Независниот академски синдикат (НАкС) со внимателност го следи процесот на создавање на новиот пакет закони што ги нормираат високото образование, научноистражувачката дејност и обезбедувањето на нивниот квалитет, најавувани од страна на Министерството за образование и наука (МОН) како пакет реформски закони, чија цел е подигнување на квалитетот на високото образование и науката. Како синдикат што се бори за истата цел – подигнување на квалитетот на високото образование и науката, НАкС пристапи конструктивно и во рамките на овој процес изготви забелешки за сите три нацрт-закони, кои ги достави до овластениот предлагач, МОН, како и на ЕНЕР.

За жал, важен дел од нашите забелешки беа игнорирани, а нацрт-законите во нивната суштина останаа непроменети. Сметаме дека јавноста треба да биде информирана за главните забелешки што НАкС ги има за трите закони, кои имаат потенцијал да го уназадат развојот на високото образование и науката во нашата земја.

Во сите три предложени текста очигледно е нарушувањето на универзитетската автономија, преку одземање на надлежностите на независните тела и нивно префрлање на МОН. Овие законски решенија не овозможуваат доволна независност во финансиското работење и оставаат простор за притисок од власта врз кадровските политики на високообразовните установи (ВОУ). Па, прашуваме – доколку меритот е критериум за вработување во ВОУ, зошто Владата не се откаже од своите патеки на влијание во кадровското управување на ВОУ? Дополнително, која е целта на централизацијата на управувањето во високообразовните установи, освен влијанието на власта преку раководните лица?

Во своите јавни изјави, претставниците на Владата ги објаснуваат новите услови за избор во наставно-научни и научни звања како нужен чекор за обезбедување на квалитет во ВОУ. Убедени сме дека условите за избор во звања треба да одговараат на спецификите на различните научни и уметнички подрачја, при што мора да бидат создадени неопходни услови за нивно достигнување. Во предложените решенија условите не се применливи за различните научни подрачја и се тешки за достигнување од младите научници, без гаранции за соодветно финансирање и услови за работа. Наместо декларираната цел – зголемување на квалитетот, ваквиот пристап може да има погубен ефект – губење на помладиот кадар на универзитетите.

НАкС континуирано се залага за развојот на науката во државата. За жал, мораме да констатираме дека во Законот за научноистражувачка дејност, не постои вистинска заложба за обврзувачко, континуирано, предвидливо и стратешко финансирање на науката во државата. Како предлагачот очекува да бидат исполнети  условите за избор во звање, кои во некои аспекти ги надминуваат и оние кои постојат во регионот (на пр. Словенија, Србија, Хрватска), со вакво ниво на финансирање во науката во државата, кое е едно од најниските во Европа?

Сметаме дека новата Агенција за квалитет во високото образование и науката, во која МОН ќе има директна улога, спротивно на европските критериуми за независност од политиката, не може да обезбеди стручна и независна контрола на примената на законските критериуми за работа.

Независниот академски синдикат бара Министерството за образование и наука да го продолжи процесот на дискусија по овој пакет-закони, со што би се создале услови за дефинирање посоодветни решенија. Инсистирањето на МОН и на Владата да ги поднесат законските решенија во планираната форма нема да овозможи зголемување на квалитетот во високото образование и науката. Напротив, тоа ќе создаде невозможни услови за реализација на високообразовната дејност, невозможни услови за напредување на младите научници и ќе предизвика сериозен упад на политиката во универзитетската автономија.

НАкС, истакнувајќи добра волја за соработка, бара средба со Министерството за образование и наука, како предлагач, со цел донесување законски решенија што навистина ќе го подобрат квалитетот на високото образование и науката во нашата земја.

Со почит,

Независен академски синдикат

Краток осврт од забелешките на НАкС

Во прилог на ова соопштение, НАкС доставува краток осврт од забелешките кои веќе ги достави до МОН.

Постоењето и развојот на високото образование и науката почиваат врз автономијата. Таа е основен предуслов за да се обезбеди континуитетот и слободата на научната мисла надвор од дневно-политичките случувања. Во нацртот на ЗВО се предвидува одземање на значаен дел од надлежностите на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, кој е стручно и независно тело избрано од Собранието и нивно доделување на ресорниот министер. Доколку надлежностите не се вратат на Националниот совет, се губи смислата за неговото постоење и се врши упад во автономијата на управувањето со универзитетите.

