Врз основа на членовите 184 став 1, член 187 став 1 и член 188 став 1 од Законот за работни односи, Независниот академски синдикат, на својот прв, редовен и изборен конгрес, одржан на 29.10.2016 год, го усвои следниот:

С Т А Т У Т

НА НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ

 

 – ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ –

 

I.    ОПШТИ ОДРЕДБИ 

Член 1

 

Независниот академски синдикат (во натамошниот текст Академски синдикат) е демократска, невладина, непартиска организација на членовите на академската заедница во Република Македонија. Во Академскиот синдикат доброволно се зачленуваат вработените во јавните и приватните високообразовни институции и научноистражувачките установи (факултети, институти, високи школи, универзитети) и други сродни установи, државјани на Република Македонија. Академскиот синдикат е формиран со цел неговите членови на организиран начин да ги изразуваат и остваруваат своите посебни и колективни интереси, да ги подобрат своите професионални, економски, социјални, културни и други општествени интереси, како и правата од работен однос и правото на синдикално организирање.

Член 2

 

Академскиот синдикат има својство на правно лице на повисоко ниво и има  своја жиро-сметка.

Академскиот синдикат ги ужива сите права и слободи гарантирани со Уставот и закон.

Име и седиште

Член 3

 

Целосниот назив на синдикатот е: Независен академски синдикат, со седиште во Скопје на ул. „Славе Деловски“ бр. 7.

Скратениот назив на синдикатот е: Академски синдикат, односно НАкС.

Карактеристични знаци, знаме, амблем и печат         

Член 4

 

Знамето на Академскиот синдикат е во две  бои: црвена и бела, и го содржи амблемот и скратениот назив на синдикатот. Амблемот на Академски синдикат е во истите две бои, и на симболичен начин го претставува карактерот на синдикатот, односно отворена книга, под која стои акронимот НАкЗ и називот Независен академски синдикат.

Печатот на Академскиот синдикат го содржи амблемот на Академскиот синдикат со сите негови елементи (книгата, кратенката и целосниот назив).

 

Цели и задачи

 Член 5

 

Цели и задачи на Академскиот синдикат се:

  • синдикална заштита на своите членови:
    • заштита на личниот, професионалниот и стручниот интегритет на своите членови согласно принципот на автономија на Универзитетот;
    • заштита на правата од работен однос;
  • подобрување на условите за работа, заштита при работа, заштита на животната и работната средина, како и посебна грижа за здравјето и животот на вработените во процесот на работата;
  • подобрување на условите за професионален развој, како и унапредување и заштита на интелектуалната работа и творештвото;
  • остварување други цели и интереси на членовите.

Методи на дејствување

Член 6

Методи на дејствување на Академскиот синдикат се:

  • организирање синдикални организации во јавните и приватните високообразовни институции, научноистражувачки установи и други сродни установи, врз основа на доброволно изразена волја на членовите;
  • информирање на членовите за нивните права;
  • застапување, остварување и уредување на правата од работен однос на своите членови;
  • учество во работата на надлежните органи и институции заради застапување на интересите на членовите;
  • покренување иницијативи, расправање и давање мислење за закони и други прописи со кои се уредува професионалната, општествено-економската и социјалната положба на членовите;
  • преговарање, иницирање, организирање, водење штрајк и следење на ефектите од штрајкот со цел остварување на правата и барањата на членовите;
  • основање фондови за материјална помош, солидарност, заемност, како и хуманост на членовите;
  • соработка и вмрежување со сродни синдикати од земјата и од странство заради остварување на заеднички интереси.

  

Принципи на дејствување

Член 7

 

  • Принципи на дејствување на Академскиот синдикат се:
  • единство на интересите на членовите;
  • заемност, солидарност и хуманост;
  • демократско работење и одлучување;
  • јавност во работењето и редовно информирање на членови и јавноста за својата работа;
  • одговорност при реализацијата на донесените ставови, заклучоци и одлуки на Академскиот синдикат од страна на членовите и органите;
  • почитување на меѓународните конвенции и договори.

II.    ЧЛЕНОВИ НА АКАДЕМСКИОТ СИНДИКАТ

 

Член 8

 

Членови на Академскиот синдикат се вработените во јавните и приватните високообразовни институции и научноистражувачките установи (факултети, институти, високи школи, универзитети) и други сродни установи, државјани на Република Македонија.

Членови на Академскиот синдикат се  членовите во синдикалните организации -синдикалните подружници кои ќе пристапат во соодветна постапка за оваа цел со прифаќање на основните акти на овој синдикат.

Член 9

Сите членки кои го сочинуваат овој синдикат ќе имаат рамноправен третман при располагање со средствата и одлучување за севкупните интереси на неговите членови.

  Член 10

Вработените на високообразовните институции, научноистражувачките установи и други сродни установи стануваат членови на Академскиот синдикат со прифаќање на Статутот и програмата на Академскиот синдикат.

Зачленувањето се врши доброволно и поединечно, со потпишување пристапница – образец со име и знак на овој Академски синдикат.

Членот е впишан во евиденцијата на членството и во евиденцијата на прием што се наоѓа од задната страна на потпишаната пристапница.

Во установата каде што е вработен, синдикалниот повереник го евидентира членот на задната страна од писмената пристапница и таа се архивира во стручната служба на Академскиот синдикат.

Секој потенцијален член на Академскиот синдикат може да потпише пристапница за членство и во стручната служба на Академскиот синдикат, доколку не постои синдикална организација во матичната институција или ако членот реши така.

Фотокопијата на писмената пристапница може да ја чува претседателот на синдикатот.

Членувањето се докажува со членска книшка.

                                                                                                                             Член 11

Вработените кои се членови на други синдикати од друга гранка, со писмена изјава – пристапница за согласност за членство можат да членуваат во Академскиот синдикат.

Член 12

 

Членовите кои се откажале од членувањето или се исклучени поради неплаќање членарина може да бидат повторно примени како нови членови со подмирување на обврските 3 месеци наназад од моментот на повторното зачленување.

