НАкС одржа работилница за зајакнување на стратешкото планирање и синдикалното организирање


Независниот академски синдикат (НАкС) на 29. и на 30. мај 2021 година одржа дводневна онлајн работилница за стратешко планирање и синдикално организирање, организирана во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“, спроведуван од НАкС. На работилницата учествуваа претставници на раководствата на синдикалните организации на Независниот академски синдикат.

Оваа дводневна работилница беше посветена на подготовката за изработка на стратешки документ што ќе ги усвои основните принципи и идните насоки на развој на НАкС. На работилницата која се одржа во четири сесии, се разговараше за јакнење на организациската структура и институционалниот капацитет на Синдикатот, за заштита на правата на работниците и правната заштита, за синдикализмот и колективното преговарање и за квалитетот на високообразовната и научната дејност.

На работилницата беше истакнато дека за жал сè уште сме сведоци на хаос во законското регулирање на високообразовната и научна дејност, како и дека државата за поддршка на високообразовната и научна дејност издвојува исклучително мали буџетски средства, недоволни за елементарен развој на високото образование и на науката. Констатирано е дека постои нередовна и недоволна соработка меѓу синдикатите чии членови се вработените во јавните високообразовни и научни институции, како и дека високото образование и науката не успеваат да се изборат за посакуваното место на пошироката општествена сцена.

Согласно посочените базични цели што Синдикатот треба да ги исполни во претстојниот период, беше посочено дека е неопходно:

  • да се зајакнат процесите на промовирање на НАкС во рамноправен партнер во планирањето и донесувањето на законската регулатива за високото образование и науката;
  • да се изградат механизми за следење на спроведувањето на потпишаниот колективен договор;
  • да се работи на зголемување на членството на Синдикатот, да се преземат соодветни активности за подобрување на условите за работа и за професионалното наградувањето на вработените во овој сектор; како и
  • да се зајакне процесот на профилирање на НАкС како субјект кој поседува потенцијал да дејствува како аналитички центар за следење и анализа на севкупните состојби со високото образование и наука.

Во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ ќе бидат конципирани и креирани три документа за јавни политики кои ќе се однесуваат на: статусот и условите за работа на наставно-научниот кадар на јавните високообразовни и научни установи, статусот и условите за работа на студентската популација на јавните високообразовни и научни установи, како и влијанието на наставно-научниот кадар врз креирањето на јавните политики во РСМ. Реализацијата на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од Независниот академски синдикат е финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на НАкС, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.