Проектот „Универзитетската автономија во македонското високо образование: Статус и перцепции“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, имаше за цел да го утврди нивото на оствареност на универзитетската автономија во Република Северна Македонија.

Институционалната автономија се смета за важен предуслов за да можат современите универзитети да развиваат институционални профили и ефикасно да ги исполнуваат своите мисии. Но, перцепциите и терминологијата поврзани со институционалната автономија се разликуваат во голема мера ширум Европа. Споредбата на високообразовните системи во поглед на ова прашање ја наложи потребата од систематско мапирање на автономијата и одговорноста на универзитетите.


Истражување: Универзитетската автономија во македонското високо образование (.pdf)

Автори: Маја Стевановиќ, Зоран Велковски, Влатко П. Коробар, Елена Џукеска, Неда Здравева

Опис: Во изминатата деценија, академската заедница во државава се соочуваше со низа предизвици, а многу од нив се препишуваа на загрозената универзитетска автономија. Кои се аспектите на универзитетската автономија, како таа се перципира, разбира и практикува во нашата држава се дел од прашањата на кои се обиде да одговори ова истражување. Студијата на ЕУА од 2017 година покажува дека не постојат системи кои подеднакво успешно се рангираат во сите аспекти на универзитетската автономија. Во случајот на Република Северна Македонија, може да се сугерира дека системот би бил најдобро рангиран во однос на академската и на организациската автономија, послабо рангиран во однос на кадровската автономија, и најслабо рангиран во однос на финансиската автономија. Ваквиот сооднос помеѓу четирите аспекти на универзитетската автономија кај нас се рефлектира во сите сегменти на истражувањето. Аналогно, потребни се нови решенија за да се зголеми нивото на универзитетската автономија во Република Северна Македонија, пред сè во сегментите на финансиската и кадровската автономија. Анализата покажува дека еден од предусловите за унапредување на финансиската автономија е отворањето можност за универзитетите без ограничувања да располагаат со сопствените средства. Што се однесува до кадровската автономија, поради континуираното стареење и намалување на наставниот кадар, треба да се елиминираат или да се релаксираат ограничувањата што постојат за вработување на веќе утврдениот потребен кадар. Во поглед на организациската автономија, треба да се испитаат начините на вклучување на надворешни лица, избрани или предложени од универзитетите, во телата за управување и да се проценат придобивките од таквото решение. Во однос на академската автономија, во анализата се дава констатира постои простор за подобрување, особено во доменот на обезбедување квалитет. Преку Агенцијата за квалитет во високото образование треба да се овозможи инволвирање на разни агенции кои се членови на ENQA, во смисла на алтернативен начин за акредитација на студиски програми и за надворешна евалуација.