III.    ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОТ 

Член 13

 

Членот на Академскиот синдикат има права и обврски:

  • да бара остварување на колективни договори;
  • да штрајкува согласно законските прописи;
  • да бара бесплатна правна помош при остварување на правата од работен однос,
  • да користи разни облици на синдикална помош – наменски средства од синдикални фондови, утврдени во правилник;
  • објективно, сестрано и навремено да биде информиран;
  • да го изнесува своето мислење и да учествува во градењето на политиката, програмите и ставовите на Академскиот синдикат;
  • да биде биран и непосредно да учествува во предлагање на членовите на органите во синдикалната организација, Академскиот синдикат и други асоцијации;
  • да ја контролира работата и да покренува иницијатива за утврдување одговорност и изрекување соодветни мерки на членовите на Академскиот синдикат и органите на сите нивоа на синдикалното организирање доколку не ја спроведуваат утврдената синдикална политика, усвоените ставови и не се придружуваат кон одредбите од овој Статут;
  • има право на заштита ако поради синдикална активност е ставен во немилост од раководните структури на високообразовните институции, наставноистражувачките установи и државните органи;
  • право на синдикална рекреација и културно воздигнување;
  • награди и признанија што ги доделува Академскиот синдикат во согласност со Статутот и програмските определби на Академискиот синдикат;
  • редовно да плаќа членарина;
  • други права и обврски утврдени со овој Статут, актите и документите на Академскиот синдикат.

 

Член 14

 

Правата од алинеите 8, 10, 11 и 13 од членот 13, членот има право да ги користи

без временско ограничување, но правата од алинеја 4 членот може да ги користи според критериуми утврдени во правилникот.

Членска книшка

Член 15

 

Членот на Академскиот синдикат добива членска книшка. Со издавање на членската книшка членот се заведува во единствената компјутерска евиденција на Академскиот синдикат.

Членската книшка е со бела боја. На предната страница се внесени податоците за членот со шифрираниот број на синдикалната организација и/или бројот на членот во единствената компјутерска евиденција на Академскиот синдикат.

Во десниот агол е амблемот на Независниот академски синдикат.

Од задната страна се испишани основните права на членот.

Текстот е испишан на македонски и англиски јазик, а покрај  македонскиот и англискиот може да биде испишан и на кој било друг јазик по барање на потенцијалниот член.

Членската книшка е сопственост на овој Академски синдикат.

Член 16

 

При користењето на правата на Академскиот синдикат членот задолжително се легитимира со членската книшка.

Престанок на членувањето во Академскиот синдикат 

Член 17

 

Членувањето во Академскиот синдикат престанува со:

  • истапување;
  • бришење од евиденција;
  • исклучување.

Член 18

 

Членот истапува од членувањето во Академскит синдикат по слободна волја

изразена по писмен пат и поднесена до Академскиот синдикат, со враќање на членската книшка и со исплатување на членарината за сиот период до истапувањето.

Член 19

 

Членот кој не плаќа членарина според одредбите на Статутот континуирано 3

(три) месеци се брише од евиденцијата на членството во Академскиот синдикат (ова не важи за членови на подолготрајно боледување и за членови кои користат неплатен одмор подолго од 6 (шест) месеци).

Член 20

 

Исклучувањето на членот од Академскиот синдикат се врши во синдикалната организација во најтешки случаи на непочитување на статутарните и програмските определби, а особено при:

  • проневера на синдикални средства и имот;
  • злоупотреба на синдикална функција;
  • пропаганда против Академскиот синдикат;
  • непочитување на правилата во случај на штрајк.

Синдикалната организација донесува одлука за исклучување и во рок од 15 дена од донесувањето ја доставува одлуката до членот на Академскиот синдикат.

Против одлуката на синдикалната организација исклучениот член може да поднесе жалба до Статутарната комисија на Академскиот синдикат.

IV.    ОРГАНИЗИРАЊЕ НА СИНДИКАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Член 21

 

Академскиот синдикат е организирана синдикална организација која дејствува на ниво на високообразовни институции, научноистражувачки установи и други сродни установи на целата територија на Република Македонија. Со цел остварување и задоволување на поединечни и заеднички интереси, рационално и оптимално дејствување, Академскиот синдикат ги организира своите членови во следниве организации и облици:

  • синдикални организации во јавни високообразовни институции;
  • синдикални организации во приватни непрофитни високообразовни институции;
  • синдикални организации во приватни профитни високообразовни институции;
  • синдикални организации во јавни и приватни научноистражувачки установи;
  • синдикални организации во други сродни установи;
  • во други облици кои ги утврдува Советот на Академскиот синдикат.

Член 22

 

Синдикалната организација е основен облик на организирање на членовите на

Академскиот синдикат. Се формира заради остварување на единствените и заедничките интереси врз демократски основи и е конститутивен дел од Академскиот синдикат.

Синдикалната организација се организира врз принципот на една синдикална организација во една членка, односно во една заокружена целина.

Формирање и конституирање на синдикална организација

 

Член 23

 

Иницијативата за формирање синдикална организација ја покренуваат група членови на Академскиот синдикат.

Синдикалната организација се конституира врз основа на потребите и условите на членовите.

 

Функција и задачи на синдикалната организација

 

Член 24

 

Функции и задачи на синдикалната организација се:

  • ја разгледува професионалната, општествено-економската, материјалната и социјалната положба на членовите;
  • покренува иницијативи, барања и предлага решенија за одредени прашања;
  • учествува во расправа по закони и други прописи што се од значење за професионалната, општествено-економската, материјалната и социјалната положба на членовите;
  • учествува при донесување и спроведување на колективни договори и го следи нивното спроведување;
  • учествува во донесување акти со кои се регулираат професионалната, општествено-економската, материјалната и социјалната положба на членовите;
  • ги заштитува правата од заснован работен однос и социјалните права на членовите и ги застапува при нивното остварување во институцијата и надвор од неа;
  • избира и предлага членови во органите на Академскиот синдикат и други асоцијации, ја следи и оценува нивната работа и покренува постапка за утврдување на нивна одговорност и отповикување;
  • расправа по прашања за кои пред одлучување на органите на установата се бара претходно изјаснување на Синдикатот;
  • навремено и вистинито информирање на членовите;
  • обезбедува простории, технички и материјални услови за функционирање на Синдикатот во единиците (организационите единици);
  • обезбедува услови за континуирана синдикална едукација на своите членови;
  • врши и други функции и задачи.

