест или несреќа надвор од работниот процес има право на парична помош од 50% од просечна исплатена нето-плата по работник во Република Македонија во предходните три месеци

2) Документите се доставуваат најдоцна 6 месеци по настанување на случајот.

Право на парична помош за смрт на член на потесното семејство на работникот

Член 10

1) Членот на НАкС  има право на еднократна парична помош и тоа:

  • за смрт на брачен другар доколку бил невработен и тоа од 50% од просечна исплатена нето-плата по работник во Република Македонија во предходните три месеци;
  • за смрт на дете, во врска со член 5 од Правилникот 60% од просечна исплатена нето-плата по работник во Република Македонија во предходните три месеци.

2) Документите се доставуваат најдоцна 6 месеци по настанување на случајот.

Право на парична помош за потешки последици од елементарни непогоди

Член 11

1) Во случај кога членот на Синдикатот претрпел потешки последици од елементарни непогоди на објектот во кој живее односно е во негова сопственост или е во сопственост на брачниот другар (поплава, земјотрес, пожар и слично), има право на парична помош во висина од 10% од проценетата штета од овластен орган, но не повеќе од 30.000 денари.

2) Паричната помош се исплатува врз основа на соодветна документација – доказ за сопственост, место на живеење и потврда за претрпена штета издадена од соодветен орган.

3) Документите се доставуваат најдоцна 60 дена по настанување на случајот, односно 30 дена од добивањето на потврдата за претрпена штета издадена од соодветен орган.

Право на парична помош за заминување во пензија

Член 12

1) Членовите на НАкС имаат право на парична помош во износ од 3.000 денари за заминување во пензија.

2) Право на парична помош по овој основ имаат членовите кои континуирано членуваат во Синдикатот најмалку пет години пред остварувањето на правото за заминување во пензија.

3) Правото по овој основ се остварува во рок од 60 дена од добивањето на Решението за пензионирање од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Право на парична помош за време на штрајк

Член 13

1) Во случај на штрајк организиран со Одлука на НАкС и во согласност со Законот за работни односи, членовите на Синдикатот имаат право на парична помош. Висината на паричната помош, ја утврдува Советот на НАкС.

2) Правото на помош од претходниот став се остварува само во случај ако деновите поминати во штрајк не бидат дополнително одработени и платени од работодавачот.

3) Ова право можат да го користат само членовите на Синдикатот кои учествувале во штрајкот, согласно евиденцијата на синдикалните организации.

Право на парична помош во случај на отказ поради синдикални активности

Член 14

1) На членот на НАкС кој останал без работа поради синдикални активности, пришто причините поради кои е отпуштен од работа се во согласност со статутарните и програмските определби на НАкС, Синдикатот му исплатува надоместок во висина на паричната помош што се исплатува за време на штрајк, во смисла на став 1 од членот 13 на овој Правилник.

2) Надоместок се исплатува од првиот ден откако е членот на НАкС е отпуштен од работа до неговото работно ангажирање, но не подолго од 12 месеци. Надоместокот нема да се исплатува доколку членот без оправдани причини ја одбие можноста за вработување.

3) Барањето парична помош по овој основ се доставува во рок од 30 дена од добивање на Решение за престанок на работниот однос.

Постапка за остварување на правата

Член 15

1) Секој член на НАкС има право да поднесе барање за остварување на некое право утврдено со овој Правилник.

2) Барањето за користење на некое право согласно овој Правилник членовите на Синдикатот, го поднесуваат до претседателот на синдикалната организација, кој е должен во рок од 7 работни дена севкупнара добиена документација како и официјално Мислење по однос на барањето за користење на неповратни средства од Солидарниот фонд на Синдикатот НАкС да ги достави до Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд.

3) Кон барањето доставено преку синдикалната организација задолжително се поднесува целокупната документација и документите што дополнително ќе бидат побарани.

4) По барањето одлучува Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд при НАкС што ја избира Советот на НАкС и чиј состав го определува Советот на НАкС.

5) Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд при НАкС нема да ги разгледува:

  • некомплетно поднесените барања;
  • барањата доставени вон утврдениот рок;
  • барањата на барателите кои не уплатуваат во Солидарниот фонд;
  • директно упатените барања до Комисијата

Преодни и завршни одредби

Член 16

Административно-техничките работи за Солидарниот фонд ги води Стручната служба на НАкС.

Член 17

Овој правилник го донесува Советот на НАкС.

Член 18

Измени и дополнувања на овој Правилник се вршат на начин и постапка како и за неговото донесување.

Член 19

Правилникот стапува во сила со денот на неговото донесување.

 

Претседател на Советот
на Независниот академски синдикат,

Маја Стевановиќ

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

Со секое барање задолжително до Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд се доставува:

Право на парична помош за подолготрајно боледување

  • Обрасци ИСР – Извештај за привремена спреченост на работа во континуитет не помалку од 41 ден, или Мислење од Комисијата за продолжување на боледувањето.

Право на паричен надоместок за трајна неспособност за работа

  • Документ издаден од надлежен орган со кој се потврдува причината за трајно губење на работната способност (општа неспособност за работа)
  • Решение од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

Право на парична помош за смрт на работник

  • Фотокопија од изводот од матичната книга на умрените;

Право на парична помош за смрт на член на потесното семејство на работникот

  • Фотокопија од изводот од матичната книга на умрените;
  • Фотокопија од лична карта
  • Фотокопија од изводот на матична книга на родените на Барателот не постар од шест месеци (кога барателот е член на потесно семејство).

Право на парична помош за потешки последици од елементарни непогоди

  • Официјална потврда од надлежен орган за претрпена штета;
  • Доказ за сопственост на станот – имотен лист.

Право на парична помош за заминување во пензија

Право на парична помош во случај на штрајк

  • Барање поднесено од Синдикалната организација на работникот.

Право на парична помош во случај на отказ поради синдикални активности

  • Решение за престанок на работен однос.