Независниот академски синдикат (НАкС) го поздравува континуитетот на зголемувањето на платите во високото образование во изминатите три години:

  • Со Гранковиот колективен договор за високо образование и наука од 07.05.2021 на СОНК и НАкС со МОН, платите се зголемија 37 %, 10% почнувајќи од 01.09.2021, 10% од 01.09.2022 и околу 17% од 04.05.2023 година.
  • Со Општиот колективен договор на јавниот сектор од 20.07.2023 на Сојузот на Синдикатите на Македонија со Владата, платите линеарно се зголемија за 10%.
  • Со Поединечниот колективен договор на Сојузот на синдикати на УКИМ и Собранието од 29.12.2022, платите на вработените на УКИМ се зголемија за 22% почнувајќи од 01.01.2024 година.

Со вчерашното дополнување на Законот на високо образование, правото на плата конечно се воедначува за цела гранка на високото образование, со што ќе се обезбеди еднакво вреднување на трудот на вработените во јавните високообразовани институции. НАкС се залагал и се залага за унапредување на севкупните состојби во високото образование и науката во државата, инсистирајќи дека компетитивноста треба да биде исклучиво на полето на образованието и на науката, а никако во однос на платите.

Сепак, укажуваме дека останаа загрозени правата и положбата на вработените во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ и самостојните научни институти. Ги повикуваме пратениците во Собранието на РСМ, како што изнајдоа решение за државните универзитети, брзо да делуваат и за усвојување на Законот за МАНУ, што во моментов е заглавен во собраниските процедури.

Уредувањето на платите во високото образование со закон значи поголема заштита за сите во хиерархијата на правните документи, но носи и опасност за злоупотреба од политичките субјекти и прекинување на социјалниот дијалог со синдикатите. НАкС нема да дозволи да дојде до ова!

Платите на вработените во секторот високо образование и наука се само еден аспект од финансирањето во високото образование и науката. Се надеваме дека унапредувањето на овој аспект ќе значи и конечен почеток на имплементација на одредбите на Законот за високо образование кои се однесуваат на системот на финансирање на високото образование. Очекуваме надлежните институции и тела, како и универзитетите, конечно да се фокусираат на воспоставување систем на финансирање во високото образование и науката со кој ќе се овозможи унапредување на научно-истражувачката и образовната дејност, функционално унапредување на студентскиот стандард и транспарентно и наменско трошење на парите што студентите ги уплаќаат за партиципација и за школарина.

Оттука, го повикуваме Националниот совет, конечно по 5 години задоцнување, да го уреди прашањето на финансирање на високото образование преку партиципативен процес, имајќи ги предвид спецификите за секое подрачје.

За крај, го поздравуваме и студентскиот манифест од 06.03.2024, со кој се предлага изготвување на стратешки документ кој ќе овозможи нов систем на финансирање на високото образование според праксата во регионот, и преку кој ќе се овозможи бесплатно образование на првиот циклус на студии, квалитет наместо квантитет и достоинствен студентски стандард.