Сенаторите на УКИМ да ја преземат одговорноста и
да ја повторат постапката за избор на Ректор


Зад нас се првите непосредни избори за ректор на најголемиот и најстариот универзитет во земјата. За разлика од досегашните избори, за прв пат секој член на наставно-научен, научен или наставен совет имаше прилика да го довери својот глас во поддршка на определен кандидат за ректор. Изборот на ректор на ваков начин требаше да биде пресвртна точка во насока на демократизација на управувањето на УКИМ. Сепак, бројните изигрувања на формалните процедури, на основните академски, но и морални начела, го направија изборот на ректор еден од најскандалозните до сега.

Изборите за ректор се одвиваа во услови на пандемија, во време кога нашите колеги се бореа да ги продолжат редовните наставни и научни активности, додека некои од нив беа и заболени од самиот коронавирус. Бројни законски и статутарни услови при изборот на ректор беа прекршени, вклучувајќи ја и забраната за спроведување постапка за избор на ректор во време на вонредна состојба1, забраната за спроведување на постапката во време на изборен период2, како и конфликтот на интереси кој ректорот ги имаше како незаконски претседавач на Сенатот3. Посредно, на текот на изборите се влијаеше и преку задоцнетото отпочнување на постапката за избор на сенатори, како и со формирањето на новиот сенат десет дена по рокот предвиден во Статутот. За овие прекршувања, НАкС редовно доставуваше претставки до надлежните институции и отворено ја известуваше јавноста.

Кандидатите имаа кратки пет работни дена за пријавување, додека рокот за кандидирање на позицијата декан на факултет е цели 30 дена. По усвојувањето на кандидатурите, оние кандидати коишто не беа одбиени од страна на Универзитетската изборна комисија со една исклучително проблематична аргументација, имаа нецели 10 дена за да се претстават себеси, а програмите без биографиите на кандидатите беа споделени со 1450 гласачи на само 3 дена пред самото гласање, што е далеку од доволно за суштинско запознавање на членовите на академската заедница со кандидатите и нивните програми. Скоро половина од членовите на Универзитетската изборна комисија си поднесоа оставки, а на само два дена пред изборите беа избрани нови. На ден пред одржување на изборите, тројца од седумте кандидати ги ставија своите кандидатури во мирување, со образложение дека не сакаат да дадат легитимитет на процес кој го следат низа сериозни нерегуларности.

1 Уредба за прмена на Законот за високото образование и Уредба за дополнување и изменување

 на Уредбата за примена на Законот за високото образование на Владата.

2 Соопштение на ДКСК од 22 јуни 2020.

3 Соопштение на ДКСК од 22 јуни 2020.

Сериозните прекршувања и изигрувања на постапката за избор на ректор се последица на грубата злоупотреба на универзитетската автономија, која за жал, некои членови на академска заедница ја сфаќаат буквално како автократија. Но, за ваквата состојба одговорност треба да се бара и во институциите кои се должни да се грижат за правилното спроведување на законите во високото образование, а тоа во прв ред се Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и Министерството за образование и наука (МОН). Одолговлекувањето на инспекцискиот надзор од страна на ДПИ, како и непостапувањето по задоцнетите реакции на Инспекторатот од страна на министерот за образование и наука Арбер Адеми, овозможија новиот ректор на најголемиот универзитет во државата да биде избран во една исклучително проблематична процедура од аспект на нејзината законитост и легитимност. Дури, бевме сведоци на јавно и отворено вмешување од страна на поранешната министерка за образование и наука, а сегашна министерка за правда, Рената Дескоска, на само еден ден пред одржувањето на гласањето, со цел поттикнување на гласачите. Прашање е дали ваквото „аминување“ на постапката од страна на претставници на власта немаше за цел да му даде легитимитет на изборниот процес, како и да ги

„отстрани“ прашањата за законитоста на постапката, особено во ситуација кога две надлежни институции – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и ДПИ, излегоа со ставови што ја оспоруваат истата.

Конечно, два дена по спроведеното гласање, односно минатиот понеделник, 29.06.2020 од ДПИ пристигна одговор на поднесената претставка од НАкС, при што е констатирана повреда на Уредбата за примена на ЗВО, на 15ти јуни, кога Универзитетската изборна комисија презема изборни дејствија во време на вонредна состојба, а за истото претходно извести и ДКСК. Дополнително, Народниот правобранител поведе постапка за прекршување на правата на лицата кои се ослободени од работа, односно болни од КОВИД-19, поради ускратување на нивното право на глас во постапката.

Уште од самото отпочнување на постапката за избор на ректор на првите непосредни и тајни избори, согласно новиот Закон за високото образование, апелиравме да се искористи можноста која ја дава Законот и со овие избори да се трасира патот кон целосна внатрешна демократизација на УКИМ, како пример за демократизација на сите јавни универзитети во Македонија. За жал, тоа не само што не се случи, туку со вака спроведените избори УКИМ се доведе во опасност изборот на неговиот прв човек да биде дополнително проблематизиран во евентуални судски и вонсудски постапки.

Оттука, уште еднаш ги повикуваме институциите да поведат активности согласно нивните надлежности и да овозможат повторување на постапката, согласно законските процедури и основните начела на фер и демократска постапка. Сенаторите на УКИМ, во чија надлежност е потврдување на ректорот, да преземат одговорност и да донесат одлука со која нема да придонесат најголемиот и најмоќниот универзитет во земјава, како и неговата автономија да (о)станат заложници на можни сегашни и идни непринципиелни интереси и влијанија.