ДПИ: УКЛО и УКИМ ја нарушиле слободата во синдикалното организирање


Ја известуваме јавноста дека до Независниот академски синдикат (НАкС) пристигна известување во врска со нашиот поднесок доставен на 27.01.2020 до Државниот инспекторат за труд, во кој изнесовме наводи дека со спроведувањето на иницијативата за организирање на нови синдикати, работодавачите: Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје постапиле спротивно на член 20 од Уставот на РСМ и член 195 од Законот за работни односи и побаравме од инспекторатот да преземе соодветни дејства.

На 28.01 и 30.01.2020 година извршени се инспекциски надзори кај универзитетите и утврдено е дека фактичката состојба во целост одговара на наводите што ги презентираше НАкС.

Инспекторите утврдиле дека:

„Со тоа што целокупната комуникација, постапката и редоследот на активности  во делот на основањето на синдикатот кај работодавачите Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се одвивала преку службените мејлови кај работодавачот, по директна инструкција на генералниот секретар, со давање на насоки на вработените и доставување на изготвени пристапници од страна на генералниот секретар и секретарите во единиците во состав, се нарушува уставно загарантираното право на самостојно здружување на работниците, како и можноста на слободниот избор на истите да основаат синдикат по свој слободен избор, а не по правила и насоки утврдени од страна на работодавачот и административните служби кај истиот. … Работодавачите не ги почитувале одредбите од членот 195 од Законот за работни односи, со тоа што слободното здружување го свеле на службена комуникација и давање на насоки со што извршиле надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, со што работодавачот сторил повреда на погоре цитираниот член од Законот за работни односи.“

Инспекторатот според тоа заклучил дека со повредата на чл. 195 од Законот за работни односи работодавачите сториле прекршок утврден во чл. 265-а ст. 1 и 2 од истиот закон и затоа Државните инспектори за труд ке спроведат постапка согласно законските одредби.

Независниот академски синдикат очекува ректорите и генералните секретари на универзитетите „Св. Климент Охридски“ од Битола и „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје да преземат одговорност за нарушувањето на угледот на нашите високообразовни институции и бара од нив да ги запознаат вработените со содржината на записниците на Државните инспектори за труд, на истиот начин на којшто им соопштија дека мора да се основаат синдикати.