За предложениот колективен договор и платите во високото образование



Пишува Елена Џукеска, редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје и претседателка на Независниот академски синдикат

„Без финансиска и кадровска автономија нема вистинска автономија!“ нагласува проф. д-р Ратко Дуев, редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и декан на Философскиот факултет во својата колумна објавена на (Факултети.мк).

Да, навистина е така без финансиска и кадровска автономија универзитетите навистина немаат вистинска автономија. Ја поздравувам решителноста на деканот да истапи во јавност во одбрана на автономијата и да проговори за суштинските проблеми што стојат во заднината на потребата да се потпише колективен договор за високо образование и наука. Автономијата им ја гарантира неопходната слобода на универзитетите да работат без надворешни притисоци. Но, тоа е слобода да покажеш што знаеш и умееш, а не слобода да правиш што сакаш и е бескрајно голема одговорност и всушност, потребно е големо знање и умешност за да ја искористиш слободата што ти е дадена, а уште поголемо да ја освоиш, кога не ти е дадена.

Оттука, разбирливо и неопходно е потсетувањето на настаните од 2014 и периодот до донесувањето на новиот ЗВО во 2018 година. А, потребна е и мала фактографска исправка и дополнување на меморијата на проф. д-р Дуев. Автономната зона на Филозофскиот факултет не беше единствената, а за неа студентите и професорите од пленумите мораа да се изборат, не дека им беше дадена на тацна од тогашната управа на факултетот. И, да, освен предлог законот за ЗВО подготвен од Професорски пленум имаше и два други, контра-закони. А, сликите пак од изборот на ректор на УКИМ со нелегитимни претставници на Студентски парламент, и славното отворање на вратата од ресторанот на ректоратот за да влезе кандидатот за ректор. Ех, какви денови беа тоа. Во тие денови не се зборуваше многу за поддршка на автономијата. Барем тоа не го правеа органите и телата на универзитетите.

Фактот што сега за првпат станува реалност потпишувањето на Колективен договор за областа високо образование и наука по 30 години независна и суверена Македонија сам по себеси кажува многу. Проф. д-р Дуев вели бил дел од многу преговори за зголемување на платите и финансирањето на високото образование. Верувам, но ние вработените никогаш не сме разбрале за тоа, ниту пак сме биле консултирани што мислиме, ниту пак некогаш била спомената можноста за организирање притисок кон власта во форма на штрајк. За што тогаш преговарале нашите декани и ректорот во изминативе години? Автономијата (грчки збор што значи самоуправување) ја црпи својата сила од одговорноста на секој професор на универзитетот и можноста тие да учествуваат во одлучувањето преку органите и телата на универзитетот. Дали можеби нашето раководство сакало низ годините свесно да не ослободи од нашата одговорност за да ја намали силата на автономијата?

Нејсе, Независниот академски синдикат се залага за Колективен договор уште од освоето основање. Се залага затоа што е тоа највисок акт за заштита на правата од работен однос, уникатна можност вработените преку социјален дијалог да преговараат со ресорното министерство и да изјдејствуваат унапредување на својата положба. Правата од работен однос на вработените во секторот високо образование и наука, имајќи ја предвид токму автономијата на универзитетите е специфична материја. Овие права се многу повеќе од право на годишен одмор, боледување, регрес и сл. Ова, очигледно проф. д-р Дуев, од позиција на декан, застапник на работодавачот не може да го разбере и не го разбира. Не е прашањето зошто за претходните покачувања на платите не требало колективен договор, туку зошто тие покачувања биле инцидентни, а пресметката на платите во секторот високо образование, во делот што го финансира МОН нејасна и зошто тој дел се разликува и денес од факултет до факултет, а треба да биде ист. Но, ако деканот не може да ја разбере позицијата на вработените, тоа можеби и може некако да се разбере, иако не и да се оправда. Сакам да кажам, човечки е. Столицата на којашто седиме ни го моделира начинот на мислење. Но, никако не може да се разбере, а за оправдување ич дума да не стане, тоа што професорот и декан ноншалантно изјавува дека УКИМ морал да организира репрезентативен синдикат за да се реализира покачувањето од 10 % ветени во 2019, по барање на ресорните министерства, со што отворено става до знаење дека Законот за работни односи може да се прекршува ако така сака управата. Упад во работата на синдикатите се вика ова и Државниот инспекторат за труд по пријава од НАКС констатира дека ректорите на УКЛО и УКИМ минатата година не ги почитувале одредбите од чл. 195 од Законот за работни односи кога го иницирале основањето на синдикат на вработените. Претседател на актуелниот Сојуз на синдикати на УКИМ, настапуваше како претседател и на синдикатот, чие основање го организираше ректоратот на УКИМ минатата година. Оттука, логично е човек да се запраша какви се врските на ССУКИМ со ректорот на УКИМ и раководствата на факултетите, па и, како што впрочем се запрашува и професорот д-р Дуев „Дали синдикатите имаат автономија?“. Претпоставувам станува збор за лапсус, белким се мисли на загарантираното право на самостојност и независност во работењето од управата, односно од работодавачот, она истото што Државниот инспекторат лани во март утврди дека ректорите на УКЛО и УКИМ го узурпирале.

