Врз основа на членовите 184 став 1, член 187 став 1 и член 188 став 1 од Законот за работни односи, Независниот академски синдикат, на својот втор, редовен Конгрес, одржан на 31.10.2020 год, го усвои следниот:

С Т А Т У Т
НА НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ
– ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ –
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Положба на Независниот академски синдикат

Член 1

Независниот академски синдикат (во натамошниот текст: НАкС) е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се зачленуваат вработените во високообразовни установи, научни установи и во други сродни правни лица, државјани на Република Северна Македонија.
НАкС е формиран со цел неговите членови на организиран начин да ги изразуваат и остваруваат своите посебни и колективни интереси, да ги подобрат своите професионални, економски, социјални, културни и други општествени интереси, како и правата од работен однос и правото на синдикално организирање.
Својство на правно лице

Член 2

Независниот академски синдикат има својство на синдикат на повисоко ниво.
Независниот академски синдикат има своја жиро-сметка.
Независниот академски синдикат ги ужива сите права и слободи гарантирани со Устав, закон и други прописи.
Назив и седиште

Член 3

Полниот назив на синдикатот е: Независен академски синдикат.
Скратениот назив на синдикатот е: НАкС.
Називот на англиски јазик е: Independent Academic Trade Union.
За секојдневна употреба се користи скратениот назив.
Карактеристични знаци, знаме, амблем и печат

Член 4

Знамето на НАкС е во две бои: црвена и бела, и го содржи амблемот и скратениот назив на синдикатот.
Амблемот на НАкС е во две бои: црвена и бела, со отворена книга, под која стои скратениот назив „НАкС“ и називот „Независен академски синдикат“.
Печатот на НАкС го содржи амблемот на НАкС со сите негови елементи.

Цели и задачи на НАкС

Член 5

Цели и задачи на НАкС се:
1. синдикална заштита на своите членови:
– заштита на професионалната, општественоекономската, материјалната и социјалната положба на членовите согласно принципот на автономија на универзитетот;
– заштита на правата од работен однос;
2. подобрување на условите за работа, заштита при работа, заштита на животната и работната средина, како и посебна грижа за здравјето и животот на вработените во процесот на работата;
3. подобрување на условите за професионален развој, како и унапредување и заштита на интелектуалната работа и творештвото;
4. унапредување на високобразовната и на научноистражувачката дејност во Република Северна Македонија.

Методи на дејствување

Член 6

Методи на дејствување на НАкС се:
1. организирање синдикални организации;
2. подготовка, преговарање и потпишување колективни договори;
3. застапување, остварување и унапредување на правата од работен однос на своите членови;
4. застапување на интересите на членовите пред работодавачот, надлежни државни органи и други правни лица;
5. покренување иницијативи, учество во работни групи, расправање и давање мислење за прописи со кои се уредува професионалната, општественоекономската, материјалната и социјалната положба на членовите, условите за професионален развој и унапредување и заштита на интелектуалната работа;
6. покренување иницијативи, учество во работни групи, расправање и давање мислење за прописи со кои се уредува високобразовната и научноистражувачката дејност во Република Северна Македонија;
7. преговарање, иницирање, организирање, водење штрајк и следење на ефектите од штрајкот со цел остварување на правата и барањата на членовите;
8. информирање и континуирана едукација на членовите за нивните права;
9. основање фондови за материјална помош, солидарност, заемност, како и хуманост на членовите;
10. соработка и вмрежување со сродни синдикати од земјата и од странство заради остварување на заеднички интереси.

Принципи на дејствување

Член 7

Принципи на дејствување на НАкС се:
1. единство на интересите на членовите;
2. заемност, солидарност и хуманост;
3. демократско работење и одлучување;
4. јавност во работењето и редовно информирање на членови и јавноста за својата работа;
5. одговорност при реализацијата на донесените ставови, заклучоци и одлуки на НАкС од страна на членовите и органите;
6. почитување на меѓународните конвенции и договори.

II. ЧЛЕНОВИ НА НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ

Право на членство

Член 8
Членови на НАкС се вработените во високообразовни установи, научни установи и други сродни правни лица, државјани на Република Северна Македонија.
Членови на НАкС се членовите во синдикалните организации кои ќе пристапат во соодветна постапка за оваа цел со прифаќање на основните акти на овој синдикат.
Членови на НАкС може да бидат и лица кои не се членови на синдикалните организации кои ќе пристапат во соодветна постапка за оваа цел со прифаќање на основните акти на овој синдикат.
Пристапување во НАкС

Член 9

Вработените во високообразовни, научни и други сродни установи стануваат членови на НАкС доброволно и поединечно, со потпишување пристапница – образец со име и знак на НАкС.
Пристапница може да се потпише во седиштето на НАкС или во синдикалната организација во установата, односно на нејзина единица каде што членот е вработен, доколку таква е формирана.
Членот се впишува во евиденцијата на членството на НАкС и на синдикалната организација во установата, односно на нејзина единица каде што членот е вработен, доколку таква е формирана.
Членството во НАкС се докажува со членска книшка.

Членови на други синдикати

Член 10

Лица кои се членови на други синдикати може да станат членови на НАкС на начин и под услови определени со овој Статут.

Повторно пристапување

Член 11

Лицата на кои им престанал статусот член на НАкС поради истапување може повторно да станат членови со потпишување пристапница.
Лицата на кои им престанал статусот член на НАкС поради бришење од евиденција може повторно да станат членови со потпишување пристапница и исполнување на заостанатите обврски за плаќање членарина.

