Независниот академски синдикат (НАкС) на 17. јуни 2021 година одржа трибина на која учествуваа реномирани регионални и европски синдикални лидери, на тема „Јакнење на организациската структура на синдикатите, нивниот експертски и институционален капацитет и нивната улога во обезбедување квалитет во високото образование“. Трибината беше одржана онлајн  со почеток во 18:00 часот, а беше пренесувана и преку Фејсбук страницата на НАкС.

На трибината свои искуства и ставови за синдикалното делување презентираа почитуваните гости: проф. Весница Гарашиќ од Независниот синдикат на науката и високо образование (Nezavisni sindikat znanonosti i visokog obrazovanja) од Република Хрватска, проф. Петар Перван од Независниот синдикат на науката и високо образование (Nezavisni sindikat znanonosti i visokog obrazovanja) од Република Хрватска, проф. Горазд Ковачич од Високошколскиот синдикат на Словенија (Visokošolski sindikat Slovenije – VSS) од Република Словенија и м-р Илина Тодоровска од UNISON – Синдикат на јавни услуги (UNISON – The Public Service Union) од Велика Британија. Модератор на трибината беше проф. д-р Мира Беќар од Независниот академски синдикат.

Дискусиите беа насочени кон анализа на најсуштествените теми на синдикалното дејствување на синдикалните организации на вработените на високообразовните и научни установи, и тоа:

  • Пат кон изградба на функционална структура на синдикална организација
  • Јакнење на општественото влијание на академскиот сектор
  • Предизвици во рамките на борбата за работничките права во академскиот сектор
  • Вмрежување на институционалната соработка на синдикатите од академскиот сектор

Трибината беше организирана во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ кој го спроведува Независниот академски синдикат (НАкС). Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ е насочен кон истражување на општите состојби во високообразовната и научната сфера во државата со фокус на условите за работа на наставно-научниот кадар, а со цел унапредување на условите за работа и намалување на јазот во квалитетот на нашето високо образование споредено со европските универзитети. Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.Содржината е единствена одговорност на авторите и на НАкС, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.