Автономија во управувањето

МОН може да изврши статусни промени на постојните јавни универзитети и нивните единици, при што може да ги згасне, трансформира или припои со други, без нивна согласност  и наведени критериуми, што претставува суштинско загрозување на автономијата на универзитетот. Новиот ЗВО предвидува, за инвестициите и развојот на универзитетите, наместо Сенатот да одлучува Советот на универзитетите. Во Советот на универзитетите членуваат и претставници на извршната власт и ова тело по дефиниција има надзорна функција. Предложеното решение предвидува развојот на универзитетите да зависи од него, што претставува можност за влијание и притисоци од страна на извршната власт.

Во поглед на решенијата кои треба да ја осигураат демократичноста во управувањето и одлучувањето на универзитетите и нивните единици, јасна е тенденцијата за централизација на управувањето и акумулација на моќ во рацете на раководните лица на високообразовните установи (ВОУ). Имено, продолжено е траењето на мандатите на ректорите и деканите, се одземаат надлежностите на сенататите на универзитетите и се префрлаат на ректорите се одземаат надлежностите на наставно-научните совети и се префрлаат на деканите а, укинати се одредбите за тајни и непосредни избори на претставниците во деканатските управи, со што се отвора можност за влијание преку раководните лица.

Финансиска автономија

Не е прифатен нашиот предлог јасно и недвосмислено да се дефинираат критериумите за обезбедување и распределба на јавните средства за финансирање на јавните ВОУ, со што, цениме дека свесно се остава простор политиката да го диктира  финансирањето на дејноста. Извршната власт не се откажува од моќта да управува со средствата од самофинансирачките активности и донациите на јавните ВОУ, преку оставената можност Министерството за финансии (МФ) да врши измени на висината и природата на предвидените трошења на установите во нивните финансиски планови. Ваквото решение може да ги доведе ВОУ во ситуација да не можат да ги реализираат преземените обврски, па дури и кога се работи за донации, односно за средства за реализација на меѓународни проекти. Не е прифатен ниеден од предлозите што имаа за цел да ја зајакнат отчетноста и транспарентноста во управувањето со финансиите од страна на раководствата на ВОУ.

Кадровска автономија

Дали ќе има вработување на универзитетите и натаму ќе зависи од политиката. Не е прифатено долгогодишното барање вработувањето лица на „испразнети“ работни места, за кои веќе биле обезбедени финансиски средства, да се реализира без да се бара нова согласност за вработување од МОН и од МФ. Ваквите ограничувања на кадровската автономија се реална патека за влијание и притисок врз работењето на ВОУ од страна на извршната власт, поради самото право на надлежните министерства арбитрарно да одлучуваат дали и кому ќе му дадат согласност за вработување. Одземена е можноста за избор на лица во насловни звања, односно за ангажирање наставно-научен кадар кој не е во работен однос. Одземено им е правото на ВОУ самостојно да одлучуваат за изборот на лица вработени во стручните и административните служби. Последица од ваквите решенија, особено по факултетите со и онака малоброен кадар, ќе биде недостиг на професори за реализација на предметни програми, што може да доведе до затворање на цели студиски програми и факултети. Доколку МОН излезе со точни и целосни податоци за постапките околу новите вработувања во ВОУ во последните пет години, убедени сме дека ќе се поткрепат сите наши претходни констатации.

Академска слобода

Предлагачот повторно утврдува практично унифицирани критериуми како услов за избор во наставно-научни звања во различните научни подрачја. Предложените решенија се несоодветни од две причини:

Прво, наведување дека научни списанија индексирани во SJR (SCImago Journal Rank indicator) за Scopus се само оние од Q1 и Q2 категоризацијата, односно само оние со највисок ранг, практично ги сведува истите на списанија со фактор на влијание. Имено, во Q1 и Q2 категоризацијата речиси и да нема списанија без  фактор на влијание. Во пракса тоа би значело дека условите за објавени трудови при избор во звања од хуманистичките и општествените науки наместо од базата Scopus повторно би се свеле на списанија индексирани во Web of Science. Исто така сметаме дека треба да се отфрли h-индексот како услов за избор во звања. Не случајно во земјите од регионот (Словенија, Хрватска, Србија), со значително поразвиени системи на наука и високо образование, овој индекс не постои како услов при избор во звања. Сметаме дека воведувањето на овој индекс е направено без соодветна анализа, во спротивно ќе се увидеше дека од постојниот млад асистентски кадар исклучително многу мал процент го исполнуваат условот во последните 5 години нивниот h-индекс да изнесува 3 или повеќе. Меѓу другото и поради ова сметаме дека апсолутно е несоодветно за избор во доцент да се зема предвид активата само во последните 5 години. Условите за избор и реизбор на научниот кадар поцелисходно би било да се уредуваат со подзаконски акт  донесен од страна на Националниот совет, што би овозможило поголема флексибилност и прилагодување кон специфичностите на различните научни подрачја. Токму така е тоа уредено во земјите од регионот.