Права на членовите на НАкС

Член 12

Членот на НАкС има право:
1. да бара остварување на правата од колективен договор;
2. да штрајкува согласно закон и колективен договор;
3. од НАкС да добие правна помош, без надоместок, при остварување на правата од работен однос, на начин и под услови утврдени со општ акт на НАкС;
4. да користи разни облици на синдикална помош – наменски средства од синдикални фондови, на начин и под услови утврдени со општ акт на НАкС;
5. непосредно да учествува во предлагање на членови на органите во синдикалната организација, НАкС и други асоцијации;
6. да биде избиран и да бира членови на органите во синдикалната организација, НАкС и други асоцијации;
7. да учествува во работата и активностите на синдикалната организација и на НАкС;
8. да го изнесува своето мислење и да учествува во градењето на политиката, програмите и ставовите на НАкС;
9. да ја контролира работата и да покренува иницијатива за утврдување одговорност и изрекување соодветни мерки на членовите на синдикалната организација, на НАкС и органите на сите нивоа на синдикалното организирање доколку не ја спроведуваат утврдената синдикална политика, усвоените ставови и не се придржуваат кон одредбите од овој Статут;
10. на заштита од нееднакво постапување поради синдикално членство или активности од страна на работодавачот и од дискриминација поради синдикално членство или активности од страна на други правни и физички лица;
11. да биде објективно, сестрано и навремено информиран за активностите на НАкС;
12. на синдикална рекреација и културно воздигнување;
13. на награди и признанија што ги доделува НАкС во согласност со Статутот и програмските определби на НАкС, на начин и под услови утврдени со општ акт на НАкС;
14. други права утврдени со овој Статут и актите на НАкС.

Обврски на членовите на НАкС

Член 13

Членот на НАкС има обврска:
1. да плаќа членарина, чијашто висина и начин на плаќање се утврдува со општ акт на НАкС;
2. целосно, навремено и одговорно да ги остварува синдикалните функции за кои е избран;
3. други обврски утврдени со овој Статут и актите на НАкС.

Членска книшка

Член 14

Членот на НАкС добива членска книшка.
Со издавање на членската книшка членот се заведува во единствената компјутерска евиденција на НАкС.
Членската книшка е со бела боја, а на предната страна во десниот агол е амблемот на Независниот академски синдикат.
Во членската книшка се внесени податоците за членот со шифрираниот број на синдикалната организација и/или бројот на членот во единствената компјутерска евиденција на НАкС.
Текстот е испишан на македонски и англиски јазик, а покрај македонскиот и англискиот може да биде испишан и на кој и да било друг јазик по барање на потенцијалниот член.

Членската книшка е сопственост на НАкС.

Член 15

При користењето на правата на НАкС членот задолжително се легитимира со членската книшка.

Престанок на членувањето во НАкС

Член 16

Членството во НАкС престанува со:
1. истапување;
2. бришење од евиденција;
3. исклучување.

Член 17

Членот истапува од членството во НАкС по слободна волја, изразена по писмен пат и поднесена до НАкС, со враќање на членската книшка.
За да се смета дека престанало членството, членот мора да ја плати членарината за сиот период до истапувањето.

Член 18

Член се брише од евиденцијата на членството во НАкС доколку не плаќа членарина согласно Статутот и општите акти на НАкС, континуирано 3 (три) месеци, освен доколку не е на боледување подолго од 3 (три) месеци или користи неплатено отсуство подолго од 6 (шест) месеци.

Одлуката за бришење од евиденција на членот ја носи Извршниот одбор на НАкС.

Член 19

Член на НАкС може да биде исклучен од членство во случај на непочитување на статутарните и програмските определби на НАкС, а особено при:
1. проневера на синдикални средства и имот;
2. злоупотреба на синдикална функција;
3. пропаганда против НАкС;
4. непочитување на правилата во случај на штрајк.
За исклучување на член одлучува Советот на НАкС.
Против одлуката на Советот на НАкС, исклучениот член може да поднесе жалба до Статутарната комисија на НАкС. Одлуката на Статутарната комисија е конечна.
Постапката за исклучување од членство се уредува со општ акт на НАкС.

III. СИНДИКАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Член 20

НАкС е организација која дејствува на ниво на високообразовни установи, научни установи и на други сродни правни лица на целата територија на Република Северна Македонија.
Со цел остварување и задоволување на поединечните и заедничките интереси, рационално и оптимално дејствување, НАкС ги организира своите членови во следниве организациони облици:
1. синдикални организации во висoкoобразовни установи (универзитет, единици во состав на универзитет и самостојна висока стручна школа);
2. синдикални организации во научни установи;
3. синдикални организации во други сродни правни лица ‒ правни лица основани од високообразовни или научни установи или чија дејност е поврзана со остварување на високобразовната и научноистражувачката дејност;
4. во други облици кои ги утврдува Советот на НАкС.

Член 21

Синдикалната организација е основен организационен облик на здружување на членовите на НАкС.
Синдикалната организација се формира заради остварување и задоволување на поединечните и заедничките интереси на членовите на НАкС, врз демократски основи и е конститутивен дел на НАкС.
Синдикалната организација се организира врз принципот на една синдикална организација во една високообразовна установа (универзитет, единица во состав на универзитет и самостојна висока стручна школа), научна установа и друго сродно правно лице.
Синдикалната организација може да има свој Статут на кој претходна согласност дава Советот на НАкС.

Член 22

Сите синдикални организации кои го сочинуваат овој синдикат имаат рамноправен третман при располагање со средствата и одлучување за севкупните интереси на неговите членови.
Формирање и конституирање на синдикална организација

Член 23

Синдикална организација се формира на инцијатива на група членови на НАкС.
Синдикалната организација се конституира врз основа на потребите на членовите во еден од облиците определени со член 20 став 2 од овој Статут.
Функција и задачи на синдикалната организација

Член 24

Функции и задачи на синдикалната организација се:
1. да се грижи за заштита и унапредување на професионалната, општественоекономската, материјалната и социјалната положба на членовите;
2. да покренува иницијативи, барања и предлага решенија за прашања од интерес на членовите;
3. да дава придонес во иницијативите, учество во работни групи, расправањето и давањето мислење за прописи во коишто учествува НАкС;
4. да дава придонес во процесот на предлагање, преговори и склучување на колективни договори и да го следи нивното спроведување;
5. да ги заштитува правата од работен однос и социјалните права на членовите и да ги застапува при нивното остварување кај работодавачот;
6. да избира и предлага членови во органите на НАкС и други асоцијации, да ја следи и оценува нивната работа и да покренува постапка за утврдување на нивна одговорност и отповикување;
7. да расправа по прашања за кои пред одлучување на органите на работодавачот се бара претходно изјаснување на синдикатот;
8. навремено и вистинито да ги информира своите членови;
9. да обезбедува услови за континуирана едукација на своите членови;
10. да обезбедува простории, технички и материјални услови за функционирање на синдикалната организација;
11. да врши и други функции и задачи.

