ЗАПИСНИК ОД ПРВИОТ КОНГРЕС НА НАКС

што се одржа на 29.10.2016 во просториите на Кино Култура, со почеток од 10 часот


Од 10 до 10:30 пристигаа делегатите и се регистрираа во Списокот на делегати на Првиот конгрес на НАкС, откако предадоа полномошно издадено од претседателите на синдикалните организации на НАкС и од Советот на НАкС. Конгресот го отвори Маја Стевановиќ, в.д. Претседателка на НАкС, а на конгресот му се обратија со свои кратки поздравни говори: министерката за труд и социјална политика – д-р Фросина Ташевска-Ременски, Тамара Чаусидис – претседателка на Самостоjниот синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија (ССНМ), Виктор Илиевски – претседател на Синдикатот на културата на РМ, Трпе Деаноски – генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ, Милан Живковиќ – проект координатор и раководител на канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС), а во име на  проф. д-р Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки, на Конгресот се обрати доц. д-р Артан Садику, програмски директор на Институтот. ***

  1. По завршување на свечениот дел од Првиот конгрес на НАкС Маја Стевановиќ

ја отвори првата точка – донесување Деловник за работа на Првиот редовен и изборен конгрес на НАкС и отвори дискусија по истиот. За збор се јави Гордана Попсимонова која појасни дека во комплетите со работни материјали за конгресот што ги добија делегатите постојат два картона, црвен и зелен. Таа предложи, и покрај тоа што во Предлог-деловникот за работа е предвидено да се гласа со кревање рака, делегатите да ги користат картоните, т.е. кога гласаат ЗА да го подигнат ЗЕЛЕНИОТ КАРТОН, а кога гласаат ПРОТИВ, ЦРВЕНИОТ. За ВОЗДРЖАН Попсимонова предложи делегатите да  гласаат со кревање на празна дланка. Стевановиќ го стави на гласање Предлог-деловникот со забелешката на Попсимонова. Деловникот за работа на Првиот конгрес на НАкС беше усвоен ЕДНОГЛАСНО

  1. Стевановиќ предложи Дневен ред за работата на Првиок конгрес на НАкС (даден во

прилог) и отвори дискусија по истиот. Никој не се јави за измени или  дополнувања на Дневниот ред. Стевановиќ го стави на гласање. Дневниот ред на Првиот конгрес на НАкС беше усвоен ЕДНОГЛАСНО

  1. Работни тела на Првиот конгрес на НАкС
  • Стевановиќ предложи да се избере работно претседателство на Првиот конгрес на

НАкС и ги предложи следните делегати: Гордана Поп-Симовова, Трајче Стојанов, Маргарита Бузалковска – Алексова, Светлана Камџијаш и Драгор Заревски. Бидејќи никој не се јави за дискусија ниту имаше други предлози Стевановиќ го стави предлогот на гласање. Сите предложени за членови на Работното претседателство на Првиот конгрес на НАкС беа избрани ЕДНОГЛАСНО, а за претседател на Работното претседателство на Првиот конгрес на НАкС беше избрана Гордана Попсимонова. Водењето на работата на конгресот го презема Работното Претседателство, а Гордана Попсимонова го презеде претседателствувањето со Првиот конгрес на НАкС и предложи да се избере верификациона комисија, кандидационо-изборна комисија, записничар и двајца оверувачи на записникот. За членови на овие работните тела Попсимонова ги предложи следните делегати: –  За членови на Верификационата комисија на НАкС: Ирена Стефоска, Артан Садику и Орхидеја Шурбановска. Бидејќи никој не се јави за збор во отворената дискусија по подточката нити имаше други предлози Попсимонова ја стави листата на гласање. Сите предложени за членови на Верификационата комисија на Првиот конгрес на НАкС беа избрани ЕДНОГЛАСНО – За членови на Кандидационо – изборната комисија беа предложени следните делегати: Владимир Мартиновски, Мери Батакоја и Дивна Пешиќ. Бидејќи никој не се јави за збор во отворената дискусија по подточката ниту имаше други предлози Попсимонова ја стави листата на гласање. Сите предложени за членови на Кандидационо-изборната комисија на Првиот конгрес на НАкС  беа избрани ЕДНОГЛАСНО – За записничар беше предложена Мимоза Ристова, а за оверувачи на записникот беа предложени Катерина Петровска – Кузманова и Катерина Ралева. Бидејќи никој не се јави за збор во отворената дискусија по подточката ниту имаше други предлози Попсимонова ги стави предлозитена гласање. Предложениот записничар и оверувачи на записникот на Првиот конгрес на НАкС беа изгласани ЕДНОГЛАСНО   По изборот на членовите на работните тела на Првиот конгрес на НАкС Попсимонова ја повика Верификационата комисија да започне со својата работа, а едновремена даде пауза за останатите делегати. ῀῀῀ По получасовната пауза, Конгресот продолжи со работа. Артан Садику, како претседател на Верификационата комисија, го  извести Конгресот дека по извршената проверка на Листата за присутни делегати на Првиот конгрес на НАкС и полномошната на присутните  делегати, Верификационата комисија утврдила дека: од 46 поканети и ополномоштени делегати на Конгресот се присутни 36, од кои, 28 делегати со полномошна од претседателите на синдикалните организации и 8 делегати по функција (членови на Советот на НАкС), а со одлука потпишана од в.д. претседателката на НАкС. Верификационата комисија го извести Конгресот дека се верификувани мандатите на присутните делегати и дека има кворум за работа и полноправно одлучување на Првиот конгрес на НАкС.