НАКС есента 2019 го направи првиот чекор кон потпишување на колективен договор со тоа што достави свој предлог до МОН, иницираше средби со ресорниот министер и ја алармираше јавноста и академската заедница дека тој е неопходен. Колективниот договор што МОН и СОНК се подготвени да го потпишат во моментов е резултат на повеќемесечни преговори, во кои учествуваше со свои претставници и НАКС. Вклучувањето на НАКС во овој процес го црпи легитимитет од јавно објавените заложби на синдикатот, врз основа на програмата за работа усвоена на првиот конгрес и од релевантна интерна процедура помината во советот и извршниот одбор. Оттука, изјавата на проф. д-р Дуев „НАКС го приклучија кон СОНК“ освен што е неточна, е повторно узурпирање на правото на независност во работата на синдикатите, загарантирана со Законот за работните односи. Професорот е декан, дел од управата на универзитетот и не дозволиво е да им упатува порака на омаловажување и заплашување на членовите на еден синдикат, а од друга страна отворено да фаворизира друг. Освен тоа, соработката помеѓу два синдиката е сосема вообичаена работа и се вика синдикална солидарност. Но, што би знаел работодавач за тоа.

Она за што се залага НАКС, а што е јавно објавено уште пред една година е соодветна валоризација на трудот на вработените и во наставниот и во ненаставниот сектор, зголемување на основата на платата според сложеност на работното место и јасно дефинирање на тоа што е основна плата, загарантирано покачување на платите во високото образование и наука со покачувањето на минималната, односно просечната плата во државата, утврдување горен лимит на работното време поминато во настава на професорите, загарантирана исплата на минатиот труд од основниот буџет на МОН за сите факултети, загарантирано право на синдикално здружување, право на штрајк, дури и кога е повредена автономијата на универзитетот.

Преговорите за колективен договор за жал се одвиваа во време на пандемија, искуство со коешто и многу побогати држави од нашава тешко се справуваат. Да, не зборуваме за психичкото оптоварување на луѓето. НАКС, свесен за севкупната ситуација во државата и од економски и од секој друг аспект, но исто така свесен и за финансиските импликации од сите одредби на колективниот договор, а не само оние кои се однесуваат директно на висината на платата (Овде мислам на вработувањето на нов кадар, што воведувањето на горен лимит во бројот на часови што еден наставник може да ги држи ќе го наметне или одредбите кои се однесуваат на загарантираното право на соодветни услови за работа и сл.) предложи финансиските обврски да се реализираат во период од пет години. На пример, за да се достигне посакуваниот коефициент 5 (пет пати поголема плата од миналната) за редовен професор, да има 10 % покачување првата година, 16 % втората, 16 % третата итн. и соодветно за сите други категории работни места и кај наставниот и кај ненаставниот кадар.

Она што вработените сега ќе го добијат во финансиска смисла со колективниот договор што ќе го потпишат МОН и СОНК, се безмалку првите две години, од предлогот. Растењето на платата во зависност од растењето на просечната плата е загарантирана со одредба, која вели дека по истекот на колективниот договор, ако не се потпише нов, платите на вработените ќе се пресметуваат според основа, која се врзува за просечната плата од таа година. Обвинувањата дека со овој договор се деградира наставниот кадар, а се дискриминира ненаставниот кадар се неточни. За некои категории вработени во административно-стручната служба платите во следниот две годишен период ќе покачат и за повеќе од 20 %, а покачување е и предвидено и работните места со најнизок степен на сложеност. За потсетување ректорите и деканите минатата година беа подготвени да потпишат колективен договор со само еден член за покачување од само 10 %, во кое не беше вклучен ненаставниот кадар. Па, свесен за неправедноста на тоа решение деканатот на Философскиот факултет не извести дека наставниот кадар ќе добие само 8 % покачување, а ненаставниот 2 %.

Преговорите за колективен договор, како и сите други аспекти на социјалниот дијалог се двонасочна улица. Од една страна се потребите и барањата на работниците, од другата страна интересите на работодавачот, во случајов реалните можности на државата да ги покрие трошоците на јавниот сектор. Ниеден договор не е идеален, а вистинските резултати од преговорањето се гледаат дури тогаш кога тој ќе се реализира во пракса. Сепак, едно е сигурно, за разлика од сите претходни нереализирани договори на деканите и ректорот, овој сепак ќе се реализира.

Ние во НАКС сме свесни дека претстои уште многу труд додека да дојдеме до посакуваната цел, а таа не е само редовните професори да имаат пет пати поголема плата од најниската во државата, туку барем најстариот универзитет во Македонија, УКИМ да се вброи меѓу првите 100. И за таа цел ќе продолжиме и понатаму посветено да се бориме.

За севкупните импликации и придобивки од колективниот договор помеѓу СОНК и МОН, кон кој НАКС ќе побара приклучување по неговото потпишување во друга прилика.