Член 25

Синдикалната организација е самостојна во своето работење и нејзината работа не може да се ограничи со одлука на работодавачот.
Синдикалната организација има право:
1. на простории, материјални, стручни, административни и технички услови за работа;
2. од органите на управување и раководење на работодавачот да бара податоци во врска со тековното работење и развојот на установата, односно правното лице каде што е основана синдикалната организација, особено за оние прашања што имаат најнепосредно влијание на професионалната, материјалната и социјалната положба на членовите на НАкС;
3. со свои мислења и предлози да учествува во постапките за донесување одлуки и решенија што имаат големо влијание на професионалната, материјалната и социјалната положба на членовите, а претседателот на синдикалната организација да присуствува на седниците на соодветните органи кога се разгледуваат мислењата и предлозите на НАкС;
4. да дава мислење во постапката за утврдување одговорност на член на НАкС за сторените повреди на работната должност и работните обврски, како и застапување на членовите пред надлежните органи кај работодавачот и надвор од него;
5. на непречено комуницирање со претставниците на органот на управување и раководење на работодавачот и на пристап на работни места кај работодавачот кога е тоа потребно за остварување на функциите на синдикалната организација.

Член 26

Синдикалната организација заради заштита и остварување на интересите на членовите соработува и преговара со органите на управување кај работодавачот.
Соработката и преговарањето ги опфаќаат следните активности:
– информирање на органите на работодавачот во врска со остварувањето на професионалните, општественоекономските и социјалните интереси на членовите;
– покренување иницијативи, предлагање решенија и преговарање за задоволување на конкретните барања, интереси и потреби на членовите и учествува при склучувањето колективни договори и при обезбедувањето соодветни услови за работа и живот на членовите.
Синдикалната организација, во случај кога интересите на членовите се загрозени и запоставени и кога соработката и преговарањето не ги даваат очекуваните резултати, користи легални и легитимни методи на притисок: јавна критика; бојкот на одредени решенија, одлуки и мерки; барање оставка, отповикување и менување на одделни раководители или органи кои ги сметаат за одговорни; организира протестни собири и други облици на притисок.
Синдикалната организација по сопствена оцена или на барање на повеќето членови за спорните прашања што не се решени по редовен пат, а се однесуваат на професионалната, економската, материјалната и социјалната положба на членовите, или други прашања од интерес на членовите, организира штрајк.
По донесувањето одлука за организирање штрајк, синдикалната организација веднаш го информира НАкС.
Правата, обврските и начинот на организирање и водење штрајк се уредуваат со правила за штрајк, во согласност со позитивните законски прописи.

Синдикална група

Член 27

Синдикалната организација со поголем број членови, односно работни единици во рамки на работодавачот, поради поцелосна и посестрана активност на членовите како форма на работење и дејствување, може да формира синдикални групи.
Работата на синдикалната група ја води повереник избран од редот на членовите на синдикалната група.

Член 28

Функции и задачи на синдикалната група се:
1. покренува иницијативи и учествува во разгледувањето, предлагањето и заземањето ставови за водење конкретни акции за сите прашања што се од интерес на членовите;
2. Дава мислење за акти и одлуки кои ги донесува синдикалната организација;
3. Дава предлози, забелешки и мислења при изградувањето ставови на синдикалната организација;
4. Врши други функции и задачи од интерес на членовите.
Органи на синдикална организација

Член 29

Органи на синдикалната организација, по правило, се:
1. Собрание на синдикална организација;
2. Синдикален совет;
3. Претседател;
4. Извршен одбор;
5. Надзорен одбор.

Член 30

Синдикална организација до 50 членови ги има следните органи:
– Претседател;
– Извршен одбор составен од 3 (три) члена.
Синдикална организација од 51 до 100 членови ги има следните органи:
– Претседател;
– Синдикален совет по правило составен од 5 члена;
– Извршен одбор составен од 3 члена;
– Надзорен одбор составен од 3 члена, од кои еден е претседател.
Синдикална организација над 100 членови ги има следните органи
– Претседател;
– Синдикален совет, по правило составен од 7 члена;
– Извршен одбор составен од 5 члена;
– Надзорен одбор составен од 3 члена, од кои еден е претседател.
Претседателот на синдикалната организација, по функција е член и претседава со Синдикалниот совет и Извршниот одбор.
Поверениците на синдикалните групи, онаму каде се формирани, се членови на Синдикалниот совет на синдикалната организација.
Доколку во синдикалната организација се формирани повеќе синдикални групи од бројот на членови на Синдикалниот совет, се зголемува бројот на членови на Синдикалниот совет за онолку членови колку што е потребно сите повереници на синдикалните групи да бидат членови на Синдикалниот совет.
Членовите на органите на синдикалната организација имаат мандат од 3 (три) години, со можност за реизбор.

Собрание на синдикална организација

Член 31

Собранието на синдикалната организација (во понатамошниот текст Собрание) е највисок орган на синдикалната организација.
Членови на Собранието се сите членови на синдикалната организација.
Собранието работи и одлучува на седници.
Седница на Собранието се свикува најмалку еднаш годишно.

Член 32

Седница на Собранието свикува претседателот на синдикалната организација, по одлука на Синдикалниот совет или на Извршниот одбор на синдикалната организација.
Одлуката за датумот и местото на одржување на седница на Собранието и предлогот за дневен ред, Синдикалниот совет, односно Извршниот одбор ја донесуваат најмалку 7 дена пред одржувањето на собранието, а поканите и материјалите до членовите се доставуваат најдоцна 5 дена пред одржувањето на седницата.
Собранието може работи и да донесува одлуки доколку на седницата присуствуваат една третина од членовите на Собранието.
Одлуките се донесени ако за нив гласаат мнозинството од присутните на седницата на Собранието.

Член 33

Вонредна седница на Собранието се свикува по барање на една третина од членовите на синдикалната организација.
Барањето за вонредна седница на Собранието со предлог дневен ред и материјали за седницата членовите го доставуваат до претседателот.
Претседателот е должен да свика вонредна седница на Собранието и истата да се одржи во рок од 7 дена од денот на доставување на предлогот.
Доколку претседателот не ја свика вонредната седница во определениот рок без оправдани причини (боледување, научно и стручно усовршување и сл.), вонредната седница ја свикува избран претставник на предлагачите.

