ПРОГРАМСКИ НАСОКИ

за работењето на Независниот академски синдикат во РМ (НАкС)
за периодот од 2016 до 2020 година

Вовед

Денес, кога воспоставувањето на функционалноста на правната држава и заживувањето на стопанскиот развиток претставуваат најсуштествени општествени приоритети, вниманието на пошироката општествена заедница е насочено кон академскиот сектор од кого се очекуваат соодветни решенија за надминување на многубројните општествено-политички и економски предизвици со кои се соочува Република Македонија. Но, академскиот сектор денес самиот се наоѓа во исклучително неповолна ситуација, што е последица на долготрајните настојувања на владеачките гарнитури за намалување на неговото општествено влијание и на неговиот општествен авторитетот. Неопходно е посочените негативни трендови што е можно побрзо да бидат надминати, затоа што академскиот сектор претставува суштествен коректив и остар но правичен и конструктивен критичар на несоодветните јавни политики практикувани од владеачките структури. Зајакнувањето на автономијата и на вкупниот потенцијал на академскиот сектор претставува предуслов за трајно надминување на постојните општествено политички и економски предизвици со кои се соочува Република Македонија. Со тоа би се овозможила изградба на функционално демократско општество втемелено врз принципите на правната држава, би овозможил достоинствен живот на граѓаните на Република Македонија, би се поттикнал долготраен економски развиток втемелен врз доследно почитување и следење на закономерностите на пазарната економија, и би се гарантирало почитувањето на уставниот принцип на општа општествена правичност, солидарност и хуманост, согласно кој Република Македонија е социјална држава.

Во интерес на јакнењето на демократските процеси во државата како и во насока на реетаблирањето на правната држава, неопходно е енергично да се реагира на секој единечен обид на дерогирање на академската сфера и со решителна иницијатива на граѓанскиот сектор да се укаже на одлучноста на вработените во академските институции согласни важечката уставна и законска рамка да ја сочуваат автономијата на Универзитетот и да ги негуваат и развиваат академските слободи. Независниот академски синдикат се залага за доследно почитување на академската автономија и за суштествено реетаблирање на дигнитетот на академскиот сектор. Независниот академски синдикат се залага за доследна одбрана на дигнететот на своите членови, како и за нивна постојана и сеопфатна синдикална заштита, што во суштина подразбира:

  • заштита на личниот, професионалниот и стручниот интегритет на своите членови согласно принципот на автономијата на Универзитетот;
  • заштита на правата што произлегуваат од работен однос;
  • подобрување на условите за работа, заштита при работа, заштита на животната и работната средина, како и посебна грижа за здравјето и животот на вработените во процесот на работата;

подобрување на условите за професионален развој, како и унапре­дување и заштита на интелектуалната работа и творештвото, како и остварување други цели и интереси на членовите.

I. Социјално-економска положба на работниците

НАкС се залага за доследно валоризирање и почитување на вложениот трудот и на креативноста на работникот, за стриктно почитување на придонесот што го има остварено работникот во однос на институцијата во која е вработен но воедно и во однос на пошироката општествена заедница. НАкС се залага за достоинствен третман на трудот во сите економски и социјални аспекти. Согласно со сопствените надлежности НАкС во рамките на социјалниот дијалог секогаш ќе инсистира на соодветно вреднување на трудот и соодветно валоризирање на неговиот удел во придонесот за економскиот развиток на иституцијата-работодавач како и за општеството во целина.

НАкС ќе се залага за обезбедување на финансиско-материјални услови за достоинствен живот за сите вработени во академскиот сектор за што врз основа на Статутот на НАкС и позитивните законски акти на Република Македонија има соодветни ингеренции, но воедно НАкС ќе ја промовира идејата за обезбедување на финансиско-материјални услови за достоинствен живот за сите вработении граѓани во Република Македонија.