Органи на синдикалната организација, избор и надлежност

 

Член 25 

Органи на синдикалната организација се:

  • Собрание на синдикална организација;
  • Синдикален совет;
  • Претседател;
  • Извршен одбор;
  • Надзорен одбор.

Мандатот на членовите во органите трае 3 (три) години.

Член 26

 

Синдикална организација до 50 членови има Претседател и Извршен одбор составен од 3 (три) члена.

Синдикална организација од 51 до 100 членови има Претседател, Синдикален совет од 5 члена, Извршен одбор од 3 члена и Надзорен одбор составен од 3 члена, од кои еден е претседател.

Синдикална организација над 100 членови има Претседател, Синдикален совет од 7 члена, Извршен одбор од 5 члена и Надзорен одбор од 3 члена, од кои еден е претседател.

Претседателот на синдикалната организација по функција е член и претседава со Синдикалниот совет и Извршниот одбор.

Синдикалните организации може да формираат синдикални групи, кои од своите редови бираат повереник. Поверениците на синдикалните групи се членови на Синдикалниот совет на Синдикалната организација.

V.    СОБРАНИЕ НА СИНДИКАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА 

Член 27

 

Собранието на синдикалната организација (во понатамошниот Собрание) е највисок орган на синдикалната организација.

Членови на Собранието се сите членови на синдикалната организација.

Собранието се свикува најмалку еднаш годишно.

Член 28

Собранието го свикува претседателот на синдикалната организација по одлука на Советот на СО или Извршниот одбор.

Одлуката за датумот и местото на одржување на собранието ја донесува Советот или Извршниот одбор најмалку 10 дена пред одржувањето на собранието, а поканите до членовите се доставуваат најдоцна 7 дена пред одржувањето на истото.

Собранието работи ако присуствуваат една третини од членовите на СО, а одлуките се полноважни ако за нив се изјаснат мнозинството од присутните на собранието.

Вонредно собрание

Член 29

Вонредно собрание може да свикаат една третина од членовите на синдикалната организација.

Надлежности на собранието

Член 30

Надлежности на собранието се:

  • врши избор на работни тела на собранието;
  • усвојува деловник за работа;
  • усвојува извештај за работата на синдикалната организација во изминатиот период;
  • ја оценува работата на Советот;
  • ја оценува работата на претседателот и заменик-претседателите, усвојува

Статут на синдикалната организација и врши измени, дополнувања и усогласувања со Статутот на НАкС;

  • усвојува програмски насоки за активностите на синдикалната организација;
  • врши избор на членови на Советот и на Надзорниот одбор на синдикалната организација;
  • врши избор на претседател на синдикалната организација;
  • го разрешува претседателот, членовите на Советот и членовите на Надзорниот одбор;
  • врши избор на делегати за редовните и вонредните Конгреси на НАкС;
  • предлага членови на Советот на НАкС;
  • предлага членови на Надзорниот одбор и Статутарната комисија на НАкС;
  • расправа по други прашања од значење на синдикалната организација;
  • врши и други работи определени со овој Статут и Статутот на синдикалната организација.

  

VI.    СИНДИКАЛЕН СОВЕТ 

Член 31

 

Синдикалниот совет (во натамошниот текст: Совет/от) е највисок орган на синдикалната организација меѓу две собранија, а го сочинуваат 5 – 7(од пет до седум) членови.

Мандатот на членовите на советот е 3 (три) години, со можност за реизбор.

Во Советот меѓу двe собранија можат да се извршат измени и дополнувања на нови членови, најмногу до една третина од вкупниот број членови.

Изборот на нови членови во Советот меѓу две собранија го врши Советот на предлог на Извршниот одбор на синдикалната организација;

Советот се конституира според начин и постапка утврдена со членот 26 од овој Статут.

 

Член 32

Со работата на Советот раководи претседателот на синдикалната организација, кој по функција е Претседател на Советот на синдикалната организација.

Претседателот го свикува Советот најмалку четири пати годишно, а по потреба и почесто.

Исто така, Советот може да се свика на барање од најмалку 2-3 (двајца-тројца) членови на Советот (во зависноста од големината на Советот), односно по барање на една третина од членството во синдикалната организација.

Советот своите одлуки ги носи со мнозинство гласови од присутните.

Член 33

 

Надлежности на Синдикалниот совет се:

  • гo избира заменикот на претседателот и генералниот секретар на синдикалната организација, на предлог на претседателот;
  • избира членови на Извршниот одбор на синдикалната организација;
  • ја оценува активноста на Извршниот одбор и претседателот;
  • може да склучува договор со директорот на установата или работодавниот орган за условите за работа на синдикалната организација;
  • ги информира членовите за работата и активностите на Академскиот синдикат;
  • обезбедува услови за навремено информирање на членовите за синдикалните активности;
  • расправа за актите за кои треба да даде мислење до Академскиот синдикат;
  • подготвува програмски насоки за активностите на синдикалната организација;
  • донесува правила за работа на синдикалната организација и синдикалната подружница;
  • донесува одлуки, правилници и други правни акти потребни за работата на синдикалната организација;
  • одобрува финансиското работење на предлог на Извршниот одбор и претседателот на синдикалната организација;
  • по потреба усвојува план за материјално-финансиско работење на синдикалната организација и синдикалната подружница;
  • подготвува предлог за измени и дополни на Статутот на синдикалната организација;
  • предлага членови за работните групи во Академскиот синдикат;
  • разгледува информации за работата на синдикалната организација;
  • врши и други работи кои се од интерес за членството;
  • врши и други функции и задачи врз основа на одредбите на актите.


VII ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СИНДИКАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Член 34

 

Претседателот на синдикалната организација го бира Собранието со мнозинство гласови од присутните членови.

Мандатот на претседателот е 3 (три) години, со можност за еден реизбор.

Претседателот на синдикалната организација истовремено е и претседател на Извршниот одбор и на Советот на синдикалната организација.

