Независниот академски синдикат (НАкС) испрати допис до Собранието на Република Северна Македонија
Денес, Независниот академски синдикат (НАкС) испрати допис до Собранието на Република Северна Македонија, во кој бараме да се усвои Законот за дополнување на Законот за исплата на платите во РСМ по скратена постапка, со што ќе се реализира најавеното покачување на платите во високото образование и наука пред распуштање на Собранието.
Потсетуваме дека на својата 131 седница, Собранието го усвои предлогот за донесување на овој закон, но за жал, од тогаш, претседателот на соодветната комисија, т-н Влатко Ѓорчев, нема закажано расправа за овој закон. Сметаме дека покачувањето од 10% кој го предвидува овој закон е значајно за унапредување на позицијата на академската заедница, а за таа цел веќе се обезбедени средства од Буџетот на РСМ за 2020 година.
Бараме процедурата за овој закон да биде откочена и Собранието да го изгласа пред да се распушти, со што ќе покаже вистинска грижа за високото образование во државата. Во спротивно, ќе биде јасно дека покачувањето на платите за вработените во високото образование е предмет на предизборна политичка игра.
Дописот е испратен до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г-н Талат Џафери и до претседателот на Комисијата за труд и социјална политика, г-н Влатко Ѓорчев.