II. Социјален дијалог

Суштината на постоењето и работата на синдикатите се очитува во процесите на социјален дијалог и колективното преговарање, насочени кон остварување на највисоко можно ниво на заштита на работниците и на почитување на правата на работниците – членови на синдикатот. НАкС има стратешка цел во претстојниот период да стане респектабилен чинител во социјалниот дијалог и колективното преговарање за соодветно регулирање на работата на академскиот сектор. За остварување на наведента базичната цел на НАкС, Синдикатот да стане релеватен и респектабилен чинител во социјалниот дијалог, неопходно е по пат на омасовување на своето членство, тој да ги исполни прецизно дефинираните позитивните правни критериуми за стекнување на статусот на репрезентативен синдикат во академскиот сектор. Согласно позитивните законски регулативи едиствено репрезентативните синдикати имаат гарантиран статус на партнер на владата во подготовка на колективните договори и во разрешувањето на други предизвици што произлегуваат од работниот однос. Токму затоа стратегијата на НАкС налага забрзано омасовување на редовите на Синдикатот за во догледно време да се обезбеди неговата репрезентативност со што Синдикатот би станал квалификуван, рамноправен актер во рамките на социјалниот дијалог со работодавачите и со надлежните државни органи на кои им е доверено администрирање на академскиот сектор. По стекнувањето на статусот на репрезентативен синдикат НАкС би бил полноправен учесник во процесите на преговарање и потпишување на колективните договори во академскиот сектор. НАкС ќе се залага се стекне со статус на репрезентативен синдикат како во јавниот академски сектор, така и во приватниот академски сектор, со што би станал квалификуван потписник на колективните договори како за јавниот така и за приватниот академски сектор.

НАкС ќе се залага за доследно почитување и примената на одредбите од потпишаните колективните договори. Доколку биде воочено дека колективните договори не се применуваат или не се почитуваат, согласно своите надлежности и согласно позитивната законска рамка во Република Македонија, Синдикатот ќе се бори за нивна доследна примена, притоа како средство на притисок врз структурите што ги прекршиле  одредбите на колективниот договор Синдикатот како крајна мерка не ја исклучува и можноста за организирање на штрајкови на солидарноста.

Во рамките на социјалниот дијалог НАкС ќе се залага за создавање економски амбиент за континуирано подобрување на животниот стандард на вработените во академскиот сектор, за обезбедување на достоинствени и безбедни услови за работа на вработените во академскиот сектор, ќе се залага за соодветна правна и социјална заштита на вработените во академскиот сектор во случај на привремено или трајно губење на работното место што би произлегло од објективни економски причини.

III. Заштита на правата на работниците

НАкС се залага за доследна заштита на правата на работниците, при што ја препознава и потенцира сопствената улога и одговорност во процесот на обезбедување на доследната заштита на правата на работниците. НАкС ќе ги преземе сите неопходни мерки и активности во врска со заштитата на правата на работниците. Соодветно на тоа НАкС е должен континуирано да ги зајакнува сопствените потенцијали и сопствената подготвеност за соодветна заштита на правата на работниците и воено да ја зголемува транспарентноста на сопствените постапки во процесите што се однесуваат на  заштитата на правата на работниците. Овие активности ќе се реализираат преку доследно спроведување на законските одредби со кои се регулира заштитата на правата што произлегуваат од работниот однос, како и од одредбите што ги регулираат општите права на граѓаните на РМ.

НАкС ќе инсистира на измена на законските акти што работниот однос го третираат исклучиво како пазарна категорија, затоа што таквата дефиниција го оневозможува активирањето на соодветните правни механизми на работно-правната заштита. Својата базична обрска за заштита на правата на работниците НАкС ќе ја остварува преку јакнење на своите оранизациски капацитети што подразбира и спроведување на соодветна едукација и стручно оспособување на синдикалните активисти, како и воспоставување на континуирана соработка со правни канцеларии, во кои ќе се дава бесплатна правна помош и заштита на членовите на синдикатот.

IV. Безбедност и здравје при работа и здравствена заштита на работниците

НАкС ја препознава сопствената одговорност во промовирањето, застапувањето и одбраната на гарантираното уставно право на секој поедининец (секој работник, секој граѓанин на РМ) на здравствена заштита.

Секој работодавач е должен да се грижи, да го заштитува и унапредува здравјето на своите вработени, а воедно колку што е во негова моќ да го заштитува и унапредува и здравјето на членовите на семејствата на своите вработени. Здравјето е базично право на човеково и Синдикатот јасно ја посочува одговорноста на работодавачите во даденета област. Независниот академски синдикат ќе се залага за доследна примена на Законот за безбедност и здравје при работа. НАкС ќе се залага за обезбедување на достоинствени услови за работа на вработените во академскиот сектор, како и обезбедување на безбедна и здрава работна средина. НАкС ќе инсистира на стриктна применува на соодветните со закон пропишани стандарди со што се регулира областа на обезбедување на здрава работна средина.

