За НАкС

Независниот академски синдикат (НАкС) е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се зачленуваат вработените во високообразовни установи, научни установи и во други сродни правни лица, државјани на Република Северна Македонија.

НАкС е формиран со цел неговите членови на организиран начин да ги изразуваат и остваруваат своите посебни и колективни интереси, да ги подобрат своите професионални, економски, социјални, културни и други општествени интереси, како и правата од работен однос и правото на синдикално организирање.

НАкС се залага за подобрување на квалитетот на високото образование и науката, почитување на универзитетската автономија, враќање на дигнитетот на академската заедница, подобрување на нејзиниот општествен и социјален статус, овозможување соодветни услови за реализација на образовната дејност, научните истражувања и уметничкото творештво.

 

Историјат на НАкС

Независниот академски синдикат е формиран во 2016 година на иницијатива на членови од Професорскиот пленум. Својот прв конгрес го одржа на 29 септември 2016 година, кога беше усвоен статутот на синдикатот, а за претседателка беше избрана проф. м-р Маја Стевановиќ. Оттогаш НАкС континуирано учествува во креирањето на јавните политики во високото образование и науката, презема активности за актуелизирање на наталожените проблеми во јавноста и нуди решенија врз основа на истражувања и анализи.

НАкС учествуваше во креирањето на Законот за високо образование донесен во 2018 година, а неговите членови дадоа придонес и во процесот на јавна расправа и усвојување на новиот Статут на УКИМ. Со поддршка од ФООМ, НАкС реализира проекти за универзитетската автономија и финансиската отчетност и транспарентност во високото образование.  НАкС е првиот синдикат кој иницираше потпишување на Колективен договор (.pdf) во областа на високото образование и науката. НАкС е потписник на Повелбата за солидарност и соработува со другите синдикати за унапредување на правата на сите работници во Република Северна Македонија.

На 31.10.2020 година НАкС го одржа вториот конгрес под мотото: Крајно време е за наука. На конгресот беа усвоени промени во статутот, програмски насоки за периодот 2020-2021, беа избрани нови членови на телата и органите на синдикатот, а за претседателка беше избрана проф. д-р Елена Џукеска.

Независниот академски синдикат се залага за доследна одбрана на достоинството на своите членови, како и за нивна постојана и сеопфатна синдикална заштита, што вклучува:

  • заштита на личниот, професионалниот и стручниот интегритет;
  • заштита на правата што произлегуваат од работен однос;
  • подобрување на условите за работа и заштита при работа;
  • подобрување на условите за професионален развој, како и унапредување и заштита на интелектуалната работа и творештвото;
  • остварување други цели и интереси на членовите.

НАкС има солидарен фонд и овозможува бесплатна правна помош за заштита на правата на членовите во случај на работен спор. За остварување на овие цели НАкС ги информира и обучува членовите на синдикатот за нивните права, ги застапува нивните интереси пред надлежните органи и институции, иницира промени во правните акти од интерес на академската заедница, преговара со работодавачите, соработува со други синдикати и презема други активности.

Идни активности

НАкС се залага за унапредување на образовната и научната дејност во сите академски институции во Република Северна Македонија и затоа ќе продолжи да се бори за:

  • финансиска автономија на јавните универзитети
  • воспоставување на вистински и правични критериуми за финансирање на високото образование;
  • контрола на квалитетот во високото образование од тела што се меѓународно акредитирани;
  • демократска студентска репрезентација во високообразовните установи;
  • формирање Фонд за научни истражувања;
  • поддршка на млади истражувачи и стипендирање на студенти за втор и трет циклус во нашата држава.

Во претстојниот период, НАкС ќе ги фокусира своите напори за целосна и доследна имплементација на Колективниот договор за високо образование и наука.