НАкС со серија објави по повод 30 години независност на Македонија
Независноста на Република Македонија донесе слобода граѓаните самите да одлучуваат за судбината на својата држава. Од тој момент, самите сме одговорни и заслужни за општествените напредоци и прогрес кој сме го оствариле, но и за сите проблеми кои не сме ги решиле.
По тој повод, Независниот академски синдикат создаде серија на објави, кои во наредниов период ќе се објавуваат на фејсбук-страницата на НАкС, низ кои ќе ги изложиме состојбите во високото образование во изминативе 30 години.
Следете нè на фејсбук!
Во прилог споделуваме дел од објавените содржини.
Колективен договор
За прв пат во историјата на независна Македонија, на 04.05.2021 година, потпишан е гранков колективен договор за високо образование и наука, помеѓу СОНК и МОН, кон кој се приклучи и НАкС, со којшто започна решавањето на долгогодишните наталожени системски проблеми.
Колективниот договор опфаќа:
• Нормирање и унапредување на правата на работен однос во секторот високо образование и наука;
• Транспарентно уредување на платите во државното образование и обезбедување на нивен континуиран раст;
• Позиционирање на синдикатите и синдикалните права.
• За прв пат се воведува категоријата на АВТОНОМИЈАТА (академска слобода, автономија на управувањето, неповредливост на просторот, финансиска автономија, кадровска автономија и неприкосновеност на автономијата) како причина за штрајк, со што се заштитува како највисок дострел и најголема одговорност.
Борбата за подобар општествен статус и значително поголеми материјални права на сите вработени во високото образование и науката, за поголем квалитет на високото образование и враќањето на дигнитетот на академската заедница продолжуваат уште поревносно.