V. Воспоставување на претпоставки за зајакнување на квалитетот
на образовната и на научната активност на академскиот сектор

НАкС ќе се залага за зголемувањето на квалитетот на образовната и на научната дејност во рамките на академските институции во РМ, и во таа насока Синдикатот ќе се залага за: повлекување на сите измени и дополнувања на Законот за високо образование (ЗВО) од 2008 година до денес, сè до донесувањето нов ЗВО во кој ќе се обезбеди потполно почитување на правото на автономија на Универзитетот, квалитетен и одржлив развој на високобразованата дејност, како и изземање на јавните високообразовни установи од системот на трезорско финансирање; изземање на академскиот кадар од Законот за вработените во јавниот сектор; за отпочнување со инклузивен процес на преговарање за нови Општи колективни договори за вработените во приватниот и во јавниот сектор како и отпочнување со инклузивен процес на преговарање за колективен договор за вработените во јавните и приватните високообразовни институции и научно­истражувачките установи (факултети, институти, високи школи, универзитети) и други сродни установи во РМ.

VI. Организациски мерки за зголемување на членството

Независниот академски синдикат стои на становиште дека потенцијалот и силата на Синдикатот произлегува од масовноста на членството на синдикатот. НАкС согласно стратегијата за дејствување ќе преземе соодветни организациски мерки со цел да ги афирмира своите базичните принципи пред пошироката академска јавност во РМ, со што би се овозможило поголем број вработени во академскиот сектор да можат да пристапат во редовите на синдикатот.

Особено внимание НАкС ќе посвети на рамномерен развиток на синдикалното здружување во Уноверзитетските центри во РМ, и за таа цел ќе се овозможи континуирано организирање на едукација на синдикалните активисти во синдикалните организации од различни градови и различни делови на РМ, со што ќе се зголеми нивниот капацитет за колективното договарање, обезбедување на соодветна правна заштита, зајакнувањето на континуираната ефективна комуникација со членовите, анимирање на потенцијалното членство и привлекување на нови членови во Синдикалните организации на НАкС.

Синдикатот своите заложби ќе ги насочи кон формирање и официјално регистрирање во Централниот регистар на РМ на што поголем број свои подружници Синдикални организации во јавните и приватните високообразовни институции и научноистражувачките установи (факултети, институти, високи школи, универзитети) и други сродни установи во РМ.

Стратегија на НАкС на полето на јавно промовирање на своите ставови и заложби, што воедно ќе претставува пат кон придобивање на ново членство, ќе биде насочена кон: креирање на препознатлив имиџ на НАкС; изработка на официјален сајт на НАкС што континуирано ќе биде ажуриран со информации за актуелните активности на Синдикатот; организирање на тематски панел дискусии за прашањата од доменот на Синдикатот; континуирано информирање на медиумите за тековните активности на Синдикатот; и адекватно алармирање и запознавање на академска јавност со најзначајните процеси што ја детерминираат работата на академскиот сектор, како што се подготовка и усвојување на нови закони што се однесуваат на академскиот сектор или на вработените во академскиот сектор, воспоставување на меѓународни соработки и потпишување на меѓународни договори, детектирање на влијателни и новонастанати трендови во рамките на работата на академски сектор на национално или меѓународно ниво.

VII Едукација и оспособување на синдикалниот кадар

НАкС ќе посвети големо влијание на континуирана едукација и оспособување на раководните кадри на синдикатот и на синдикалната администрација како во синдикалните организации така и на централно ниво.

Едукацијата ќе биде соодветно конципирана при што истата ќе се сосотои од: семинари за синдикално дејствување на раководствата на синдикалните организации;  стручни семинари насочени кон стекнување на знаења и вештини неопходни за колективно преговарање, раководење на штрајк итн; панел дискусии, тркалезни маси; и синдикални работилници.

НАкС ќе настојува да воспостави и развива соработка на полето на едукацијата со други синдикати на национално и меѓународно ниво, со образовните институции,  академскиот сектор, невладините организации и фондации како што е фондација Фридрих Еберт со која НАкС веќе има воспоставено плодна соработка.  Синдикатот ќе настојува да развие добри практики во соработката со стопанските комори во РМ и да воспостави комуникација на полето на едукацијата со надлежните ресорни министерства при Владата на РМ.

