СООПШТЕНИЕ
ВО ВРСКА СО РАБОТЕЊЕТО НА
ИНЕТРУНИВЕРЗИТЕТСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА

Заради заштита на јавниот интерес, чувствуваме должност  да ја алармираме пошироката јавност за неправилностите и злоупотребите во работењето на Интеруниверзитетската конференција, за законските недоречености поврзани со нејзиниот правен статус, како и да го повикаме Министерот за образование и наука да преземе соодветни дејствија.

Интеруниверзитетската конференција е форма на здружување на сите осумнаесет акредитирани универзитети во државата, која со Закон за високо образование од 2018 година доби нови, исклучително значајни надлежности –  да предлага и избира членови во телата кои треба да имаат клучна улога во регулативата и контролата на квалитетот во високото образование. Во неа членуваат ректорите и претседателите на студентските собранија на сите универзитети, еден директор на висока стручна школа, како и 20 члена кои се бираат од редот на редовните професори. Значи, интеруниверзитетската конференција би требало да брои  вкупно 57 членови.

Сепак, останува нејасно колкав е точниот број на членови на сегашната Интеруниверзитетска конференција, врз кој законски основ е дојдено до сегашниот состав и како се засметува кворумот потребен за донесување статут и носење одлуки. Имено, според нашите сознанија, новата Интеруниверзитетска конференција се има конституирано само со избор на старо-новиот претседател и со придодавање на ректорите на приватните универзитети, но без претседателите на студентските собранија на универзитетите, како и без да бидат избрани нови членови од редот на универзитетските професори. Дополнително, не е исполнета законската обврска за јавност во работењето преку изготвување на сопствена веб-страна на која треба да се објавуваат актите, одлуките и јавните повици, како и информациите за закажаните седници.

Конечно, „креативното толкување“ на Законот при работењето на Интеруниверзитетската конференција кулминирало на седницата на која биле предложени и избрани членовите на Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, позиции за кои  јавниот повик не беше објавен на сопствената веб-страна, како што е пропишано во член 89 став 7, 8, 9 и 19 од новиот Законот. На седницата одржана на 18.03.2019 година, Претседателот проф. д-р Никола Јанкуловски на присутните членови им сервирал „статутарно поткрепена’’, дискриминаторска предлог-номинација (наместо вистински избор), којашто ја изготвиле ректорите на јавните универзитети уште на седницата на 26.02.2019 година, со однапред определени имиња за веќе поделените места по универзитети. Поради револт од самоволието и оневозможеноста да се разгледуваат и оценуваат сите кандидатури и, конечно, поради потребата да се престане со принципот на негативна селекција, а со цел да бидат избрани  најдобрите кандидати, членовите од неколку универзитети ја напуштиле седницата. Според нашите сознанија, изборот бил извршен со не повеќе од 19 члена, т.е. без кворум. Со ваквата фарса е прекршено словото на Законот, а истовремено е повреден личниот и професионалниот интегритет на нашите колеги, кои попусто се пријавиле на јавниот повик.

Од сето ова можеме да заклучиме дека работите не се менуваат на подобро. Имено, повеќето членови на Интеруниверзитетската конференција од претходниот состав, кои цела деценија отстанаа неми набљудувачи на систематското  уривање на автономијата на универзитетите од страна на претходната власт, сега го изигруваат Законот за да си поделат сфери на влијанија.  Да потсетиме дека членовите на ПП и НАкС со години се бореа да ја вратат изгубената автономијата на вистинскиот патоказ, а овие остаточни структури си продолжија да ја третираат академската заедница како да е нивен личен посед, спроведувајќи класично феудално самоволие.

Поради сето тоа, а врз основа на уставните начела за заштита на автономијата на универзитетите,  како и врз основа на членот 203 од Законот за високо образование, од Министерот за образование и наука, како  најдиректно одговорен за законитоста на работењето во високото образование, бараме:

– веднаш да ја поништи одлуката за избор на предлог-членови и членови на Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација;

– да ги суспендира сите донесени акти и одлуки усвоени од страна на  Интеруниверзитетската конференција во дискутабилниот старо-нов  состав и со проблематичен кворум за одлучување;

– да поведе постапка за дополнување на Законот со која ќе се допрецизира правниот статус на Интеруниверзитетска конференција. Апелираме дека Интеруниверзитетската конференција не смее да остане фантомски ентитет кој никаде не е регистриран ниту, пак, да не постои орган кој е надлежен за потврдување или усвојување на нејзиниот статут, како и за контрола на законитоста во нејзиното работење;

– да се конституира нова Интеруниверзитетска конференција согласно Законот;

– да се санкционира недоследната примена на принципот на транспарентност во работењето;

Само по конституирањето на новата Интеруниверзитетската конференција согласно Законот и по донесувањето подзаконски акт во кој ќе се уредат постапката и критериумите за избор, ќе биде возможно распишување нов јавен повик за членови во Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација кој ќе резултира со избор на најквалитетните експерти што ќе го уредуваат високото образование во државата.

Претседателка на НАкС

Маја Стевановиќ