  1. Извештај за досегашното работење на НАкС

Претседателката на Работното претседателство на Првиот конгрес на НАкС, Гордана Попсимонова продолжи да го води работниот дел и согласно усвоениот Дневни ред  ја повика в.д Претседателката Маја Стевановиќ да поднесе кус извештај за досегашните активности, како и да даде некои информации од значење за НАкС. Своето излагање Маја Стевановиќ го пренесе низ четири тематски целини: АКТИВНОСТИ, ФИНАНСИИ, ПРОСТОР и ВИДЛИВОСТ НА НАкС. АКТИВНОСТИ Во своето излагање Маја Стевановиќ потсети на историјатот за тоа како се создаде НАкС, започнувајќи од иницијалниот состанок на кој била донесена одлука за формирање на НАкС на 08.02.2016, преку денот на впишувањето на НАкС и првите три синдикални организации: СО на Институтот за социолошко-правни истражувања, СО на Факултетот за Драмски Уметности и СО на Филозофскиот Факултет, сите при УКИМ, во Регистарот на синдикати при Министерството за труд и социјална политика, на 15.03.2016 година. Таа потенцираше дека на седницата на Иницијативниот одбор за формирање на НАкС било одлучено сите раководни функции и сите членови во органите и телата и на синдикатот на повисоко ниво и на синдикалните организации да бидат со привремен мандат, т.е. вршители на должност, сè до одржување на Првиот редовен и изборен конгрес и до организирање избори во синдикалните организации по одржувањето на конгресот, сè со цел на членство да му се овозможи максимална инклузивност преку демократски изборни механизми. Потоа в.д. претседателката изложи дека на 26.04.2016 е одржан  конститутивен состанок на Советот на НАкС, како и првата седница на Советот, а дека на 17.05.2016 година била извршена регистрацијата на пет нови синдикални организации, и тоа на Филолошкиот факултет, Педагошкиот факултет, Архитектонскиот факултет и на Институтот за национална историја, сите при УКИМ, како и на Институт за општествени и хуманистички науки кој е приватна непрофитна високообразовна институција. Во продолжение Стевановиќ нагласи дека во завршна фаза се регистрациите на  уште три синдикални организации, и тоа: СО на ФЕИТ, СО на ПМФ и СО на Институтот за фолклор. Иако регистрирањето на последните три синдикални организации формално не е завршено, сепак Советот на НАкС на својата трета седница донел одлука овие организации полноправно да учествуваат со свои делегати во работата на Првиот конгрес, како и да предлагаат свои членови за органите и телата на НАкС коиштоќе бидат бирани на Конгресот. Маја Стевановиќ нагласи дека досегашното седиште на НАкС било на приватна адреса и дека треба со одлука да се промени адреса на седиштето на синдикатот. Соопшти дека НАкС има и овластени потписници, печат и лого. Потоа, во своето излагање Стевановиќ ги информираше делегатите дека НАкС е потписник на Повелбата за солидарност – облик на соработка на синдикати и социјални движења околу прашања од заеднички интерес. Покрај НАкС потписници на Повелбата за солидарност се: –  Самостоjниот синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија, Синдикатот на културата на РМ, Независниот синдикат на дипломати, УПОЗ, движењата за социјална правда Солидарност, Ленка, а под покровителство на Фондацијата Фридрих Еберт. Наведе и дека преку оваа соработка биле организирани заедничките протести на 2-ри мај 2016 година. На крајот, таа нагласи дека ни преостанува да направиме вмрежување со европските синдикални организации. ФИНАНСИИ Стевановиќ извести дека постојат два начина за собирање на членарината, и тоа: (а) со директна уплата на сметката на НАкС од страна на членовите и (б) со задршка преку службите за сметководство на единиците на синдикалните организации. Таа констатираше дека постојат потешкотии во реализацијата на наплатата преку сметковотствата на институциите, иако постои законска обврска на единиците да ја овозможат наплатата на членарината. Истите потешкотии се правдаат со технички проблеми коишто во најскоро време се очекува да се надминат. Како успешни примери до сега беа посочени Филозофскиот и Архитектонскиот факултет кои постигнале да се уреди задршката на име членарина во матичните сметководства. Финансиското работење и финансиската кондиција на синдикатот, потенцираше Стевановиќ, ќе зависи од бројот на членовите на синдикатот, но и од висината на членарината во иднина. Стевановиќ истакна дека, заради остварување на зацртаните цели и програмски насоки, приоритетно е да се обезбедат финансиски средства за екипирање на НАкС со стручни лица и тоа: правни советници и застапници  (адвокати), сметководител и техничко-административно лице. Во најскоро време, а по уредувањето на плаќањето на членарината преку матичните институции, ќе треба да се направи пресметка за средствата со кои располага синдикатот, како и проекција за неопходните трошоци за работењето на синдикатот. Согласно пресметките и проекциите за неопходните трошоци, а низ транспарентна и демократска процедура што ќе започне од синдикалните организации,  потребно е да се отвори дискусијата за висината на членарината и нејзината распределба. Дискусијата за висината на членарината е директно врзана со платформата за делување на синдикатот, т.е. одлуката што ќе треба да се донесе по однос на тоа дали НАкС повеќе ќе се оријентира кон солидарна помош за своите членови и заштита на правата на поединци или ќе се насочи кон влијание врз јавните политики, особено врз политиките коишто влијаат и ја уредуваат дејноста високо образование во РМ. ПРОСТОР В.д. Претседателката Стевановиќ информираше дека во моментот синдикатот работи во просториите на матичните ВО институции. Таа состојба, според неа, ќе може да се смени во моментот кога ќе се реши проблемот со наплатата на членарината и тогаш кога НАкС ќе собере доволен број членови за да се обезбеди неопходниот прилив на средства за плаќање на закупнина за простор и тековни расходи. УЧЕСТВО ВО ОПШТЕСТВЕНИ ЗБИДНУВАЊА (Видливост на НАкС) Маја Стевановиќ објави дека претставници на НАкС веќе се канети и учествувале на панел -дискусии. Нагласи дека веќе стигнала и покана од Европскиот парламент во Брисел за учество на НАкС на состанокот што го организираат социјал-демократските и социјалистичките партии во Европскиот Парламент со претставници на синдикати од Западен Балкан, а на теми поврзани со социо-економската состојба во земјите аспиранти и проширувањето на Европската Унија. По завршување на излагањето на Маја Стевановиќ, Попсимонова отвори дискусија. Никој не се јави за дискусија, па Извештајот беше ставен на гласање. Извештајот за досегашната работа на НАкС беше усвоен ЕДНОГЛАСНО

