Дебатата за Законот за високото образование во медиумите




Независниот академски синдикат (НАкС) на 16. декември 2022 година одржа отворена дискусија насловена „Законот за високото образование: Искуства од примената и потреба за промени“. На неа, членовите на академската заедница, органите на управување во високобразовните установи и клучните институции за високото образование имаа прилика да ги пренесат своите искуства, забелешки и препораки кои произлегуваат од спроведувањето на Законот за високото образование донесен во 2018 година.

Во прилог ви пренесуваме дел од објавите на медиумите кои го проследија настанот.


НАкС: Законот за високо образование има основа, ама проблем се спроведувањето и финансирањето

Објавува: Радио МОФ

Генерално, НАкС смета дека законот има основа, но сепак евидентни се проблемите со неговата имплементација. Односно, со системите што ќе обезбедуваат квалитет, но и со концептот за финансирање на високото образование, особено за јавните високообразовни установи платени од буџетот на државата.

„Забележливо во овие четири години е дека премногу се доцнеше со формирање на телата, кои се многу важни за имлементација на законот – Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, Одборот за евалуација, Одборот за акдредитација. Еден куп позаконски акти се’ уште не се ажурирани, дури сега во 2022 се ажурираат, а изминатиов период се спроведувале акти од стариот закон, верзијата од 2010 година. Тоа е недозволиво, ако сакаме да се менуваат работите на подобро“, вели Елена Џукеска, претседателка на НАкС и професорка на Филозофскиот факултет на УКИМ.

Џукеска ваквото задоцнето функционирање го карактеризира како „катастрофално“. Според неа, прашање е дали сите овие тела функционираат со свој полн капацитет, а практично од нив зависи како ќе се одвиваат работите во високото образование.

„Особено е катастрофално што Националниот совет се’ уште нема донесено акт за финансирање, препораки, или упатство како да се формираат критериуми за избор во звања итн. Еве, дури сега се работи на ажурирање на фраскатиева класификација и тоа со недоволна вклученост на академската заедница. А, последен пат е ажурирана во 2015 година и содржи куп грешки и недостатоци. Сè оди премногу бавно, а светот оди премногу брзо“, рече Џукеска пред новинарите, надевајќи се дека телата ќе бидат присутни во дискусијата за законот.


Сè оди премногу бавно, додека светот се движи многу брзо напред, велат од НАКС за Законот за високо образование

Објавува: ТВ Телма

Секоја несоодветна имплементација на Законот најмногу ги засега и студентите, но и општеството воопшто. Во јавноста постои перцепција дека во оваа економска криза е можеби премногу да се бара платите на академскиот кадар да бидат зголемени, но факт е дека сериозно се заостанува во делот на надоместоците за плати, смета професор Здравева.

„Многу сериозно заостанува зад она што постои во непосредното опкружување. Не правиме муабет за државите од ЕУ, туку за непосредното опкружување Србија, Косово, Црна Гора, Босна каде што просечните плати се барем двојно поголеми од оние што постојат сега“, изјави професорката докторка Неда Здравева од Правниот факултет „Јустинијан Први“.


НАкС: Законот за високо образование сè уште не ги испорачува потребните промени

Објавува: ТВ Канал 5

Неда Здравева која е редовна професорка на Правен факултет Јусинијан Први истакна дека се забележани бројни проблеми кои покажале слабости во Законот за високо образование и во неговата имплементација.

-Законски текст можеби и не е многу спорен, но она што досега се случуваше во неговата имплементација покажа дека има недостатоци кои може и треба да се надминат особено ова се однесуваше на воспоставувањето на системите за обезбедување на контрола на квалитетот во високото образование, практично создавањето или формирањето на националните органи и тела како Националниот совет за високото образование и Агенцијата за обезбедување на квалитетот тоа е надминато, но не сме сигурни колку нивната подзаконска рамка која тие ја создаваат е воспоставена. Втората клучна работа, а која досега не е реализирана е прашањето на креирањето на концептот на финансирањето на високото образование, особено финансирањето на јавните високо образовни установи и кои се финансираат од буџетот на државата, изјави Здравева.