Во интервјуто насловено „На студентите им фали пракса, неспремни за работа ги завршуваат студиите“, објавено на порталот Умно.мк, проф. д-р Мира Беќар зборува за наодите на документот „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“, во чие подготвување учествуваше и таа.

Според Беќар, во минатото се вовела задолжителна пракса без која студентите не можеле да запишат/заверат семестар ниту да дипломираат.

– Но, за жал тоа замре. Не би ја обвинувала короната за сè. Кога почна реализацијата на таа замисла, беше спроведувана соодветно, но во повеќе институции подоцна почна да добива димензии не на суштинска пракса каде студентите стекнуваат компетенции, туку само наоѓање потврда, односно некој да потпише дека студентот изршил пракса. Зборувам за институциите каде сум имала увид, не генерализирам. Дел од прашањата кои се потенцираат како слабости на високото образование се прашања уредени со актите на надлежните органи и тела, особено на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност. Па така, прашањето на големината на групите на студентите за предавања и вежби е прашање кое би требало да се уреди со Правилникот за нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи и за вршење високообразовна дејност, а прашањето за содржината на студиските програми и достапноста на информации за нив за студентите со Правилникот за содржината на студиските програми. Овие акти се застарени, а нови сè уште не се донесени. Како НАкС постојано бараме донесување на овие акти со поголема вклученост на засегнатите страни – објаснува таа.

Додава и дека синдикатите во земјава треба да се реформираат за да се отстрани стереотипот од минатото дека синдикалците се пасивни луѓе кои се врзани единствено за своите фотелји.

Целосното интервју прочитајте го на Умно.мк