За НАкС
Независниот академски синдикат (НАкС) е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се зачленуваат вработените во високообразовни установи, научни установи и во други сродни правни лица, државјани на Република Северна Македонија.
НАкС е формиран со цел неговите членови на организиран начин да ги изразуваат и остваруваат своите посебни и колективни интереси, да ги подобрат своите професионални, економски, социјални, културни и други општествени интереси, како и правата од работен однос и правото на синдикално организирање.
НАкС се залага за подобрување на квалитетот на високото образование и науката, почитување на универзитетската автономија, враќање на дигнитетот на академската заедница, подобрување на нејзиниот општествен и социјален статус, овозможување соодветни услови за реализација на образовната дејност, научните истражувања и уметничкото творештво.
Историјат на НАкС
Независниот академски синдикат е формиран во 2016 година на иницијатива на членови од Професорскиот пленум и оттогаш Синдикатот континуирано учествува во креирањето на јавните политики во високото образование и науката, презема активности за актуелизирање на наталожените проблеми во јавноста и нуди решенија врз основа на истражувања и анализи.
Основачкото собрание на НАкС е одржано во јануари 2016 година кога е усвоен статутот на синдикатот, а за в.д претседателка на Синдикатот беше избрана проф. м-р Маја Стевановиќ. Својот прв конгрес Синдикатот го одржа во септември 2016 година, кога за претседателка на Синдикатот беше реизбрана проф. м-р Маја Стевановиќ. Во октомври 2020 година НАкС го одржа Вториот конгрес под мотото: Крајно време е за наука. На конгресот беа усвоени промени во статутот, а за претседателка беше избрана проф. д-р Елена Џукеска. Во 2023 година за в.д. претседател на Синдикатот е избран проф. д-р Виктор Стефов. Во ноември 2024 година НАкС го одржа Третиот конгрес на кој за претседател беше избран проф. д-р Драгор Заревски.
НАкС учествуваше во креирањето на Законот за високо образование донесен во 2018 година, а неговите членови дадоа придонес и во процесот на јавна расправа и усвојување на новиот Статут на УКИМ. Со поддршка од ФООМ, НАкС реализира проекти за универзитетската автономија и финансиската отчетност и транспарентност во високото образование. НАкС е првиот синдикат кој иницираше потпишување на Колективен договор (.pdf) во областа на високото образование и науката. НАкС е потписник на Повелбата за солидарност и соработува со другите синдикати за унапредување на правата на сите работници во Република Северна Македонија.
Независниот академски синдикат се залага за доследна одбрана на достоинството на своите членови, како и за нивна постојана и сеопфатна синдикална заштита, што вклучува:
- заштита на личниот, професионалниот и стручниот интегритет;
- заштита на правата што произлегуваат од работен однос;
- подобрување на условите за работа и заштита при работа;
- подобрување на условите за професионален развој, како и унапредување и заштита на интелектуалната работа и творештвото;
- остварување други цели и интереси на членовите.
НАкС има солидарен фонд и овозможува бесплатна правна помош за заштита на правата на членовите во случај на работен спор. За остварување на овие цели НАкС ги информира и обучува членовите на синдикатот за нивните права, ги застапува нивните интереси пред надлежните органи и институции, иницира промени во правните акти од интерес на академската заедница, преговара со работодавачите, соработува со други синдикати и презема други активности.