Независниот академски синдикат (НАкС) на 29.03.2023 година оствари средба со претставници на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН), на која се разговараше за потпишување на нов гранков колективен договор за високо образование и наука.
Една од клучните точки во разговорите се однесуваше на зголемување на платите за вработените во високото образование и науката. Да потсетиме дека минатата година НАкС ја поздрави одлуката за покачување на минималната плата, но предупреди дека оваа одлука без усогласување со постојните колективни договори води кон воедначување на трудот на вработените кои извршуваат позиции со различен степен на сложеност и образование. НАкС предупредува дека проблемот станува уште поизразен со новото зголемување на минималната плата во март 2023 година, како и со високата инфлација и зголемувањето на цените на основните производи за живот.
НАкС го поздравува потпишувањето на Колективниот договор на Унивезитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од 29 декември 2022, но уште еднаш укажуваме дека се потребни системски решенија за вработените во сите јавни високообразовни и научни установи и затоа ќе поддржиме потпишување на нов гранков Колективен договор за високо образование и наука кој ќе го овозможи тоа, врз база на ветувањата дадени на состанокот од страна на претставниците на МОН.
НАкС е подготвен во соработка со СОНК и МОН да даде конструктивен придонес во преговорите за надградување на веќе стекнатите права, обезбедување подобра социо-економска состојба во овие кризни времиња и услови за поглема работна успешност на вработените во високото образование и науката преку Колективен договор за високо образование и наука, кој предвидува примена на коефициенти за соодветно вреднување на трудот по обем и сложеност поврзани со минималната плата.