  1. Усвојување на Предлог-пречистен текст на Статутот на НАкС

Попсимонова ја отвори точката за Предлог-пречистен текст на СТАТУТОТ. Таа ги појасни измените во Статутот на НАкС што беа направени во однос на претходната верзија со која синдикатот е регистриран, а по помината јавна расправа и со Одлука на Советот на НАкС. Се прочита и предлог измената во Член 4 (од проф. Мирослав Грчев којашто стаса на самиот конгрес) во кој е опишано логото на синдикатот. Се предложи и објасни измената на адресата на седиштето на НАкС – во иницијалниот статут со кој НАкС бил регистриран седиштето на синдикатот е на приватна адреса, а во Предлог – пречистениот текст седиштето е на адресата на Адвокатската канцеларија на Димитар Петровски. Адвокатот Петровски и адвокатката Наталија Радивојевиќ-Миленкова соработуваат со НАкС во делот на правни совети и правна заштита.  Бидејќи никој не се јави за дискусија Предлог-пречистената верзија на СТАТУТОТ беше ставен на гласање. Пречистената верзија на Статутот на НАкС беше усвоена ЕДНОГЛАСНО – Се стави на гласање предлогот за промена на седиштето на НАкС Промената на седиштето на НАкС беше усвоена ЕДНОГЛАСНО

