Колеги сенатори,

Утре, 29 април, на седница на Сенатот на УКИМ се наоѓа на усвојување Етички кодекс на универзитетот, за кој уште во февруари предупредивме дека покрај другото, се заканува да ја загрози академската слобода на членовите на академската заедница при УКИМ.  Во продолжение ги изнесуваме клучните проблеми со содржината и процесот на изработка на Кодексот кои НАкС ги идентификуваше.

  • Нејасно од која причина Ректорската управа започнала со изработка на нов кодекс. Отсуствува претходна анализа, став на Ректорската управа или одлука на Сенатот, кои аргументирано ќе ја образложат потребата од нов Етички кодекс.
  • Предложениот текст главно забранува, а не регулира односи врз база на етички вредности. Тој е репресивен во неговата суштина и оневозможува квалитетна расправа и критика, која е особено важна во високообразовна институција. Според текстот, основа за покренување на постапка против прекршител на Кодексот се дела кои се подложни на арбитрарна проценка, како што се повреда на угледот на Универзитетот, неговиот интегритет, итн. Нацртот оди до таму да го имплицира за неетично синдикалното здружување и другите форми на здружување на членовите на академската заедница, во случај кога раководните органи на Универзитетот ќе се произнесат дека нивните активности го повредуваат достоинството на Универзитетот и едниците. Овие одредби претставуваат јасен обид да се спречи јавното делување на членовите на академската заедница, надвор од официјалната догма на органите на УКИМ. Со ова сериозно се загрозува правото на слобода на говор, мисла и уверување, како и се ограничува правото на слободно здружување на членовите на академската заедница. Притоа, наместо автономен универзитет кој обезбедува простор за дебата и критика во сопствената средина, УКИМ ќе се претвори во авторитарна институција, која го потиснува различното мислење.
  • Кодексот се обидува да го регулира и присуството на вработените на социјалните мрежи, со што се прави груб упад во личните права и слободи.
  • Според нацртот, комисии ќе постапуваат по претставки за прекршување на Етичкиот кодекс, без да биде предвидена постапка за докажување на евентуалните прекршувања, но и без да се предвиди правото на одбрана и жалба. Оттука, постапката треба да биде дефинирана од членовите на комисиите, кои исто така се бираат без конкретни критериуми и постапка, со што се отвора дополнителен простор за злоупотреба. Во една од комисиите се предвидува членство на генералниот секретар на Универзитетот, кој е помошен орган на ректорот, со што се става во улога да биде и тужител и судија. Потенцираме дека Универзитетската етичка комисија не смее да има допирни точки со Ректорската управа.
  • Кодексот нема одредби кои обезбедуваат основна заштита на слободата на научната мисла и слободата на говорот – основите на едно демократско општество и слободен универзитет.

Имајќи ги предвид овие сериозни недостатоци на Етичкиот кодекс, неговото изгласување ќе им овозможи простор на органите на управување да го потиснат секој став кој е различен од нивниот, обезбедувајќи едноумие низ привидна саморегулација, наместо академска слобода. Потенцираме дека заштитата на достоинството, интегритетот и академската слобода на членовите на академската заедница е услов без кој не се може во автономен и слободен универзитет.

Колеги сенатори, се наоѓате пред одлука за тоа дали ќе дозволите Етички кодекс кој е спротивен на Уставот и кој ја загрозува академската слобода, или ќе се спротивставите на предложениот текст и ќе отпочнете постапка за изготвување нов кодекс во кој ќе бидете вклучени вие и единиците на УКИМ. Заштитата на академската слобода на членовите на академската заедница е колективна обврска на сите нас.

Не дозволувајте да си ја ставиме сами ортомата на академската слобода и универзитетската автономија! Гласајте против предложениот кодекс и одбранете го интегритетот и угледот на УКИМ.

Независен академски синдикат