Претседателот на синдикалната организација е носител на синдикалната работа во установата и се ангажира за унапредување и заштита на професионалните, економските, социјалните и културните интереси на организацијата.

Доколку претседателот на синдикалната организација е спречен да ја извршува функцијата подолго од шест месеци, советот или извршниот одбор на синдикалната организација назначува вршител на должност, а во рок од еден месец е должен да свика собрание на кое ќе се избере нов претседател.


Член 35

Задачи на претседателот на синдикалната организација се:

  • ја претставува и застапува синдикалната организација;
  • ја насочува активноста на синдикалната организација;
  • се залага за унапредување и заштита на интересите на членовите;
  • преговара со раководните структури во установата и надвор од неа заради подобрување на професионалните, економските, социјалните и другите права и правата од работен однос;
  • ја координира работата во органите на синдикалната организација и е одговорен за утврдената политика;
  • комуницира со претседателот и органите од Академскиот синдикат и присуствува на седници на Советот на Академскиот синдикат во проширен состав;
  • свикува годишно собрание на членовите на синдикалната организација;
  • дејствува независно во однос на органите на државната управа, раководните структури во установата, верските заедници и политичките партии;
  • претседател е на штрајкувачкиот одбор во случај на штрајк;
  • предлага помошни тела;
  • иницира предлагање за избор на листа на делегати за Конгрес на Академскиот синдикат;
  • ги свикува и претседава со седниците на Синдикалниот совет и Извршниот одбор;
  • потписник е на жиро-сметката на синдикалната организација;
  • постојано работи на зачленување нови членови;
  • одговорен е за евиденција на членовите;
  • врши и други работи во согласност со Статутот и Програмата на Академскиот синдикат.

Член 36

 

На предлог на претседателот на синдикалната организација Советот на синдикалната организација бира заменик претседател.

Во случај на отсуство на претседателот за период до 6 (шест) месеци, функцијата ја презема заменикот на претседателот со полномошно од претседателот и потврдено со одлука од Советот.

Во случај на спреченост на претседателот да ја извршува функцијата подолго од 6 (шест) месеци го заменува заменикот претседател кој е избран од страна на Советот, а за тоа време Советот треба да се свика вонредно Собрание на синдикалната организација.

VIII.    ИЗВРШЕН ОДБОР

Член 37

 

Извршниот одбор е извршно тело на синдикалната организација, односно извршен орган на Советот, составен од 3 (три), но најмногу 5 (пет) члена. Извршниот одбор има претседател и два или четири члена.

Извршниот одбор се конституира на начин и постапка утврдена во членот 26 од овој Статут.


Член 38

Извршниот одбор ги извршува следниве работи:

  • ги реализира заклучоците и одлуките на Академскиот синдикат;
  • подготвува состаноци на синдикалниот совет и синдикалното собрание;
  • подготвува извештај за работата на синдикалната организација, а по потреба и на синдикалната група;
  • предлага програмски насоки за работа на синдикалната организација;
  • подготвува ставови за преговори со раководниот орган на установата;
  • ги извршува заклучоците и одлуките што ги донесува синдикалниот совет на синдикалната организација;
  • дава предлози и мислења за работата на претседателот на синдикалната организација;
  • ги подготвува и ги реализира изборните активности во синдикалната организација и синдикалните група;
  • во синдикални организации кои бројат до 50 члена, гo избира заменикот на претседателот и генералниот секретар на синдикалната организација, на предлог на претседателот и воедно ги превзема надлежностите на синдикалниот совет,
  • врши други активности во интерес на членството, одредени со Статутот на синдикалната организација и со други општи акти.


IX.   НАДЗОРЕН ОДБОР

Член 39

 

Надзорниот одбор има 3 (три) члена и се конституира на начин и постапка утврдени во членот 26 од овој Статут. Членовите на Надзорниот одбор не се членови ниту на синдикалниот Совет ниту на Извршниот одбор.

Надзорниот одбор врши контрола на материјално-финансиското работење во согласност со финансискиот план, пресметувањето на членарината и редовното уплатување на членарината во Академскиот синдикат.

Надзорниот одбор најмалку еднаш на шест месеци, а по потреба и почесто, врши преглед на материјално-финансиското работење на синдикалната организација и за тоа ја информира синдикалната организација, Синдикалниот совет и Академскиот синдикат.

Надзорниот одбор е должен усвоената завршна сметка на синдикалната организација да ја достави до Академскиот синдикат во рок од 15 дена по нејзиното изготвување.

Надзорниот одбор на синдикалната организација има право со писмено барање до Академскиот синдикат во соработка со Надзорниот одбор на Академскиот синдикат, да изврши контрола врз материјално-финансиското работење на Академскиот синдикат.

При пронаоѓање неправилности во материјално-финансиското работење во синдикалната организација, Надзорниот одбор има право да предложи свикување на сoбрание на членовите на синдикалната организација.


Член 40

 

Членовите на некој орган на синдикалната организација можат да поднесат оставка, да бидат разрешени и отповикани.

Членовите на некој орган на синдикалната организација можат да поднесат оставка кога не можат да ги извршуваат своите обврски и кога оставката ја бара членството.

Членовите на некој орган и претседателот на синдикалната организација можат да бидат отповикани кога членовите нема да им искажат доверба, односно кога не се задоволни од нивната работа, кога не ги прифаќаат оцените на нивните организации или на органот и кога нивната работа е спротивна на статутарните и програмските определби.  

Членовите на некој орган и претседателот на синдикалната организација можат да бидат разрешени кога нивните ставови се разидуваат со политиката, ставовите, одлуките и документите на Академскиот синдикат и кога неефикасно и недоследно ги извршуваат ставовите и одлуките на органот.

Членовите на некој орган на синдикалната организација можат да поднесат колективна оставка кога не се во можност да ја остваруваат својата функција.

Исто така, најмалку една третина од членовите на синдикалната организација можат да побараат оставка од органите и избраните функционери, а се гласа со просто мнозинство од присутните членови на седницата на таа синдикална организација.

