Почитувани,

Ве покануваме да присуствувате на јавната презентација на анализите на Независниот академски синдикат (НАкС) за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од шангајската листа.

Настанот ќе се одржи во вторник, 07 ноември 2023 год. со почеток од 11.00 часот во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (Бул. Партизански одреди бб, Скопје). Автори на документот се проф. д-р Мимоза Ристова, проф. д-р Виктор Стефов и проф. д-р Мирјана Најчевска.

За анализите

Во услови кога домашните студенти се лишени од секакви академски подобности (немање стипендии или ниски стипендии, лоши услови за студирање и сместување), а универзитетите добиваат минимални средства за научни и истражувачки проекти, станува исклучително важно каде и за што се трошат парите на Министерството за образование и наука.

Еден од начините на одлив на овие средства е и стипендирањето студенти кои запишуваат студии во странство.

Во анализите на НАкС, од достапните податоци кои ни беа дадени од МОН, за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од шангајската листа се обработени:

  • Обемот на средствата што биле потрошени за оваа намена,
  • Бројот на студенти кои добиле вакви стипендии, а кои останале да работат во странство со што Северна Македонија од својот буџет поддржува развој на економии и администрации на други држави.
  • (Не)враќањето на доделените средства од корисниците на стипендија за студирање во странство кои не засновале работен однос во државата.
  • Отсуството на стратегијата за стипендирање, програма и прецизно наменско буџетирање.
  • Отсуството на прецизно и соодветно дефинирани критериуми за рангирање и избор на студентите кои добиваат стипендии за студирање во странство во законите, подзаконските акти и конкурсите кои ги распишува МОН.
  • Отсуството на било какви критериуми за областите на интерес на Северна Македонија, области кои не се застапени во високото образование во државата и области кои се од интерес за бизнис заедницата или каде што има утврден недостаток на соодветен кадар.
  • Продолжително негување на дискреционите права на министерот до ниво на самоволие во одлучувањето за стипендиите кои ќе бидат доделени.

Студијата на НАкС на крајот од анализите носи заклучоци за исплатливоста и дава и препораки за подобрување на состојбата во науката и високото образование.

За проектот

Проектот „Aнализи на НАкС за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од шангајската листа“ е изработен и финансиран од Независниот академски синдикат.