Член 34

Собранието има надлежност да:
1. Усвојува статут на синдикалната организација и врши измени, дополнувања и усогласувања на Статутот согласно Статутот на НАкС;
2. усвојува деловник за работа на Собранието;
3. врши избор на членови на Синдикалниот совет и на Надзорниот одбор;
4. врши избор на претседател на синдикалната организација;
5. врши избор на работни тела на Собранието;
6. Усвојува програмски насоки за активностите на синдикалната организација;
7. усвојува годишен извештај за работата на синдикалната организација;
8. ја оценува работата на Синдикалниот совет, на претседателот и на Надзорниот одбор;
9. разрешува претседател, член на Синдикалниот совет и член на Надзорниот одбор;
10. врши избор на делегати во Конгресот на НАкС;
11. предлага членови на Советот на НАкС;
12. предлага членови на Надзорниот одбор на НАкС и на Статутарната комисија на НАкС;
13. расправа по други прашања од значење на синдикалната организација;
14. врши и други работи определени со овој Статут и Статутот на синдикалната организација.

Синдикален совет

Член 35

Синдикалниот совет е највисок орган на синдикалната организација меѓу две собранија.
Синдикалниот совет се конституира на начин и постапка утврдени во овој Статут.
Синдикалниот совет, меѓу две седници на Собранието, може да изврши измени на членови и дополнувања со нови членови, најмногу до една третина од вкупниот број членови.
Изборот на нови членови во Синдикалниот совет, меѓу две седници на Собранието, го врши Синдикалниот совет на предлог на Извршниот одбор на синдикалната организација.

Член 36

Со работата на Синдикалниот совет раководи претседателот на синдикалната организација, кој е претседател на Синдикалниот совет на синдикалната организација.
Претседателот го свикува Синдикалниот совет по потреба, но најмалку четири пати годишно.
Синдикалниот совет може да се свика на барање од најмалку една третина од членовите на Синдикалниот совет.
Синдикалниот совет може работи и да донесува одлуки доколку на седницата присуствуваат најмалку една половина од неговите членови.
Одлуките се донесени ако за нив гласаат мнозинството од присутните на седницата на Собранието.

Член 37

Синдикалниот совет има надлежност да:
1. го избира заменикот на претседателот на синдикалната организација, на предлог на претседателот;
2. избира членови на Извршниот одбор на синдикалната организација;
3. ја оценува активноста на Извршниот одбор и на претседателот;
4. одлучува за склучување договор со работодавачот за условите за работа на синдикалната организација;
5. ги информира членовите за работата и активностите на НАкС;
6. обезбедува услови за навремено информирање на членовите за синдикалните активности;
7. расправа за актите за кои треба да даде мислење до НАкС;
8. подготвува програмски насоки за активностите на синдикалната организација;
9. донесува правила за работа на синдикалната организација и синдикалната подружница;
10. донесува одлуки, правилници и други правни акти потребни за работата на синдикалната организација;
11. го одобрува финансиското работење на предлог на Извршниот одбор и претседателот на синдикалната организација;
12. по потреба усвојува план за материјалнофинансиско работење на синдикалната организација и синдикалната подружница;
13. подготвува предлог за измени и дополнувања на Статутот на синдикалната организација;
14. предлага членови за работните групи во НАкС;
15. разгледува информации за работата на синдикалната организација;
16. врши и други работи кои се од интерес за членството;
17. врши и други функции и задачи врз основа на одредбите на актите.

Претседател на синдикална организација

Член 38

Претседателот на синдикалната организација е носител на синдикалната работа во синдикалната организација.
Претседателот на Синдикалната организација, по функција е и претседател на Синдикалниот совет и на Извршниот одбор.
Во случај на спреченост на претседателот да ги извршува своите функции, функциите на претседателот ги извршува Заменикот претседател.

Член 39

Претседателот на синдикалната организација има надлежност да:
1. ја претставува и застапува синдикалната организација;
2. ја насочува активноста на синдикалната организација;
3. се залага за унапредување и заштита на интересите на членовите;
4. преговара со раководните структури во установата и надвор од неа заради подобрување на професионалните, економските, социјалните и другите права и правата од работен однос;
5. ја координира работата во органите на синдикалната организација и е одговорен за утврдената политика;
6. комуницира со претседателот и органите на НАкС и присуствува на седници на Советот на НАкС во проширен состав;
7. свикува годишно собрание на членовите на синдикалната организација;
8. дејствува независно во однос на органите на државната управа, раководните структури во установата, верските заедници и политичките партии;
9. претседател е на штрајкувачкиот одбор во случај на штрајк;
10. предлага помошни тела;
11. иницира предлагање за избор на листа на делегати за Конгрес на НАкС;
12. ги свикува и претседава со седниците на Синдикалниот совет и Извршниот одбор;
13. потписник е на жиро-сметката на синдикалната организација;
14. постојано работи на зачленување нови членови;
15. одговорен е за евиденција на членовите;
16. врши и други работи во согласност со Статутот и Програмата на НАкС.

Член 40

На предлог на претседателот на синдикалната организација, Синдикалниот совет избира заменик претседател.
Во случај на отсуство на претседателот за период до 3 (три) месеци, функцијата ја презема заменикот на претседателот со полномошно од претседателот и потврдено со одлука од Советот.
Во случај на спреченост на претседателот да ја извршува функцијата подолго од 3 (три) месеци, Синдикалниот совет назначува вршител на должноста претседател.
Синдикалниот совет е должен во рок од 1 (еден) месец од денот на назначување на вршител на должноста претседател да донесе одлука за свикување седница на Собранието на синдикалната организација.

Извршен одбор

Член 41

Извршниот одбор е извршно тело на синдикалната организација, односно извршен орган на Синдикалниот совет.
Извршниот одбор се конституира на начин и постапка утврдени во овој Статут.
Извршниот одбор може работи и да донесува одлуки доколку на седницата присуствуваат најмалку една половина од неговите членови.
Одлуките се донесени ако за нив гласаат мнозинството од присутните на седницата на Извршниот одбор.

