Истражување: Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката (.pdf)
Автори: Мирјана Најчевска, Маја Стевановиќ, Мимоза Ристова, Виктор Стефов, Драгор Заревски, Бранимир Јовановиќ, Мира Беќар, Бојана Наумовска, Александар Таковски, Наталија Радивоевиќ Миленкова
Опис: Појдовната точка во создавање соодветни услови за работа на академскиот кадар претставува финансискиот аспект, почнувајќи од креирањето на буџетот на МОН и распределбата кон различните ентитети во неговиот состав, преку реализацијата на буџетите, па сѐ до критериумите за формирање на платите во секторот на високото образование и науката.
Анализата на кумулираните податоци покажува дека просторот за влијание во процесите на одлучување поврзани со финансирањето на јавните високообразовни и научни установи, кој во моментот е законски дефиниран и практично овозможен, е исклучително мал и не соодветствува со уставно гарантираната финансиска автономија на универзитетите.
Истражувањето покажува дека при планирањето на трошењето во областа на високото образование и науката отсуствува видлива директна корелација меѓу стратешки определените приоритети на МОН и на Владата и на фактичките буџетски издвојувања поврзани со овие приоритети. Воедно, отсуствува механизам за вклучување на универзитетите и високообразовните установи од страна на МОН. Средствата што се вложуваат во образование во нашата држава како процент од БДП бележат постојано намалување и се меѓу најниските во Европа. Најголем дел од расходите за високо образование се за тековни потреби, додека капиталните вложувања (во опрема, машини, згради и сл.) се минимални.
Во однос на висината на платите во секторот, истражувањето покажува дека не постои единствен законски пристап во регулирањето на распределбата на средствата во високото образование. Не постои изедначен начин на пресметување на платите на јавните високообразовни установи, со што се создаваат услови за постоење огромни дискрепанции во висината на платите на вработените, дури и во рамки на иста установа. Споредено со земјите од регионот, платите на редовните професори кои се исплаќаат од основниот буџет кај нас се убедливо најниски. Кај нас тие изнесуваат 550 евра, а во сите земји од регионот (Косово, Албанија, Србија, Црна Гора) се над 1000 евра. Постојат и големи разлики во платите помеѓу јавните високообразовни установи. Највисоки се платите на ДУТ, па на УГД Штип. Лошата политика во однос на висината на платите, како и недостатокот на автономија при одлучување за вработувања дополнително ги влошува состојбите на универзитетите. Постои огромен недостаток од асистенти, а вкупниот број на асистенти и доценти е помал од бројот на редовни професори кои наскоро треба да заминат во пензија, со што може да биде загрозена реализацијата на наставната и на научната дејност.
Анализата покажува дека со 0,35 % издвојувања од БДП за истражување и развој (во 2017 и 2018 година), нашата држава се наоѓа на самото дно во Европа. За споредба, во стратегијата за раст на Европската Унија се предвидува издвојувањата за истражувања и развој да достигнат 3 % од БДП.
Од интервјуата извршени со ректори, проректори, декани и директори на универзитетите и институтите, може да се заклучи дека доминира мислењето дека државата не издвојува доволно средства за развој во високото образование, не издвојува капитални инвестиции како што издвојува во основното и средното образование, воопшто не издвојува средства за финансирање на научноистражувачката дејност, не постојат јасни критериуми по кои се врши распределбата на буџетот за високо образование меѓу чинителите во него. Од друга страна, наодите од прашалник доставен до 208 вработени во секторот покажуваат дека во однос на единиците (факултети/институти), наодите се дека е потребна поголема транспарентност и отчетност (појасни документи, подостапни, регулирање на сродни материи во еден документ и сл.), поголема будност на наставно-научниот и соработничкиот кадар и дека студентите се најголем мотиватор на професорите и оваа состојба треба да се негува.
Во истражувањето е спроведена и анкета на 482 испитаници во однос на перцепциите на јавноста за вреднувањето на академскиот труд во јавните високообразовни и научни институции. Испитаниците сметаат дека академскиот кадар посветува многу малку време на наведените обврски: одржување консултации со студенти, изготвување учебници и наставни помагала, обучување нови кадри, објавување научно-стручни трудови, професионално надградување, организирање научни собири, симпозиуми, конференции, преведување стручна литература и белетристика, како и учество во активности вон матичната институција (давање експертско мислење и советодавна улога). Единствена категорија каде испитаниците сметале дека академскиот кадар посветува многу и исклучително многу време е за учество на конференции, симпозиуми и сл.