Синдикалната организација може да го отповика органот на синдикалната организација кога не е задоволна со неговата работа или кога не дејствува во согласност со Статутот и Програмата на Академскиот синдикат. Отповикувањето се врши кога тоа ќе го побараат 1/3 од вкупниот број членови, по што во рок од 15 дена се свикува вонредно собрание и се врши нов избор на органот кој се отповикува.


Член 41

 

Синдикалната организација, согласно Уставот и законите, е самостојна во своето работење и нејзината работа не може да се ограничи со одлука на органот на управување и раководење на институцијата.

Синдикалната организација има право:

  • на простории, материјални, стручни, административни и технички услови за работа;
  • од органите на управување и раководење на иституцијата да бара податоци во врска со тековното работење и нејзиниот развој, особено на оние прашања што имаат најнепосредно влијание на професионалната, материјалната и социјалната положба на членовите на Академскиот синдикат;
  • со свои мислења и предлози да учествува во постапките за донесување одлуки и решенија што имаат големо влијание на професионалната, материјалната и социјалната положба на членовите, а претседателот на синдикалната организација да присуствува на седниците на соодветните органи кога се разгледуваат мислењата и предлозите на Академскиот синдикат;
  • да дава мислење за одговорност на членот за сторените повреди на работната должност и работните обврски, како и застапување на членовите пред надлежните органи во институцијата и надвор од неа;
  • на непречено комуницирање со претставниците на органот на управување и раководење на институцијата и на пристап на работни места во институцијата кога е тоа потребно за остварување на функциите на синдикалната организција.

X.    ФОРМИРАЊЕ НА СИНДИКАЛНА ГРУПА

Член 42

 

Синдикалната организација со поголем број членови, односно работни единици, поради поцелосна и посестрана активност на членовите како форма на работење и дејствување формира синдикални групи.

Синдикална група избира свое поверенство и органи на следниов начин:

  • синдикална група што брои до 15 (петнаесет) членови има раководство од еден повереник и заменик-повереник;
  • синдикална група што брои до 30 (триесет) членови има раководство од еден повереник, заменик и секретар;
  • синдикална група со над 30 (триесет) членови има поверенство од 3 (три) до 5 (пет) членови, од кои 1 (еден) повереник, заменик-повереник, секретар и 2 (два) члена и надзорен одбор од 3 (три) членови, од кои 1 (еден) е претседател.

Со работата на синдикалната група раководи повереникот, а во негово отсуство заменик-повереникот.


Член 43

 

Синдикалната група покренува иницијативи и учествува во разгледувањето, предлагањето и заземањето ставови за водење конкретни акции за сите прашања што се од интерес на членовите.

Синдикалната група организира и расправа за документи и одлуки кои ги донесува синдикалната организација, дава предлози, забелешки и мислења при изградувањето ставови на синдикалната организација.

Ставовите изнесени на состаноците на синдикалната група се усогласуваат во синдикалната организација.


XI.
   ЗАШТИТА И ОСТВАРУВАЊЕ НА ИНТЕРЕСИТЕ НА ЧЛЕНСТВОТО


Член 44

Синдикалната организација заради заштита и остварување на интересите на членовите соработува, преговара и врши притисок врз органите на управување и раководење на институциите.

Соработката, преговарањето и притисокот опфаќаат информирање на тие органи во врска со остварувањето на професионалните, општествено-економските и социјалните интереси на членовите. Притоа покренува иницијатива, предлага решенија и преговара за задоволување на конкретните барања, интереси и потреби на членовите и учествува при склучувањето колективни договори и при обезбедувањето соодветни услови за работа и живот на членовите.

Синдикалната организација, во случај кога интересите на членовите се загрозени и запоставени и кога соработката и преговарањето не ги даваат очекуваните резултати, користи легални и легитимни методи на притисок: јавна критика, бојкот на одредени решенија, одлуки и мерки, барање оставка, отповикување и менување на одделни раководители или органи кои ги сметаат за одговорни, организира протестни собири и други облици на притисок.

Синдикалната организација по сопствена оцена или на барање на повеќето членови за спорните прашања што не се решени по редовен пат, а се однесуваат на професионалната, економската, материјалната и социјалната положба на членовите, или други прашања од интерес на членовите, организира штрајк.

По донесувањето одлука за организирање штрајк, синдикалната организација веднаш го информира Академскиот синдикат.

Правата, обврските и начинот на организирање и водење штрајк се уредуваат со правила за штрајк, во согласност со позитивните законски прописи.

Член 45

 

Раководството на Академскиот синдикат – членовите на Синдикалниот совет, раководството на синдикалната организација – членовите на Советот на синдикалната организација и членовите на Извршниот одбор, Надзорниот одбор и Статутарната комисија, како и поверениците – поверенствата на синдикалните групи не можат да бидат ниту повикани на одговорност ниту доведени во неповолна положба, вклучувајќи го нивното отпуштање од работа поради синдикални активности со кои се штитат правата и интересите на членовите, доколку постапуваат во согласност со Законот, Колективниот договор и општиот акт за време на мандатот и две години по истекот на мандатот.


XII. 
   ОРГАНИ НА АКАДЕМСКИОТ СИНДИКАТ 

Член 46

 

Органи на Академскиот синдикат се:

  • конгрес;
  • совет;
  • претседател;
  • извршен одбор;
  • надзорен одбор;
  • статутарна комисија.

Конгрес

Член 47 

Конгресот е највисок орган на Академскиот синдикат.

Конгресот се свикува на секои четири години.

Критериумите за делегирање, бројот и структурата на делегатите на Конгресот ги утврдува Советот со посебна одлука.

Надлежности на конгресот

Член 48

Надлежности на конгресот се:

  • врши избор на работни тела на конгресот;
  • усвојува деловник за работа;
  • усвојува извештај за работата во изминатиот период;
  • ја оценува работата на Советот;
  • ја оценува работата на претседателот и заменик-претседателите, усвојува Статут и врши измени и дополнувања;
  • усвојува програмски насоки за активностите на синдикатот;
  • ги верифицира мандатите на делегатите на конгресот;
  • врши избор на членови на Советот, Надзорниот одбор и Статутарната комисија;
  • врши избор на претседател;
  • го разрешува претседателот, членовите на Надзорниот одбор и Статутарната комисија;
  • расправа по други прашања од значење на Академскиот синдикат;
  • врши и други работи определени со овој Статут.