Член 42

Извршниот одбор има надлежност да:
1. ги реализира заклучоците и одлуките на НАкС;
2. подготвува состаноци на Синдикалниот совет и на Собранието на синдикалната организација;
3. подготвува извештај за работата на синдикалната организација;
4. предлага програмски насоки за работа на синдикалната организација;
5. подготвува ставови за преговори со раководниот орган на работодавачот;
6. ги извршува заклучоците и одлуките што ги донесува Синдикалниот совет на синдикалната организација;
7. дава предлози и мислења за работата на претседателот на синдикалната организација;
8. ги подготвува и ги реализира изборните активности во синдикалната организација и синдикалните група;
9. врши други активности во интерес на членството, одредени со Статутот на синдикалната организација и со други општи акти;
10. врши други работи определени со овој Статут и Статутот на Синдикалната организација.
Во синдикална организација до 50 членови Извршниот одбор ги извршува работите кои согласно овој Статут се во надлежност на Синдикалниот совет.

Надзорен одбор

Член 43

Надзорниот одбор врши контрола на материјалнофинансиското работење во согласност со финансискиот план, пресметувањето на членарината и редовното уплатување на членарината во НАкС.
Надзорниот одбор се конституира на начин и постапка утврдени со овој Статут.
Член на Надзорниот одбор не може да биде претседателот, член на Синдикалниот совет или на Извршниот одбор.
Надзорниот одбор најмалку еднаш годишно, а по потреба и почесто, врши преглед на материјалнофинансиското работење на синдикалната организација и за тоа ја информира синдикалната организација, Синдикалниот совет и НАкС.
Во случај на утврдување неправилности во материјалнофинансиското работење во Синдикалната организација, Надзорниот одбор има право да свика седница на Собранието на синдикалната организација.
Надзорниот одбор на синдикалната организација има право со писмено барање до НАкС во соработка со Надзорниот одбор на НАкС, да изврши контрола врз материјалнофинансиското работење на НАкС.

Престанок на функција на претседателот и на член на орган на синдикална организација

Член 44

Мандатот на претседателот и на член на орган на синдикална организација престанува пред истекот на периодот за кој е избран, во еден од следните случаи:
– ако тоа сам го побара;
– ако му престане членството во НАкС;
– ако биде разрешен од должноста пред истекот на мандатот.
Претседателот на синдикалната организација може да биде разрешен од должноста пред истекот на мандатот, кога не дејствува во согласност со Статутот на синдикалната организација, Статутот и програмските насоки на НАкС:
– Со одлука на органот кој го избрал, на барање на една третина од членовите на органот,
– Со одлука на Советот на НАкС на барање на претседателот на НАкС или на една половина на членовите на Извршниот одбор на НАкС, во случај кога претседателот на синдикалната организација не ги извршува одлуките на НАкС.
Разрешениот претседател на синдикалната организација има право на жалба на одлуката на Советот на НАкС до Статутарната комисија. Одлуката на Статутарната комисија е конечна.
Во случај на престанок на мандат на претседателот на синдикалната организација со одлука на Советот на НАкС, Советот на НАкС именува вршител на должноста претседател на синдикална организација, кој е должен во рок од 1 (еден) месец да свика седница на Собранието на синдикалната организација за избор на претседател.
Во случај на престанок на мандат на член на орган на синдикалната организација, органот кој избира членови на органи е должен да избере нов член во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за разрешување од должноста на членот на органот.

IV. ОРГАНИ НА НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ

Член 45

Органи на Независниот академски синдикат се:
1. Конгрес на НАкС;
2. Совет на НАкС;
3. Претседател на НАкС;
4. Извршен одбор на НАкС;
5. Надзорен одбор на НАкС;
6. Статутарна комисија на НАкС.

Конгрес на НАкС

Член 46

Конгресот на НАкС е највисок орган на Синдикатот.
Конгресот го сочинуваат делегати.
Критериумите за делегирање, бројот и структурата на делегатите на Конгресот ги утврдува Советот на НАкС со посебна одлука.
Членовите на Советот на НАкС, претседателот на НАкС, членовите на Извршниот одбор на НАкС, членовите на Надзорниот одбор на НАкС, членовите на Статутарната комисија на НАкС и претседателите на синдикалните организации се делегати на Конгресот на НАкС по функција.

Член 47

Конгресот на НАкС има надлежност да:
1. усвојува статут на НАкС и врши измени и дополнувања на Статутот;
2. усвојува деловник за работа на Конгресот на НАкС;
3. усвојува програмски насоки за активностите на НАкС;
4. ги верифицира мандатите на делегатите на конгресот;
5. врши избор на членови на Советот на НАкС, Надзорниот одбор на НАкС и Статутарната комисија на НАкС;
6. врши избор на претседател на НАкС;
7. ја оценува работата на Советот на НАкС;
8. ја оценува работата на претседателот и замениците претседатели на НАкС;
9. усвојува извештај за работата на НАкС помеѓу два конгреса;
10. го разрешува претседателот на НАкС, членовите на Надзорниот одбор на НАкС и Статутарната комисија на НАкС;
11. врши избор на работни тела на Конгресот на НАкС;
12. расправа по други прашања од значење на НАкС;
13. врши и други работи определени со закон и со овој Статут.

Член 48

Конгресот задолжително се свикува на секои 4 години, со одлука на Советот на НАкС.
Советот на НАкС по потреба може да свика конгрес и пред истекот на 4 години од претходната седница на Конгресот.
Советот на НАкС ќе донесе одлука за свикување на Конгресот доколку тоа го бара најмалку една третина од членовите на НАкС или најмалку една половина од синдикалните организации со одлука на Собранието на синдикалната организација.

Член 49

Одлуката за свикување на Конгресот, Советот на НАкС ја донесува најмалку 45 дена пред одржувањето на Конгресот на НАкС.
Поканите, предлогот на дневниот ред и материјалите за расправа и одлучување до делегатите се доставуваат најдоцна 7 дена пред одржувањето на Конгресот на НАкС.

Член 50

Конгресот одлучува на седници.
Конгресот може да одлучува доколку на седницата присуствуваат две третини од вкупниот број делегати, а одлучува со мнозинство гласови од присутните делегати.