VIII. Организациски мерки за зајакнување на материјално-финасиски   потенцијали на НАкС

Основен извор на финансирање на Синдикатот е членарината што ја уплаќаат членовите на Синдикатот, а која изнесува 0,5 одсто од нето платата на членот на Синдикатот. Принципот на распределба на средства стекнати од членарината е детално утврден во согласност со Статутот на НАкС со Одлука за распределба на членарината што ја усвојува Советот на НАкС.

Со зачувување на трендот на континуирано омасовување на членството ќе се зголеми и приливот на средствата од членарината. За зајакнува на материјално-финансиските состојби на Синдикатот во согласност со Статутот на НАкС и програмските определби на НАкС ќе се настојува дел од програмските активности да бидат финансиски помогнати од организации и фондации кои за истото ќе покажат интерес. Дополнителни средства можат да бидат обезбедени и по пат на дотации, подароци, прилози спонзорства и други извори. 

IX. Меѓународна соработка

НАкС ќе воспостави активна соработка со сродни синдикати на меѓународно ниво. Синдикатот особено ќе се фокусира на воспоставување на плодна соработка со сродни синдикати од регионот.

Во соработка со партнерските синдикални организации НАкС ќе работи на имплементирањето на меѓународните признати стандарди на трудот, остварувањето на слободата на синдикалното здружување, остварувањето на правото на колективно преговарање, како и на обезбедувањето на соодветна и квалитетна едукација на членовите и активистите на синдикатот.

X. Соработка со други синдикати и со здруженија за заштита работничките права

НАкС е принципиелно подготвен да воспостави соодветна соработка, во насока на остварување на програмските цели на НАкС, со сите синдикални организации што ги промовираат принципите на почитувањето на достоинството и правата на сите работници без оглед на ниното работно место, општиот социален статус, степенот на нивното образование, конфесионалната, етничката, политичката и полова припадност.  

НАкС е потписник на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за работнички права и има остварено базична соработка врз приципот на взаемна солидарност со другите потписници на повелбата, а тоа се: Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ ), Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Левичарско движење Солидарност, Движење за социјална правда ЛЕНКА, Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Мултиетнички синдикат на образование (МЕСО), Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) и Младинска организација МУГРА. Повелбата за солидарност е под стручно покровителство на Фондацијата Фридрих Еберт.

НАкС своите усилби ќе ги насочи на воспоставување на соработка со синдикати од областа на образовна и на научната дејност од РМ и од странство, при што посакувани облици на соработка се: заеднички настап во социјалниот дијалог, соработка во конципирањето и застапувањето на јавните политики од областа на образовната и научната дејност; организирање на заеднички едукативни активности;  заеднички настап во телата на национални и меѓународни синдикални здружувања; заедничко учество во протести и предупредувачки штрајкови.

XI. Соработка со невладините организации и со политичките партии
во насока на остварување на програмските цели на НАкС

Постои јасно искажана потреба од воспоставување на континуирана соработка на Синдикатот со невладините организации и со политичките партии, имајќи предвид дека Синдикатот и наведените субјекти споделуваат заедничко општествено окружување. НАкС ќе настојува врз принципот на дијалог на рамноправни субјекти да воспостави соработка со демократски ориентираните политички партии кои во своите програми имаат јасно дефинирана социјална политика што воедно подразбира и јасно дефинирано начело за отвореност за соработка со синдикатите, а со цел да влијае врз креирањето на јавните политики во интерес на своите членови. НАкС особено внимание ќе посвети на зачувувањето и промовирањето на основните начела и принципи врз кои ја темели својата активност, а тоа е независноста во позиционирањето и дејствувањето во однос на партиите и работодавачите, како и почитувањето на етничкиот и конфесионален диверзитет.

XII. Воспоставување на соработка на НАкС со работодавачите од академскиот сектор раководени од приватниот капитал

Имајќи предвид дека еден дел од академските институции во РМ се формирани со приватен капитал Независниот академскиот синдикат ја препознава својата обврска за воспоставување на коректни односи на соработка со сопствениците на приватните академски институции – работодавачите и со можни здруженија на работодавачи во академскиот сектор доколку истите бидат формирани, како и со здруженија на работодавачите во кои членуваат работодавачи од академскиот сектор. Независниот академски синдикат ќе го поттикнува и непосредниот дијалог меѓу работодавачите во академскиот сектор и синдикалните организации формирани во рамките на институциите раководени од приватниот капитал.

Соработката на НАкС со работодавачите од академскиот сектор раководени од приватен капитал ќе се реализира по пат на социјален дијалог, колективно преговарање, потпишување на колективни договори итн.