
Членови на Независниот академски синдикат можат да бидат сите вработени, вклучени во дејностите на јавните и на приватните високообразовни и научни установи во Република Македонија: наставниот, научниот, соработничкиот и административно-техничкиот кадар, како и студентите и пензионираните професори.
Независниот академски синдикат се залага за подобрување на квалитетот на високото образование во Република Македонија преку почитување на академската автономија, враќање на дигнитетот на академската заедница и нејзиниот општествен и социјален статус, како и преку овозможување соодветни услови за реализација на образовната дејност, научните истражувања и уметничкото творештво.
Цели и задачи на НАкС се:
- синдикална заштита на своите членови:
- заштита на личниот, професионалниот и стручниот интегритет на своите членови согласно принципот на автономија на универзитетот;
- заштита на правата од работен однос;
- подобрување на условите за работа, заштита при работа, заштита на животната и работната средина, како и посебна грижа за здравјето и животот на вработените во процесот на работата;
- подобрување на условите за професионален развој, како и унапредување и заштита на интелектуалната работа и творештвото;
- остварување други цели и интереси на членовите.
Методи на дејствување на НАкС се:
- организирање синдикални организации во јавните и приватните високообразовни институции, научно-истражувачки установи и други сродни установи, врз основа на доброволно изразена волја на членовите;
- информирање и обука на членовите за нивните права;
- застапување, остварување и уредување на правата од работен однос на своите членови;
- учество во работата на надлежните органи и институции заради застапување на интересите на членовите;
- покренување иницијативи, расправање и давање предлози и мислења за закони и други правни акти со кои се уредува професионалната, општествено-економската и социјалната положба на членовите;
- преговарање со работодавачите, како и иницирање, организирање, водење штрајк и следење на ефектите од штрајкот со цел остварување на правата и барањата на членовите;
- основање фондови за материјална помош, солидарност, заемност, како и хуманост на членовите;
- соработка и вмрежување со сродни синдикати од земјата и од странство заради остварување на заеднички интереси.
НАкС се залагаше и ќе се залага за:
- Инклузивен процес за изработка и донесување нов Закон за високо образование
(ЗВО) во кој академската заедница ќе биде активен партнер ✔ ;
- Нов Закон за високо образование кој ќе гарантира:
- широк опфат на академски слободи ✔;
- автономија на високообразовните установи што се одразува преку:
автономија во организацијата и неповредливост на академскиот простор ✔,
– ефективна финансиска автономија на јавните високообразовни установи што подразбира и слободно управување со сопствените средства, т.е. нивно изземање од системот на трезорско работење X,
– ефективна кадровска автономија на јавните високообразови установи што подразбира и изземање на наставниот кадар од постапката за добивање повторни одобренија од надлежните органи за вработување лица на испразнети работни места согласно актите за систематизација, а за кои претходно биле обезбедени финансиски средства X ;
- изземање на академската заедница од Законот за јавни службеници ✔
- децентрализација на управувањето во високообразовните установи којашто, истовремено, го поддржува концептот на интегриран универзитет ✔;
- мерки и механизми за осигурување на квалитетот на високообразовната дејност согласно европските стандарди ✔
- реални и соодветни услови и критериуми за избор во звања согласно спецификите на научните подрачја и уметничките области ✔;
- појасно дефинирање на системот на финансирање на дејноста на јавните високообразовни установи согласно спецификите на студиските програми ✔;
- правила за определување минимална плата на наставниот кадар на вработените во јавните високообразовни установи, којашто би била соодветна на платите во јавниот сектор, а согласно наставно-научните звања X;
- интегрирање на студентските организации во системот на високообразовните установи ✔, како и прецизирање на прашањата со кои се уредува студентското организирање и нивното учество во процесот на донесување одлуки ✔.
- Отпочнување инклузивен процес на преговарање за општ колективен договор во дејноста.
- Отпочнување инклузивен процес на преговарање за колективни договори за вработените во јавните и приватните високообразовни и научно-истражувачки установи во Република Македонија.