Раководството на УКИМ неодамна отпочна дискусија во рамки на единиците за евентуално зголемување на висината на студентската школарина и партиципација. Свесни дека постои проблем со финансирањето на јавните универзитети во државата, сметаме дека универзитетите треба да предлагаат решенија кои се во насока на подобрување на транспарентноста на финансирањето и реализацијата на буџетот од Министерството за образование и наука, а не во зголемување на издатоците на грбот на студентите.

НАкС, од своето основање во 2016-та година до денеска, се бори за воведување на транспарентен систем на финансирање во високото образование. Со ова подразбираме создавање јасна методологија за креирање на буџетот на Министерството за образование и наука, со воспоставени критериуми за распределба и реализација на средствата кон различните високообразовни и научни институции, и секако, критериуми по кои се формираат платите на кадарот во секторот високо образование и наука.

Во вака поставениот систем, партиципацијата на студентите нема никаква улога. Студентската партиципација воведена пред 20-тина години, до нејзиното целосно укинување за достигнување на идеалот на бесплатно образование за кој НАкС се залага, треба да се користи исклучиво за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите. Одговорноста за финансирањето на високообразовните и научните установи припаѓа исклучиво на државата и ресорните министерства, а понатака на раководствата на универзитетите и факултетите.

Потсетуваме дека од потребниот транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката, од 2018 година до денеска, реализирана е само последната алка – транспарентно формирање на платите на кадарот во секторот високо образование и наука од буџетот на МОН, и тоа како здружен напор на СОНК и НАкС, со гранковиот колективен договор од 2021 година. Во меѓувреме не се направени никакви напори од државата и од надлежните тела да се постават другите столбови на финансиската транспарентност. Потенцираме дека зголемувањето на студентската партиципација само привремено ќе ги одложи реформите кои мора да се случат за одржливо финансирање на јавното високо образование и наука. Само транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката може да обезбеди правичност, извесност и одговорност во финансирањето, кое би резултирало со поквалитетно образование и наука и повисок студентски стандард во Македонија.