Вонреден конгрес

Член 49

 

Вонреден конгрес се свикува ако тоа го бараат најмалку една третина од членовите на Академскиот синдикат, половина од синдикалните организации во кои се донесува одлука со две третини од вкупниот број членови.

Член 50

 

Одлуката за датумот и местото на одржување на конгресот ја донесува Советот најмалку 10 дена пред одржувањето на конгресот, а поканите до делегатите се доставуваат најдоцна 7 дена пред одржувањето на истиот.

Член 51

 

Конгресот работи во пленарни седници и комисии.

Конгресот работи ако присуствуваат две третини од делегатите на конгресот, а одлуките се полноважни ако за нив се изјаснат мнозинството од присутните на конгресот.

   

XIII.    СОВЕТ 

Член 52

 

Советот на Академскиот синдикат е највисок орган меѓу два конгреса, а го сочинуваат 17-23  членови.

Мандатот на членовите на Советот изнесува 4 години, со право на реизбор.

Со работата на Советот раководи претседателот на Академскиот синдикат, кој по функција е претседател на Советот.

Член 53

 

Членовите на Советот ги избира конгресот на начин определен со Деловникот за работа на конгресот.

Критериумите за структурата на членовите на Советот се утврдуваат претходно со посебна одлука на Советот.

Член 54

 

Во Советот меѓу два конгреса можат да се извршат измени и дополнувања на нови членови, најмногу до една третина од вкупниот број членови.

Изборот на нови членови во Советот меѓу два конгреса го врши Советот на предлог на синдикалната организација или друг орган на синдикалната организација, како и на предлог на Извршниот одбор и на Советот на Академскиот синдикат.

Надлежности на Советот

 Член 55

 

Советот на Академскиот синдикат ги има следниве надлежности:

  • одлучува за активности за подобрување на професионалната, економската и социјалната положба на членовите;
  • утврдува и склучува колективни договори и се грижи за нивна реализација;
  • утврдува ставови по сите прашања од интерес на членовите и пошироката академска заедница;
  • утврдува најниска цена на работна сила и исплата на најниска плата;
  • дејствува да обезбеди професионална, материјална и социјална сигурност на членовите;
  • остварува и заштитува права на работникот од заснован работен однос на своите членови;
  • донесува посебни одлуки за прашања кои не се регулирани со Статутот и носи одлука за промена на седиште;
  • организира различни облици на предупредување и притисок, влучувајќи и генерален штрајк, во согласност со позитивните законски прописи и овој Статут;
  • дава иницијатива и презема мерки за решавање на професионални, економски, социјални, еколошки, образовни, културни и други интереси на членовите на синдикатот пред надлежните органи;
  • подготвува програма што ја доставува до делегатите на конгресот;
  • донесува одлуки и правила за начинот на финансирање и користење на средствата од членарината за синдикалните организации и органите на Академскиот синдикат;
  • со седниците на Советот претседава претседателот на Академскиот синдикат;
  • на предлог на претседателот на Академскиот синдикат избира 4 (четири) заменици на претседателот; кои воедно се и членови на Извршниот одбор;
  • на предлог на претседателот на Академскиот синдикат избира генерален секретар на Академскиот синдикат, кој воедно е и член на Извршниот одбор;
  • ја разгледува и ја прифаќа или не ја прифаќа оставката на претседателот на Академскиот синдикат;
  • ја разгледува и ја прифаќа или не ја прифаќа оставката на замениците на претседателот и на генералниот секретар;
  • избира вршител на должност претседател, најдолго за шест (6) месеци, со тоа што начинот и постапката за избор се регулирани со посебен акт на Советот;
  • го разгледува и го прифаќа или не го прифаќа барањето на претседателот на Академскиот синдикат за разрешување на замениците председатели на Академскиот синдикат и на генералниот секретар на Академскиот синдикат;
  • по потреба избира или менува комисии, работни групи и слично;
  • донесува акти на Академскиот синдикат и стручната служба на Академскиот синдикат;
  • по потреба одобрува или одлучува за исплата на разни надоместоци за извршување на одредени работи поврзани со дополнително извршување на обврски од делокругот на работата на Академскиот синдикат;
  • дава предлог за измени и дополнувања на Статутот меѓу два конгреса;
  • донесува деловник за својата работа.

Член 56

 

Во случај на оставка или разрешување на претседателот меѓу два конгреса,

Советот избира нов претседател од редот на замениците-претседатели и 1 (еден) заменик-претседател при што се запазува принципот по азбучен редослед.

Член 57

 

Советот одлучува за поврзување со други синдикати или други облици на синдикално организирање на предлог од Извршниот одбор.

Член 58

 

Советот на Академскиот синдикат ги остварува функциите утврдени со овој

Статут и дејствува врз основа на неговите програмски определби.

Член 59

 

Советот работи кога на седницата присуствуваат мнозинството од неговите членови, а одлуките се полноважни ако за нив се изјаснило мнозинството од присутните членови.

Права и обврски на членот на Советот 

Член 60

 

Членот на Советот има обврски:

  • активно да учествува во работата на Советот;
  • да ги следи состојбите и проблемите на Академскиот синдикат и да земе активно учество за нивно разрешување;
  • да биде носител на спроведување на договорените ставови, одлуки и заклучоци;
  • членот на Советот може да поднесе оставка доколку не ги прифаќа ставовите и одлуките на Советот;
  • оставката на членот на Советот се доставува писмено до Советот на Академскиот синдикат.

Член 61

 

Член на Советот може да биде отповикан и разрешен поради неактивност и поради неспроведување на ставовите, одлуките и обврските преземени од Советот.

Советот го разрешува својот член доколку од неоправдани причини не присуствува на седниците на Советот и тоа три пати во годината.

Член 62

 

Советот се изјаснува по оставката, отповикувањето или разрешувањето на членот на Советот и одлучува по нив. Доколку се усвои оставката, отповикувањето или разрешувањето на членот на Советот, се избира друг член на Советот од страна на матичната организација.