Член 51

За вршење на работите од својата надлежност Конгресот може да формира комисии.
Совет на НАкС

Член 52

Советот на НАкС е највисок орган меѓу два конгреса.
Советот на НАкС има најмалку 17, а најмногу 23 члена, избрани од редот на членовите на синдикалните организации, односно од редот на членовите на НАкС.
Мандатот на членовите на Советот изнесува 4 години, со право на реизбор.
Со работата на Советот раководи претседавач избран од редот на членовите на Советот на НАкС со мнозинство гласови.
Претседавачот на Советот на НАкС има мандат од 4 години.
Одлуките на Советот на НАкС ги потпишува претседавачот на Советот на НАкС.

Член 53

Членовите на Советот на НАкС ги избира Конгресот на начин определен со деловникот за работа на Конгресот на НАкС.
Критериумите за структурата на членовите на Советот се утврдуваат претходно со посебна одлука на Советот.
Претседателот на НАкС, по функција е член на Советот на НАкС.

Член 54

Во Советот на НАкС меѓу два конгреса можат да се извршат измени и дополнувања со нови членови, најмногу до една третина од вкупниот број членови.
Изборот на нови членови во Советот на НАкС меѓу два конгреса го врши Советот на НАкС на предлог на синдикална организација, на Извршниот одбор на НАкС или на претседателот на НАкС.

Член 55

Советот на НАкС има надлежност да:
1. предлага, преговара и склучува колективни договори и се грижи за нивна реализација;
2. презема активности за заштита на правата од работен однос на членовите;
3. донесува одлука за повикување на штрајк и поведува штрајк на ниво на синдикатот или на ниво на синдикална организација, со цел заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, во согласност со закон;
4. презема активности за подобрување на условите за работа, заштита при работа, заштита на животната и работната средина, како и посебна грижа за здравјето и животот на вработените во процесот на работата;
5. презема активности за заштита и унапредување на професионалната, општественоекономската, материјалната и социјалната положба на членовите;
6. презема активности за подобрување на условите за професионален развој, како и за унапредување и заштита на интелектуалната работа и творештвото;
7. презема активности за унапредување на високобразовната и на научноистражувачката дејност во Република Северна Македонија;
8. утврдува ставови по сите прашања од интерес на членовите и пошироката академска заедница и заштита на автономијата;
9. подготвува програмски насоки на НАкС што ги доставува до Конгресот;
10. донесува деловник за својата работа;
11. донесува општи акти на НАкС;
12. донесува одлуки за реализација на целите и задачите на НАкС;
13. донесува одлука за промена на седиште на НАкС;
14. дава согласност на статут на синдикална организација;
15. дава предлог за измени и дополнувања на Статутот на НАкС;
16. донесува одлука за усогласувањето на Статутот на НАкС со закони и подзаконски акти, меѓу два конгреса, со двотретинско мнозинство, а на предлог на Статутарната комисија на НАкС или на Извршниот одбор на НАкС.
17. донесува општ акт за постапка за набавка на стоки, услуги и работи;
18. донесува завршни сметки и ги доставува до надлежните органи во согласност со законските прописи;
19. избира претседавач на Советот на НАкС од редот на своите членови;
20. избира 4 (четири) заменици на претседателот на НАкС по предлог на претседателот на НАкС.
21. избира генерален секретар на НАкС, на предлог на претседателот на НАкС;
22. избира членови на Извршниот одбор на НАкС, на предлог на претседателот на НАкС;
23. одлучува за престанок на мандатот на претседателот на НАкС, замениците на претседателот и на генералниот секретар во согласност со овој статут;
24. одлучува за престанок на мандатот на претседател на синдикална организација во согласност со овој Статут;
25. одлучува за престанок на мандатот на членовите на Извршниот одбор на НАкС;
26. избира вршител на должност претседател на НАкС;
27. избира вршител на должност претседател на синдикална организација во согласност со овој Статут;
28. усвојува систематизација на работните и работните задачи и на бројот на вработени во стручната служба на НАкС;
29. одлучува за доделување признанија и награди;
30. одлучува за поврзување со други синдикати или други облици на синдикално организирање на предлог од Извршниот одбор.
31. Формира комисии, работни групи и слични тела;
32. Врши други работи определени со овој Статут.

Член 56

Советот на НАкС ги остварува работите од својата надлежност утврдени со овој Статут и дејствува врз основа на програмските насоки на НАкС.

Член 57

Советот на НАкС одлучува на седници.
Советот на НАкС може да одлучува доколку на седницата присуствува половина од вкупниот број членови, а одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, освен ако со овој Статут не е поинаку определeно.
Седниците на Советот на НАкС ги свикува и со нив раководи претседавачот на Советот на НАкС.
Начинот на работа и одлучување на Советот на НАкС поблиску се уредува со деловникот за работа на Советот на НАкС.

Член 58

Член на Советот има право и обврска:
– активно да учествува во работата на Советот;
– да ги следи состојбите и проблемите на НАкС и да земе активно учество за нивно разрешување;
– да биде носител на спроведување на договорените ставови, одлуки и заклучоци;

Член 59

Мандатот на член на Советот на НАкС престанува пред истекот на периодот за кој е избран, во еден од следните случаи:
– ако тоа сам го побара;
– ако му престане членството во НАкС;
– ако биде разрешен од должноста пред истекот на мандатот.
Член на Советот може да побара престанок на мандатот, со оставка доставена до Советот на НАкС во писмена форма.
Член на Советот може да биде разрешен од должноста поради:
– неспроведување на ставовите, одлуките и обврските преземени од Советот на НАкС;
– неоправдано отсуство од седниците на Советот повеќе од три пати во една година.
Предлог за разрешување на член доставува претседателот на НАкС и претседавачот на Советот на НАкС.

Член 60

Доколку престанал мандатот на член на Советот на НАкС кој е член на синдикална организација, за избор на нов член Советот на НАкС бара предлог од синдикалната организација.

