Истражување: Присуството на академскиот кадар и високообразовните установи во јавноста и нивното влијание врз заедницата (.pdf)
Автори: проф. д-р Мирјана Најчевска, проф. д-р Драгор Заревски, проф. д-р Бојана Наумовска, доц. д-р Бисера Станкова, м-р Љуан Имери
Опис: Влијанието на високото образование и специфично на универзитетите врз пошироката заедница, приватниот сектор и процесите на донесување одлуки во потесната и пошироката заедница е тема која, во светски размери, сè почесто се спомнува во последните дваесетина години.
Најновиот правец на развој сугерира потреба од зголемено влијание на високото образование. Во оваа смисла веќе не се зборува само за двете основни мисии на високото образование (обука и истражување) туку и за трета мисија (услуги за општеството). И обуката и истражувањето имаат директно и индиректно влијание врз општествениот развој и развојот на конкретната заедница (со обука на кадри, нови откритија, кумулација на знаења,…), меѓутоа, непосредното влијание најмногу се остварува преку третата мисија – услуги за општеството. Потребата од директно и видливо влијание на високото образование/универзитетите врз развојот на заедницата (услужната дејност на високото образование) се аргументира со:
• Потребата од справување со комплексните проблеми со кои се соочува современиот свет
преку донесување политики базирани на податоци кои произлегуваат од научни истражувања;
• Потребата од поддршка и развој на економијата и операционализација на целите на
одржливиот развој (овозможено од страна на државните институции);
• Развивање на „ангажирани“ универзитети кои се аниматори на развојот и директни учесници во социоопштествените процеси.