Советот формира верификациона комисија за спроведување на задачите од претходниот став.

Член 63

Советот се свикува четири пати годишно, по потреба и почесто, а задолжително одржува јавна годишна седница на Советот во проширен состав.

Одбори на Академскиот синдикат 

                Член 64

 

Поради поцелосно изразување на непосредните и специфични интереси и потреби на членовите, Советот во рамките на Академскиот синдикат формира одбори како форма на дејствување за решавање на одделни прашања и водење акции на овој Академски синдикат. Одборите се избираат по потреба.

Формирањето е со посебна одлука од Советот на Академскиот синдикат. Делокругот на работа на одборите се уредува со Деловникот за работа на Советот. Со своите ангажирања, членовите на одборите претставуваат врска помеѓу членовите и Советот, изразувајќи ги и презентирајќи ги специфичностите на соодветната струка, односно дејност.

Составот на одборите го утврдува Советот на Академскиот синдикат, а начинот на работа и изборот се регулира со посебен акт.

XIV.    ПРЕТСЕДАТЕЛ 

Член 65

 

Претседателот на Академскиот синдикат е истовремено и претседател на Извршниот одбор и претседател на Советот на НАкС.

Мандатот на претседателот на Академскиот синдикат изнесува 4 (четири) години, со право на еден реизбор.

Можните кандидати за претседател ги предлага матичната организација, а оние организации кои немаат предлог можат да дадат поддршка на еден од предложените кандидати.

Претседателот на Академскиот синдикат го претставува и застапува овој Академски синдикат и соработува со органи и институции во државата и надвор од неа.

Претседателот на Академскиот синдикат колективно ги извршува следниве работи:

  • потпишува колективни договори, актите што ги усвојува конгресот и други акти;
  • свикува и раководи со седниците на Советот и на Извршниот одбор на Академскиот синдикат;
  • свикува и раководи со седниците на Извршниот одбор на Академскиот синдикат;
  • ја насочува политиката и активностите на Академскиот синдикат во согласност со Статутот и програмата за работа;
  • ги координира заедничките ставови на органите на овој самостоен синдикат;
  • ги спроведува одлуките, заклучоците, ставовите и барањата на Академскиот синдикат;
  • остварува соработка со институциите на законодавната и извршната власт во Република Македонија и со други органи, институции и здруженија;
  • ја извршува функцијата претседател на штрајкувачкиот одбор на Академскиот синдикат;
  • соработува со други синдикални организации и асоцијации;
  • ја реализира програмата за меѓународна соработка;
  • води разговори во синдикалните организации;
  • наредбодавец на средствата од финансискиот план на Академскиот синдикат;
  • врши и други работи во согласност со Статутот и програмата за работа;
  • претседателот за својата работа е одговорен пред Конгресот на Академскиот синдикат.

 

Член 66

 

Во случај на отсуство на претседателот за период до 6 (шест) месеци, функцијата ја презема еден од замениците со полномошно од претседателот и потврдено со одлука од Советот.

Во случај на спреченост на претседателот да ја извршува функцијата подолго од 6 (шест) месеци го заменува еден од замениците кој е избран од страна на Советот, а за тоа време треба да се свика вонреден конгрес.

  

XV.    ИЗВРШЕН ОДБОР

Член 67

 

Извршниот одбор е извршен орган на Советот. Извршниот одбор за својата работа е одговoрен пред Советот. Мандатот на членовите на Извршниот одбор изнесува четири години со право на еден реизбор.

Извршниот одбор го бира Советот на Академскиот синдикат од своите редови. Претседателот на Академскиот синдикат по функција е претседател на Извршниот одбор. Извршниот одбор го сочинуваат претседателот на Академскиот синдикат,  четворицата потпретседатели на Академскиот синдикат, генералниот секретар и уште еден член.

Надлежности на Извршниот одбор 

Член 68

 

Надлежности на Извршниот одбор се:

  • ги спроведува ставовите на Советот на Академскиот синдикат;
  • подготвува и предлага ставови до Советот за конкретни активности;
  • ги подготвува и свикува седници на Советот;
  • подготвува финансиски план и годишен финансиски извештај;
  • води финансиски активности и носи одлуки од финансиска природа со максимален износ до 1.000 евра, во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот од донесувањето на одлуката;
  • подготвува предлози за донесување акти на синдикалната организација;
  • евидентира кандидати за членови на Статутарната комисија, Надзорен одбор, други комисии/органи и одбори;
  • ја координира работата на синдикалните организации, на Извршниот одбор и на органите на Академскиот синдикат;
  • предлага распишување, спроведува избори и донесува одлуки и упатства за оваа цел;
  • предлага евидентирање кандидати за претседател на Синдикатот;
  • предлага разрешување на претседателот на Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови;
  • усвојува систематизација на работите и работните задачи и на бројот на вработени во стручната служба на Академскиот синдикат;
  • поднесува предлог за доделување признанија и награди;
  • усвојува деловник за својата работа.

XVI.    НАДЗОРЕН ОДБОР

Член 69

 

Надзорниот одбор врши контрола на материјално-финансиското работење на Академскиот синдикат и Синдикалниот фонд. Надзорниот одбор се состои oд 5 до 7 (од пет до седум) членови од кои 1 (еден) е претседател, 1 (еден) е заменик и 3-5 (од три до пет) членови. Надзорниот одбор го избира конгресот.

Надлежности на Надзорниот одбор

 Член 70

 

Надзорниот одбор ги извршува следниве работи:

  • надзор над материјално-финансиското работење;
  • контрола на распределбата и употребата на финансиските средства;
  • најмалку еднаш на 12 месеци врши контрола и ревизија на вкупното материјално и финансиско работење, на примената на одлуките, правилниците и користењето на имотот. По барање на членовите на Академскиот синдикат, Надзорниот одбор има право да врши контрола на финансиското работење без претходна најава. За сите извршени контроли Надзорниот одбор составува записник и го доставува до Советот и Извршниот одбор. Соработува со надзорните одбори на синдикалните организации и соодветните финансиски органи во државата. Овластен е да врши контрола на материјално-финансиското работење на синдикалните организации. Поднесува извештај за материјално-финансиското работење на Академскиот синдикат на конгресот.