  1. Програмски насоки за работењето на НАкС

Гордана Попсимонова отвори дискусија по Предлог-програмските насоки на НАкС. За дискусија се јави Маја Стевановиќ која потсети дека Советот на НАкС донел одлука за тоа висината на членарината да биде 0.5% од нето платата на вработените, како и одлука за распределбата на средствата, што како информација стои во Предлог програмските насоки. Но, согласно искажаното во нејзината информација за работата на НАкС, особено во делот на финансиското работење, таа предложи во Програмските насоки да се додаде потребата од преиспитување, и тоа низ најширока демократска процедура, на одлуката за висината и распределбата на чланарината, а согласно платформата за работа на синдиката, т.е. согласно одлуката за тоа дали НАкС во наредниот период ќе го стави акцентот на солидарно-синдикална помош за своите членови или ќе се фокусира на работата во делот на влијание врз јавните политики. Попсимонова го стави Предлогот за  програмски насоки на гласање со забелешката на Стевановиќ. Предлог-програмските насоки за работењето на НАкС беа усвоени ЕДНОГЛАСНО

  1. Избор на органи и тела на НАкС.

Кандидационо-изборната комисија го информираше Конгресот дека сите кандидатури за членови на органите и телата на НАкС се валидни, како и тоа дека за претседател на НАкС има стасано само еден предлог од СО на ФДУ, а поддржан од уште четири синдикални организации. Предлог кандидат за претседател на НАкС е досегашната в.д. Претседателка Маја Стевановиќ. (а) Избор на Претседател на НАкС. И покрај тоа што во Деловникот за работа на Првиот конгрес на НАкС е предвидено претседателот да се бира на тајно гласање, Ирена Стефоска предложи гласањето да биде јавно со оглед на тоа што има само еден кандидат. Мимоза Ристова го поддржа предлогот и побара Попсимонова да го стави предлогот за јавно гласање за избор на претседател на НАкС на гласање. Предлогот за јавно гласање за претседател на НАкС беше усвоен ЕДНОГЛАСНО Попсимонова го стави на гласање предлогот Маја Стевановиќ да биде претседател на НАкС во следните четири години. Маја Стевановиќ беше избрана за претседателка на НАкС ЕДНОГЛАСНО (б) Избор на членови на Советот на НАкС. Попсимонова ја прочита листата на 19 предложени кандидати за членови на Советот на НАкС (11 предложени од страна на синдикалните организации и 8 од страна на досегашниот Совет на НАкС), и тоа:

  1. Маја Стевановиќ
  2. Гордана Попсимонова
  3. Елена Џукеска
  4. Драгор Заревски
  5. Маргарита Бузалковска – Алексова
  6. Салајдин Салихи
  7. Трајче Стојанов
  8. Калина Старделова
  9. Влатко Коробар
  10. Зоран Ивановски
  11. Наталија Поповска
  12. Мира Беќар
  13. Катерина Петровска – Кузманова
  14. Никос Чаусидис
  15. Мимоза Ристова
  16. Јордан Шишовски
  17. Синоличка Меллес Трпкова
  18. Горан Јанев
  19. Розалина Попова Коскарова

Бидејќи никој не се јави за дискусија ниту имаше други предлози Попсимонова ја стави предлог-листата на гласање. Предложените 19 членови за Советот на НАкС беа прифатени ЕДНОГЛАСНО (в) Избор на членови за Надзорен одбор на НАкС. Попсимонова ја прочита листата од пет предложени кандидати за членови на Надзорниот одбор на НАкС и тоа: Билјана Секуловска-Габер, Маре Србиновска, Дарко Стојанов, Огнен Спасовски, Гордана Апостоловска. Бидејќи никој не се јави за дискусија ниту имаше други предлози Попсимонова ја стави предлог-листата на гласање. Предложените членови за Надзорниот одбор на НАкС беа прифатени ЕДНОГЛАСНО (г) Избор на членови за Стастаутарна комисија на НАкС Попсимонова ја прочита листата од пет предложени кандидати за членови на Статутарната комисија на НАкС: Елена Градишка-Лазаревска, Неда Здравева, Мирослав Грчев, Мирјана Најчевска и Јасна Котевска. Бидејќи никој не се јави за дискусија ниту имаше други предлози Попсимонова ја стави предлог-листата на гласање. Предложените членови за Статутарната комисија на НАкС беа избрани ЕДНОГЛАСНО

  1. Разно

Под Разно се нафрлаа идеи за зголемување на членството, формирање работни групи и сл. Седницата на Првиот конгрес на НАкС ја заклучи Попсимонова во 13:30 часот.

Записничар: Мимоза Ристова   Оверувачи на записникот: Катерина Петровска ; Катерина Ралева.