На 13 септември 2023 на Природно-математичкиот факултет се одржа комеморација за проф. д-р Олга Галабова. Комеморацијата ја отвори деканот на ПМФ, проф. д-р Александар Скепаровски, а потоа говореа професорките д-р Даница Крстовска и д-р Ирина Петреска, проф. д-р Мимоза Ристова и проф. д-р Виктор Стефов, како и други нејзини колеги и пријатели.
Професорката Ристова излезе со краток говор во спомен на прерано починатата Олга. Говорот ви го пренесуваме интегрално.
„Посмртно слово за Оља“
ВРЕМЕ! Каква мистерија е времето како физичка величина. Единствено биолошкото време за нас има некаква смисла. Дека времето минува стануваме свесни дури тогаш кога ќе му истече на некој што го сакаме.
Времето на Оља истече ненадејно бргу. Одненадеж нејзиното постоење се смести во МИНАТОТО. Но, апсурдот се состои во тоа што целото нејзино битие оддаваше силна импресија на ИДНИНА. Зарем е можно овие две времиња да биле измешани во нејзиниот судбински запис?
Постојат две старогрчки божества кои се одговорни за течењето на времето.
Едниот е богот ХРОНОС, одговорен за линеарноста на течењето на времето. Тој е косач на животи и претставува парадигма на смртта. Со својата коса тој немилосрдно ги коси животите на сопствените деца од човештвото.
Но, тука е и богот КАЈРОС, кој е нелинеарен бог, којшто царува со моментот што е погоден нешто да се случи. Кајрос има крилја на нозете, а има и мерен инструмент со кој бара да детектира нешто како поволен ветер за да поттурне нешто да се случи.
Јас сепак го имам чувството дека нашата Оља, склопила пакт токму со старогрчкиот Кајрос, и со него заедно одмериле оптимален начин и најпогоден момент за заминувањето. Оља изнајде куса патека експресно да тунелира во другиот свет, а притоа да расее минимум тага кај блиските заради нејзината опака болест. Таа сите нѐ поштеди од бесомачната тага, а себе си од нашето сожалување. Така сакала и така направила, строго темпирано.
Кога ќе помислам како со еден збор да ја опишам Оља, ми доаѓа зборот СТОИЦИЗАМ. Тоа е античка грчка филозофска школа за прифаќање на божјата волја, судбината или тешкотијата во животот, како нешто што не може да се промени. Според оваа доктрина, неможноста за промена не смее да нѐ направи несреќни. Тогаш, прифаќањето, демек, носело среќа. Чинам Оља како да ја имаше развиено и ова старогрчка доктрина до совршенство. Одеше смртно болна, но со нас општеше целата насмеана и просветлена. СТАМЕНА ОЉА. КАМЕНА ОЉА, ДОСТОИНСТВЕНА ОЉА.
Среќен ти пат Оља до вечноста. Го одбра возот со релативистичка брзина, за да не те видиме ни слушнеме додека страдаш при мачниот трансфер, за кој дури и будистите велат дека не е воопшто лесен. Си замина тивко. Ни се искраде на прсти. Како пастрмка ни излизга од дланките. Како бела гулабица, ни се измолкна од стисокот и ни одлета на небо. Не умеевме да те задржиме, и тоа неизмерно нѐ боли. Но, ние не смееме да ѝ потклекнеме на тагата. Твојот стоицизам сега веќе премина на нас. Оља душо благородна, со ангелската насмевка и со дупчињата на образите, па ти сите до еден успеа да нѐ измамиш дека нема да ни одлеташ. И ти ни првна со белите крилја и ни одлета ти гулабице Галбова. Нѐ стави нас во мисла со огромна доза на квантна неопределеност, тука ли си, не ли си тука.
Хајзенберг, јави се да ни појасниш!
Ти убавице една квантномеханичарска, нѐ остави да лебдиме во оваа крајно парадоксалната квантна несигурност: премногу тука си, а никаде те нема.
И ние ќе продолжиме попатно да те бараме насекаде низ времето додека и нам не ни се случат блиските средби со твоите Грци или Егејци, боговите ХРОНОС или КАЈРОС.
Но, да си знаеш, нема веќе криенка. Ќе те наоѓаме насекаде.
- Ќе те најдеме во очите на твоите две малечки гулабици што ги создаде со немерлива исконска мајчинска надљубов.
- Ќе те најдеме во знаењето на твоите студенти.
- И после твојот последен здив, колегите ќе предаваат според твоите педантно напишани предавања.
- Новите предмети што ги создаде ќе го носат твојот печат и твоето слово.
- Трудовите што ги напиша ќе останат како трајно наследство на светската наука.
- Независниот академски синдикат НАКС што заедно го создадовме на факултетов, а кој ти со љубов го водеше и продолжуваше да го водиш иако смртно болна, ќе го слави твоето име.
Оља, мила, бела гулабице. Супернова Ѕвездо на небото. Сите наши ментални телескопи ќе ги устремиме кон твоето парче небо за да го сочуваме споменот за тебе. Единствено што ти порачуваме е да обезбедиш доволно количетво ѕвездена прашина, па од тамошните височини штедро да фрлаш да ги милуваш твоите деца за да го добијат твојот лик и да ја примат твојата неповторлива благородна нарав.
Но, сепак фрли повремено една рака ѕвездена прав и на нас останатите, ние што останавме долу, повредени и скршени во справувањето со оваа тажна разделба со тебе, а едновремена средба со неумоливата конечност на животот, како и со произволноста и неопределеноста на неговата должина.
- Животот е една релативно кратка отсечка во чувството за постоење. Едниот крај радост, а другиот тага.
- Животот е еден импулс, една строга Диракова функција, искра на радост во океан од тага.
- Од денот кога се исцрта крајот на твојата куса отсечка, нашите отсечки ќе живеат посиромашни поради твоето отсуство, но далеку побогати поради споменот за тебе што ќе направи добра промена во секој од нас. Во себе ќе ги понесеме сите твои доблести, ем за да ја надоместиме загубата, ем за да ја продолжиме твојата недовршена благородна мисија на овој факултет.
Те сакаме мила Ољинка. И можеби ќе ти звучи крајно патетично, но твоето срце ќе чука во секој од нас. Нека е вечен споменот за тебе.
– Мимоза Ристова