Член 61

Советот на НАкС за извршување на одделни задачи може да формира комисии, работни групи и слично (работни тела).
Работните тела за својата работа го известуваат Советот на НАкС.
Претседател на НАкС

Член 62

Претседателот на НАкС е раководен орган.
Претседателот на НАкС се избира за време од четири години, со право на уште еден избор.
Кандидати за претседател на НАкС може да предложат:
– синдикалните организации;
– 20 делегати на Конгресот;
– Советот на НАкС.
За претседател на НАкС не може да биде избрано лице кое е на раководна функција кај работодавачот.

Член 63

Претседателот на НАкС го претставува и застапува Синдикатот.
Претседателот на НАкС ги има следните надлежности:
1. потпишува колективни договори;
2. потпишува акти согласно овој Статут;
3. ги свикува и раководи со седниците на Извршниот одбор на НАкС;
4. ја насочува политиката и активностите на НАкС во согласност со Статутот, програмските насоки на НАкС и програмата за работа;
5. ги координира заедничките ставови на органите на НАкС;
6. ги спроведува одлуките, заклучоците и ставовите на органите на НАкС;
7. остварува соработка со институциите на законодавната и извршната власт во Република Северна Македонија и со други органи, институции и здруженија;
8. ја извршува функцијата претседател на штрајкувачкиот одбор на НАкС;
9. соработува со други синдикални организации и асоцијации;
10. ја реализира програмата за меѓународна соработка;
11. води разговори во синдикалните организации;
12. склучува договори со правни и физички лица;
13. е наредбодавец на средствата од финансискиот план на НАкС;
14. врши и други работи во согласност со Статутот, програмските насоки и програмата за работа;
Претседателот за својата работа одговара пред Конгресот на НАкС.

Член 64

Заменик претседателот ги врши работите од надлежност на претседателот во случај на негова спреченост со полномошно од претседателот.

Член 65

Мандатот на претседателот на НАкС престанува пред истекот на периодот за кој е избран, во еден од следните случаи:
– ако тоа сам го побара;
– ако е спречен да ја врши должноста подолго од 6 (шест) месеци;
– ако му престане членството во НАкС;
– ако биде разрешен од должноста пред истекот на мандатот.
Претседателот на НАкС може да биде разрешен од должноста пред истекот на мандатот, кога не дејствува во согласност со Статутот на НАкС и програмските насоки на НАкС со одлука на Конгресот на НАкС, на барање на една третина од членовите на Советот на НАкС.
Во случај на престанок на мандатот на претседателот на НАкС, Советот на НАкС е должен во рок од 15 дена да избере вршител на должноста претседател на НАкС од редот на избраните заменици на претседателот и да избере нов заменик претседател.
Вршител на должноста претседател на НАкС се избира за време до 6 (шест) месеци. По исклучок, мандатот на вршителот на должност може да се продолжи за уште 6 (шест месеци) доколку од оправдани причини не можел да се свика Конгресот на НАкС.
Во случај на избор на вршител на должноста претседател на НАкС, Советот на НАкС е должен да донесе одлука за свикување на Конгрес на НАкС најдоцна 45 дена пред истекот на мандатот на вршителот на должноста.

Извршен одбор на НАкС

Член 66

Извршниот одбор на НАкС е извршен орган на НАкС.
Извршниот одбор на НАкС е составен од 7 члена и го сочинуваат:
– претседателот на НАкС кој по функција е и претседател на Извршниот одбор
– замениците на претседателот на НАкС
– генералниот секретар
– еден член.
Членовите на Извршниот одбор на НАкС се избираат за време од четири години, со право на уште еден избор.
Извршниот одбор за својата работа е одговoрен пред Советот на НАкС.

Член 67

Извршниот одбор има надлежност да:
1. усвојува деловник за работа;
2. ги спроведува ставовите на Советот на НАкС;
3. подготвува и предлага ставови до Советот за конкретни активности;
4. подготвува предлози за донесување на акти и предлог акти за кои одлучува Советот на НАкС;
5. подготвува финансиски план и годишен финансиски извештај;
6. ја координира работата на синдикалните организации и на органите на НАкС;
7. предлага разрешување на претседавачот на Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови;
8. поднесува предлог за доделување признанија и награди;
9. одлучува за ангажирање лица во стручната служба на НАкС и за висината на нивните надоместоци;
10. одлучува за формирање проектни тимови за спроведување на програмските активности;
11. врши други работи определени со овој Статут.
Член 68
Извршниот одбор на НАкС одлучува на седници.
Извршниот одбор на НАкС може да одлучува доколку на седницата присуствува половина од вкупниот број членови, а одлучува со мнозинство гласови од присутните членови.
Седниците на Извршниот одбор ги свикува и со нив раководи претседателот на НАкС.
Начинот на работа и одлучување на Извршниот одбор на НАкС поблиску се уредува со деловникот за работа на Извршниот одбор на НАкС.

Надзорен одбор на НАкС

Член 69

Надзорниот одбор на НАкС врши контрола на материјалнофинансиското работење на НАкС.
Надзорниот одбор се состои од 5 (пет) члена од кои (1) еден е претседател, а (1) еден е негов заменик.
Член на Надзорниот одбор не може да биде претседателот на НАкС, член на Советот на НАкС или на Извршниот одбор на НАкС.

Член 70

Надзорниот одбор на НАкС има надлежност да:
1. врши надзор и контрола на материјалнофинансиското работење на НАкС и, по потреба, на синдикалните организации;
2. врши надзор и контрола на распределбата и на употребата на финансиските средства и имотот на НАкС и, по потреба, на синдикалните организации;
3. дава мислење за завршната сметка на НАкС;
4. донесува деловник за својата работа;
5. врши други работи определени со овој Статут.
Надзорниот одбор има право да врши контрола на финансиското работење без претходна најава.
За сите извршени контроли Надзорниот одбор составува записник и го доставува до Советот на НАкС и до Извршниот одбор на НАкС.
Надзорниот одбор на НАкС соработува со надзорните одбори на синдикалните организации и соодветните финансиски органи во државата.