XVII.    СТАТУТАРНА КОМИСИЈА 

Член 71

Статутарната комисија е орган на Академскиот синдикат кој врши надзор на спроведувањето на Статутот и одлучува по претставките и жалбите на членовите и посредува при решавањето на споровите меѓу синдикалните организации. Статутарната комисија е составена од 5 (пет) члена, од кои 1 (еден) е претседател, 1 (еден) негов заменик и 3 (три) члена кои се избираат на конгрес.

Надлежности на Статутарната комисија

             Член 72

 

Статутарната комисија ги извршува следниве работи:

  • се грижи органите на Академскиот синдикат да ги спроведуваат статутарните и програмските определби;
  • решава по претставки и жалби од членовите на Академскиот синдикат во врска со нивните статутарни права;
  • арбитрира при споровите меѓу синдикалните организации и меѓу синдикалните организации и Академскиот синдикат;
  • утврдува предлог на толкување на одредбите од Статутот;
  • поднесува извештај за своето работење пред конгресот.

 

Член 73

 

Претседателот на Статутарната комисија, а во негово отсуство заменик-претседателот, раководи со состаноците на Комисијата и е член на арбитражата во споровите од алинеја 3 на член 70.

XVIII.   СТРУЧНА СЛУЖБА       

Член 74

Стручната служба на Академскиот синдикат ја сочинуваат извршители согласно  акт за организација и систематизација на стручна служба што ја носи Извршниот одбор на Академскиот синдикат.

XIX.    Штрајк 

 Член 75

Штрајкот е организиран прекин на работа на членовите на Академскиот синдикат поради остварување на професионалните, економските и социјалните интереси врз основа на трудот.

Секој член слободно одлучува за своето учество во штрајк.

Член 76

Штрајкот може да биде организиран во високообразовна институција, научноистражувачка установа и друга сродна установа, во дејноста и генерален штрајк на ниво на Академскиот синдикат.

Иницијатива за генерален штрајк во Академскиот синдикат може да покрене секоја синдикална организација или синдикална подружница.

Одлуката за генерален штрајк на Академскиот синдикат ја донесува Советот доколку за одлуката се изјаснат повеќе од половината од вкупниот број членови на Советот.

Член 77

 

Доколку во текот на генералниот штрајк дојде до значајни промени во однос на истакнатите барања, односно започнат преговори, се свикува седница на Советот, на која се донесува одлука за понатамошниот тек на генералниот штрајк.

XX.   ПРАВНА ЗАШТИТА И СОЛИДАРНА ПОМОШ

 Член 78

 

Членот на овој синдикат кој добил отказ или останал без работа поради синдикална активност, остварува право на бесплатна правна заштита по следните услови:

  • да е член на овој синдикат најмалку 3 месеци пред да бидат повредени неговите права и редовно да ја плаќа членарината;
  • причините поради кои е отпуштен од работа да се во согласност со статутарните и програмските определби на овој Синдикат.  

Член 79

 

За остварување на солидарна материјална помош и користење на други материјални погодности, во рамките на Академскиот синдикат, ќе се формира Солидарен фонд (во понатамошниот текст: Фонд)

Начинот на организација и работењето со Фондот ќе бидат дополнително уредени со Правилник за работа на фондот.

XХI.  ФИНАНСИРАЊЕ И МАТЕРИЈАЛНИ СРЕДСТВА НА АКАДЕМСКИОТ СИНДИКАТ

 

Член 80

 

Академскиот синдикат за извршување на функцијата обезбедува средства од членарина, подароци, дотации, прилози, спонзорства и други извори.

Академскиот синдикат може да стекнува средства и со извршување стопанска дејност и давање услуги, за што одлука донесува Советот.

Висината на членарината на членовите на овој синдикат се одредува  со посебна одлука на Советот од нето-платата или надоместоците по друга основа.

Одлука за начинот на распределба на членарината донесува Советот на Академскиот синдикат.

Член 81

 

Средствата од членарината на вработените членови на Академскиот синдикат ги пресметуваат и се уплатуваат преку финансиските служби во институциите при исплата на платата или лично на сметка на Академскиот синдикат.

     

XXII.   ПРЕСТАНОК НА АКАДЕМСКИОТ СИНДИКАТ

 

      Член  82

Академскиот синдикат може да престане со работа:

  • Со одлука на конгрес донесена со 2/3 мнозинство;
  • Кога бројот на членовите ќе се намали под определениот број за основање;
  • Кога со правосилна одлука на надлежен орган ќе се забрани работата на синдикатот;
  • во други случаи утврдени со Закон.

По престанокот на работата на Синдикатот, имотот и другите права и приходи што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на оснивачите на Синдикатот или Синдикалните организации, што ќе се одреди со посебна одлука.

XXIII.    ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 Член 83

Статутот го донесуваат делегатите на конгрес по претходно изјаснување на членовите.

Измените и дополнувањата на Статутот се вршат на начин и постапка како при неговото донесување. Измените можат да се донесат доколку за нив се изјаснат две третини од вкупниот број членови на Советот, односно согласно одредбите на овој Статут.

Усогласувањето на Статутот со законите и подзаконските акти меѓу два конгреса може да го направи Советот на Академскиот синдикат со двотретинско мнозинство на предлог на Статутарната комисија и Извршниот одбор.

Член 84

 

Синдикалните организации се должни да ги усогласат своите акти со одредбите на овој Статут во рок од 6 до 9 (од шест до девет) месеци од неговото донесување.

 Член 85

 

Се задолжува стручната служба на Академскиот синдикат да направи пречистен текст, кој треба да го донесе во рок од 8 дена по завршувањето на конгресот.

 Член 86

Измените и дополнувањата на Статутот стапуваат во сила со денот на прифаќањето, а ќе се применуваат од во рок од 8 дена од усвојувањето.

 Член 87

Овој Статут стапува во сила од денот на неговото донесување.

Со стапување во сила на овој Статут престанува да важи претходниот Статут во организационите единици кои стапиле во овој Академски синдикат.        

За НАкС- Претседател,

Маја Стевановиќ