Второ, за продуцирање научни трудови потребно е редовно вработување на млад кадар, подобрување на инфраструктурата, соодветно, континуирано и предвидливо финансирање на научните истражувања, како и стабилна проектна поддршка – нешто што во најголем дел недостасува во државата. За жал, ниту во ЗВО, ниту во Законот за научноистражувачка дејност (ЗНД), извршната власт не се обврзува дека ќе обезбеди средства за финансирање на научноистражувачката дејност.

Поради наведеното, сметаме дека овие законски предлози наметнуваат нереални услови за избор во звања, без притоа да се обезбедат реални услови за работа.

Нелогичности и недоследности

Од една страна, се поставуваат „строги“ услови за избор во звање со цел зголемување на квалитетот, а од друга страна, се намалува најнискиот потребен просек како услов за избор во звање. Со сегашниот предлог, наместо просек од 8,00 на двата циклуси на студии одделно, предлагачот бара кумулативен просек од 8,00 од двата циклуси на студии. Со ваквото решение ќе биде можно во наставно-научно звање да биде избрано лице со остварен просек од 6,00 на додипломските студии и просек од 10 на магистерските студии.

За отворање универзитет или факултет потребно е да се исполнат голем број услови во поглед на вработен кадар, просторни капацитети, финансиски средства и сл., низ детално пропишана постапка, што е секако оправдано и логично. Од приватните ВОУ се бара и банкарска гаранција во висина од дури 70% од школарината на запишаните студенти, и за отворање, и за акредитација на студиски програми. Но, за странските ВОУ што се наоѓаат меѓу првите 500 рангирани универзитети на Шангајската листа не се бара исполнување на какви било критериуми.

Одредени студиски програми се прогласуваат за студии од јавен интерес. Јавниот интерес се врзува исклучиво со природата на сопственоста на установата, но не и со квалитетот на ВОУ, што имплицира дека само јавните ВОУ се доволно квалитетни да можат да организираат студии од јавен интерес. Колку и да е проблематична или, можеби неуставна, ваквата одредба, уште попроблематична е арбитрарноста на предлагачот во определувањето на тоа кои студиски програми ќе бидат од јавен интерес. На пример, од подрачјето на медицинските науки, за студиски програми од јавен интерес се прогласени студиите по општа медицина, ветерина, медицински сестри и акушерки, но не и студиите по дентална медицина. Наведените примери оставаат впечаток дека изготвувачите на нацрт-законот, покрај јавно декларираната цел, во креирањето на предложените решенија се воделе и од други мотиви или интереси.

Закон за научноистражувачка дејност

Во нацрт-законот за научноистражувачка дејност единствено се уредува работењето на самостојните научни установи, но не се дефинирани какви било обврски за финансирање научноистражувачки проекти. Затоа сметаме дека е нужно да се формира Фонд за наука, кој треба да биде независен од МОН, да располага со сериозен буџет, да има независна структура за стручна евалуација на проектните апликации во еден транспарентен и компетитивен процес, како и јасна стратегија за својот раст. Фондот би претставувал гаранција за активно и континуирано финансирање на научноистражувачката дејност. Во услови на обезбедени финансиски, технички и кадровски капацитети за наука, не би рекле дека критериумите за избор во звања на наставно-научниот и на научниот кадар се строги. Единственото што сега можеме да го констатираме е дека, во сегашните услови,  тие се практично невозможни за примена. НАкС поддржува дефинирање јасни услови за избор во звања, но тие треба да бидат соодветни на спецификите во разните научни подрачја и да бидат проследени со соодветни материјални и други услови за нивно исполнување.

Обезбедување квалитет во високото образование и науката

Нацрт-законот за обезбедување на квалитет во високото образование и науката алудира на достигнување на европските стандарди за квалитет на високобразовните установи, но не и на телата што треба да го оценуваат тој квалитет. Имено, Нацртот не предвидува впишување на Агенцијата за обезбедување квалитет во високото образование во Европскиот регистар за обезбедување квалитет (EQAR). Впишувањето  во овој регистар е можно единствено ако Агенцијата за квалитет, според својата поставеност и начинот на работа, биде усогласена со Стандардите и насоките за обезбедување квалитет во Европскиот простор за високо образование (ESG), што ќе резултира со зголемена стручност, ефективност и непристрасност во нејзината работа и ќе претставува вистинска реформа за зголемување на квалитетот во високото образование. За жал, воспоставена според предложениот закон, Агенцијата и нема да ги исполни условите за впишување во EQAR, бидејќи не го исполнува ниту првиот услов – независност од политиката и извршната власт, имајќи предвид дека првиот член на таа Агенција