Член 71

Надзорниот одбор на НАкС одлучува на седници.
Надзорниот одбор на НАкС може да одлучува доколку на седницата присуствува половина од вкупниот број членови, а одлучува со мнозинство гласови од присутните членови.
Седниците на Надзорниот одбор на НАкС ги свикува и со нив раководи претседателот на Надзорниот одбор на НАкС .
Начинот на работа и одлучување на Надзорниот одбор на НАкС поблиску се уредува со деловникот за работа на Надзорниот одбор на НАкС .
Статутарна комисија на НАкС

Член 72

Статутарната комисија е орган на НАкС кој врши надзор на спроведувањето на Статутот и одлучува по претставките и жалбите на членовите и посредува при решавањето на споровите меѓу синдикалните организации.
Статутарната комисија е составена од 5 (пет) члена, од кои 1 (еден) е претседател и 1 (еден) негов заменик.

Член 73

Статутарната комсија на НАкС има надлежност да:
1. се грижи органите на НАкС да ги спроведуваат статутарните и програмските определби;
2. решава по претставки и жалби од членовите на НАкС во врска со нивните статутарни права;
3. арбитрира при споровите меѓу синдикалните организации и меѓу синдикалните организации и НАкС;
4. утврдува предлог на толкување на одредбите од Статутот;
5. дава мислење за општите акти на НАкС по барање на органите на НАкС;
6. донесува деловник за својата работа;
7. врши други работи определени со овој Статут.

Член 74

Статутарната комисија на НАкС одлучува на седници.
Статутарната комисија на НАкС може да одлучува доколку на седницата присуствува половина од вкупниот број членови, а одлучува со мнозинство гласови од присутните членови.
Седниците на Статутарната комсија на НАкС ги свикува и со нив раководи претседателот на Статутарната комисија на НАкС, а во негово отсуство заменикот на претседателот.
Претседателот на Статутарната комисија е член на арбитражниот совет за решавање на споровите меѓу синдикалните организации.
Начинот на работа и одлучување на Статутарната комсија на НАкС поблиску се уредува со Деловникот за работа на Статутарната комсија на НАкС.

V. СТРУЧНА СЛУЖБА

Член 75

Стручната служба на НАкС ја сочинуваат извршители согласно акт за организација и систематизација на стручна служба што ја носи Советот на НАкС.
Доколку нема вработени лица, за вршење на стручните и административните работи се ангажираат физички лица.
Со стручната служба раководи генералниот секретар на НАкС.

VI. ШTРАЈК

Член 76

Штрајкот е организиран прекин на работа на членовите на НАкС со цел:
– заштита и унапредување на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос;
– остварување на правата кои произлегуваат од начелото на академската автономија.
Секој член слободно одлучува за своето учество во штрајк.

Член 77

Штрајкот може да биде организиран како штрајк на една или повеќе синдикални организации и како генерален штрајк на ниво на НАкС.
Иницијатива за генерален штрајк во НАкС може да покрене секоја синдикална организација.
Одлука за штрајк донесува Советот на НАкС со мнозинство од вкупниот број членови на Советот на НАкС.
Пред донесување на одлука за штрајк, Советот на НАкС организира консултативен референдум во синдикалните организации, односно на ниво на синдикатот преку тајно и непосредно гласање.

Член 78

Доколку во текот на штрајкот дојде до значајни промени во однос на истакнатите барања, односно започнат преговори, се свикува седница на Советот на НАкС, на која се донесува одлука за понатамошниот тек на штрајкот.

VII. ПРАВНА ЗАШТИТА И СОЛИДАРНА ПОМОШ

Член 79

Членот на овој синдикат чии права од работен однос се повредени има право на правна помош, без надоместок, под услов да е член на овој синдикат најмалку 3 месеци пред да бидат повредени неговите права и редовно да ја плаќа членарината.
Начинот и условите за остварување на правото на правна помош, без надоместок, поблиску се уредува со општ акт на НАкС.

Член 80

За остварување на солидарна материјална помош и користење на други материјални погодности, во рамките на НАкС, се формира Солидарен фонд (во понатамошниот текст: Фонд)
Начинот на организација и работењето со Фондот се уредуваат со правилник за работа на фондот.

Член 81

Членовите на органите на синдикалните организации и на органите на НАкС не можат да бидат ниту повикани на одговорност ниту доведени во неповолна положба, вклучувајќи го нивното отпуштање од работа поради синдикални активности со кои се штитат правата и интересите на членовите на НАкС, доколку постапуваат во согласност со закон, колективен договор и општ акт за време на мандатот и две години по истекот на мандатот.

VIII. ФИНАНСИРАЊЕ И МАТЕРИЈАЛНИ СРЕДСТВА НА НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ

Член 82

НАкС за извршување на својата функцијата обезбедува средства од членарина, подароци, дотации, прилози, спонзорства и други извори.
НАкС може да стекнува средства и со извршување стопанска дејност и давање услуги, за што одлука донесува Советот.
Висината на членарината на членовите на овој синдикат се одредува со посебна одлука на Советот од нето-платата или надоместоците по друга основа.
Одлука за начинот на распределба на членарината донесува Советот на НАкС.

Член 83

Средствата од членарината на вработените членови на НАкС ги пресметуваат и се уплатуваат на сметката на НАкС преку работодавачот при исплата на платата.
Член на НАкС може и лично да ја пресметува и уплатува членарината на сметка на НАкС.

IX. ПРЕСТАНОК НА НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ

Член 84

НАкС може да престане со работа:
1. со одлука на Конгресот на НАкС, доколку за тоа гласаат најмалку две третини од вкупниот број делегати;
2. кога бројот на членовите ќе се намали под определениот број за основање;
3. кога со правосилна одлука на надлежен орган ќе се забрани работата на синдикатот;
4. во други случаи утврдени со закон.
По престанокот на работата на НАкС, имотот и другите права и приходи што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на основачите на НАкС или синдикалните организации, што ќе се одреди со посебна одлука.

X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 85

За донесување на Статутот на НАкС, делегатите ги консултираат синдикалните организации што ги избрале.
Измените и дополнувањата на Статутот се вршат на начин и постапка како при неговото донесување.

Член 86

Синдикалните организации се должни да ги усогласат своите акти со одредбите на овој Статут во рок од 6 (шест) месеци од неговото донесување.
Органите на НАкС се должни да ги донесат актите предвидени со овој Статут во рок од 6 (шест) месеци од неговото донесување.

Член 87

Овој Статут влегува во сила од денот на неговото донесување.