Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, има за цел да ги истражи и да ги истакне проблемите со кои се соочува наставно-научниот кадар вработен во јавните високообразовни и научни установи во РСМ и воедно да понуди препораки за клучните чинители во високото образование (како на пример Министерството за образование и наука и менаџментот на универзитетите) со цел надминување на постојните состојби. Проектот е насочен и кон градење на капацитетите на наставно-научниот кадар, во смисла на препознавање и артикулирање на проблемите со кои оваа група се соочува, како и преку формални работилници наменети за зајакнување на капацитетите на НАкС и меѓународно вмрежување со други сродни синдикати од ЕУ и регионот на Западен Балкан.

Високото образование и академската научно-истражувачка работа во РСМ со децении се соочуваат со постојан пад на квалитетот, заостанување зад глобалните и европските трендови и маргинализација од страна на државата и останатите важни општествени чинители. Во последното рангирање спроведено во рамки на Шангајското рангирање на светските универзитети ниту еден од универзитетите во РСМ не се најде во листата на првите 1000 универзитети, состојба која загрижува и посочува дека е потребен радикален пресврт во државните образовни политики. Една од најважните причини за ваквата состојба е третманот и позицијата на наставно-научниот кадар вклучен во работата на македонските универзитети.

Условите за работа на наставно-научниот кадар директно влијаат врз квалитетот на образовниот процес како и врз можностите за остварување на научно-релевантна и општествено-релевантна истражувачка работа. Според неодамнешното истражување на НАкС, надоместоците за академскиот кадар во РСМ се најниски во регионот на Западен Балкан, а средствата кои се издвојуваат за истражување и развој се толку ниски што ја ставаат државата на самото дно во Европа. Освен финансиите за остварување на образовната и истражувачката дејност, наставно-научниот кадар се соочува и со повеќе други проблеми, како недостапност на опрема и материјали за спроведување на наставниот и истражувачкиот процес, ограничувања за професионално усовршување и кариерно напредување, значителен „товар“ од административна работа и сл. Сето ова резултира со ниска мотивација за работа и со објективни ограничувања за спроведување на квалитетен образовен и научен процес.

Овој проект ќе се фокусира на состојбата на наставно-научниот кадар во високото образование во РСМ и ќе се обиде да понуди компаративна слика на истата, со цел унапредување на условите за работа и намалување на јазот во квалитетот меѓу македонските и европските универзитети. Освен истражувачката компонента, проектот опфаќа и policy компонента, во која ќе целиме да ги употребиме придобиените истражувачки наоди како основа за формулирање на препораки за јавни политики насочени кон унапредување на состојбите. Третата компонента на проектот е развојна и опфаќа зајакнување на капацитетите на Независниот академски синдикат (НАкС) за стратешко планирање, синдикално организирање и меѓународно вмрежување.

Во рамки на истражувачката компонента ќе спроведеме анкетно истражување, проследено со длабински фокус групи, кон две клучни целни групи на проектот – наставно-научниот кадар и студентите, како и анализа на законската рамка релевантна за статусот и условите на работа на наставно-научниот кадар. Во истражувачкиот тим од проектот ќе вклучиме и студенти. Податоците кои ќе ги добиеме ќе бидат поставени во компаративна перспектива, при што ќе целиме да ја споредиме македонската состојба со таа во селектирани земји од ЕУ и Западен Балкан. Во рамки на policy компонентата ќе произведеме три документа за јавни политики кои ќе понудат препораки за унапредување на состојбите и истите ќе ги застапуваме на јавни настани и посебни затворени консултативни средби со клучните чинители во областа на високото образование. Во рамки на развојната компонента ќе организираме една работилница за стратешко планирање и синдикално организирање за членовите на НАкС, како и една меѓународна тркалезна маса која ќе има цел да овозможи размена на искуства меѓу НАкС и други сродни синдикати од ЕУ и регионот на Западен Балкан.


Истражувања во рамки на проектот